Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека се преземаат сите потребни напори за Турција да продолжи со економскиот раст и прогрес, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Одлучни сме нашата земја да ја насочиме во нов период на подем на екомонијата и демократијата“, изјави Ердоган во обраќањето на 18. саем МУСАИД ЕКСПО во Истанбул, на кој оваа година присуствуваат ограничен број на официјални претставници и бизнисмени поради пандемијата на Ковид-19.

„Одлучни сме сегашните процеси да ги претвориме во можности, користејќи ги моменталните услови на најдобар можен начин“, додаде Ердоган и ги повика граѓаните, заштедата од странство да ја пренесат во Турција.

Посебно го нагласи значењето на инвестициите кои насочени кон поголемо производство во земјата.

„Турција ги интензивира домашните и странските инвестиции кои носат трајни резултати во производството и вработувањето“, изјави турскиот претседател, изразувајќи надеж дека Турција по пандемијата на Ковид-19 ќе биде уште посилна.

„Се обидуваме да го заштитиме здравјето на нашиот народ и да обезбедиме производството и вработувањето да продолжат без прекин. Верувам дека тие две работи можеме да ги постигнеме и да излеземе од оваа пандемија уште посилни“, изјави Ердоган.

Тој нагласи дека турските власти ги прават сите потребни напори и пружаат поддршка на бизнисмените за да ги ублажат последиците од глобалната пандемија.

„Нашата држава ги мобилизира сите ресурси и капацитети за да ги одржи производството, извозот, трговијата и вработувањето. На овој начин обезбедивме помош и ресурси на сите сегменти од општеството, од деловниот свет до нашите занаетчии, работници и граѓани во потреба“, изјави Ердоган и истакна дека со соработката и солидарноста 83 милиони жители на Турција ќе ги пребродат сите потешкотии.

Тој истакна дека со тоа во наредниот период Министерството за трезор и финансии, Централната банка и другите јавни институции и приватниот сектор ќе имаат уште посилна соработка и координација, додавајќи дека моментално работат на подготовките кои додатно ќе ги зајакнат економските политики, ќе го подигнат нивото на демократија и слободата и ќе доведат до олеснување во секојдневниот живот на нацијата.

„Спроведовме веќе голем број реформи на полето економија со кои ги зајакнавме макроекономските изгледи на нашата земја. Никогаш не застанувавме со реформите. Никогаш не останувавме без волја за промена“, изјави Ердоган.

Тој потсети дека со сеопфатните мерки и прописи во економијата е постигнато Турција да напредува со 27 места на Индексот на лесно деловно работење и да го заземе 33. место од 190 земји, додавајќи дека сега се подготвуваат за нови реформи и нови економски исчекори.

„Императив е Турција да ја извлечеме од спиралата на камати, инфлација и девизен курс. Во спротивно, ќе мора непрекинато да живее во расправија и да ја плаќа цената на тоа. Секогаш тоа го велам, но и денеска повторувам: каматата е причинител, а инфлацијата последица“, изјави Ердоган, додавајќи дека турските власти ќе сторат сѐ во наредниот период за да ги отстранат овие економски потешкотии.

Тој истакна дека е многу важно што повеќе луѓе да влегуваат во земјата за да може да се продолжи со економскиот прогрес.

„Ако имате пари, следува вложување. Ако имате пари, следува вработување. Ако имате пари, следува производство. Ако имате пари, следува производство и извоз, а кога ќе го активираме овој четирикратен механизам, верувам дека сите заедно ќе одиме напред. Со мобилизација на локални и меѓународни претприемачи ќе обезбедиме да се забрзаат инвестициите кои ќе донесат трајни резултати во производството и вработувањето“, изјави Ердоган.