Најголем број на граѓани или 1.621 донеле одлука да се стекнат со друго државјанство во 2018 година. Најмал број пак е забележан во 2011 година. Најчесто граѓаните се откажуваат од македонскиот пасош, поради тоа што некои држави имаат политика да не дозволуваат две државјанства.

Во изминатата деценија 14.076 граѓани се откажале од македонското државјанство со цел да се стекнат со пасош од друга земја. Бројката секоја година се движи од 1000 до 1700 лица, а во просек изнесува 1173. Најголем број на граѓани или 1.621 донеле одлука да се стекнат со друго државјанство во 2018 година. Најмал број пак е забележан во 2011 година.

Драгана Ќориќ која долги години живее и работи во Чешка е среќна што не мора да биде дел од оваа статистика. Иако ја започнала процедурата за чешко државјанство, таа нема да го загуби македонското.

„Со тоа што овде живеам веќе 10 години имам можност да аплицирам за чешко државјанство. Откако ќе го добијам чешкото државјанство ми се отвора пазарот на труд во ЕУ. Со тоа што работам во хотелскиот бизнис, мојата работа е доста флексибилна и доколку би имала можност во иднина да се преселам во било која земја во ЕУ би било многу полесно со чешкото државјанство, отколку со македонското. Имам среќа што Македонија и Чешка дозволуваат двојно државјанство. Меѓутоа не сум сигурна дали би аплицирала за чешко, доколку би го загубила македонското државјанство“, вели Ќориќ.

Социологот Хасан Јашари вели дека бројката е загрижувачка, особено што луѓето најпрвин се иселуваат индивидуално, а потоа го вклучуваат и своето семејство. Најчесто проблемот е што некои држави имаат политика да не дозволуваат две државјанства.

„Тоа е резултат на капитализмот и политиките кои ги водат тие држави за да имаат подготвена, специјализирана и школувана работна сила која ќе ја користат подолг период. Трајно да се населат на пример да речеме во Германија и потоа да не размислуваат дека по 5, 6 или 10 години како Полјаците, Унгарците и Словаците да се вратат во нивните матични држави. Значи создаваат услови тие да се откажат од државјанството, а да бидат корисни за германската економија еден подолг период“, вели Јашари.

Повеќе на РСЕ