Австралиските воени власти започнаа постапка за отпуштање на припадниците на елитните полкови на специјалните единици вклучени во убиството на 39 авганистански цивили, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Како што наведуваат локалните медиуми, припадниците на специјалните сили кои учествуваа во воените злосторства во Авганистан, примиле известување за откажување на договорот во Министерството за одбрана.

„Министерството за одбрана може да потврди дека започнало правна постапка против одреден број припадници на австралиските одбранбени сили во согласност со законот и нашата одбранбена политика“, се наведува во соопштението.

Минатата недела австралиските власти ги објавија деталите за истрагата за најмалку 39 инциденти на цивилни убиства од страна на нивните специјални единици во Авганистан.

Извештајот за Бретон, нарачан од генералниот инспектор на австралиските одбранбени сили, откри веродостојни информации дека австралиските војници убиле цивили и затвореници во Авганистан.

Во извештајот се вели дека 25 члена на сегашниот или поранешниот персонал биле вклучени во сериозни кривични дела или извршувале прекршоци или биле вмешани во инцидентите.

Минатата недела, шефот на австралиските одбранбени сили, генерал Ангус Кембел, побара извинување од Авганистанците, при што ги сподели застрашувачките детали од истрагата.

„На народот во Авганистан, во име на австралиските одбранбени сили, искрено и безрезервно им се извинувам за какво било злосторство од страна на австралиските војници. Разговарав директно со мојот авганистански колега, генерал [Јасин] Зија, за да му ја пренесам оваа порака“, рече тој во телевизиски говор.