Иранските поморски сили започнаа ракетни воени вежби во Заливот на Оман, објави новинската агенција Мехр.

Вежбите ќе се одржат со поддршка на други воени единици и ќе траат два дена.

Претходно, Корпусот на исламската револуционерна гарда, кој е дел од целокупните ирански вооружени сили (втора компонента е иранската армија), ја стави во функција подземна ракетна база на брегот на Персискиот залив, за што веќе објавивме.

Потсетуваме: во тек се тензии меѓу САД и Иран, кои честопати ги поттикнуваат медиумите, во врска со неодамнешната годишнина од атентатот врз иранскиот генерал Касем Солеимани на аеродромот во Багдад (3 јануари 2020 година), но и шпекулациите дека американската администрација во заминување предводена од Доналд Трамп може да го нападне Иран пред истекот на нејзиниот мандат на 20 јануари.

Тензиите се зголемуваат и со распоредување на американските поморски сили, вклучително и носачот на авиони УСС Нимиц во и околу Персискиот Залив, како и со ирански воени вежби и нивно демонстрирање моќ. Се разбира, израелскиот фактор е традиционално многу присутен во сето ова, како и непријателските односи меѓу Техеран од една страна и Ријад и Абу Даби од друга страна.