По националната, полицијата ќе побара од судот да издаде наредба и за меѓународна потерница за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков откако судот побара тој да биде во куќен притвор до изрекување на пресудата в петок.

Полицијата трага по Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК, откако судот издаде решение тој да биде во куќен притвор до изрекување на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина” в петок. Од Министерството за внатрешни работи велат дека се преземаат мерки и активности за негово наоѓање и дека е распишана национална потерница. На нашето прашање дали ќе биде распишана и меѓународна потерница од полицијата одговорија:

„Бидејќи од досега преземените мерки и активности лицето не е пронајдено, ќе го известиме судот и ќе побараме да биде издадена наредба за распишување на меѓународна потерница“, ни одговорија од МВР.

Од Кривичниот суд пак, појаснуваат дека барањето за притвор за Сашо Мијалков од Јавното обвинителството било поднесено вчера, во 15 часот.

„Откако е утврдено дека надлежен за постапување по предлогот е Кривичниот совет при Oдделението за организиран криминал и корупција, а имајќи ја предвид итноста на постапката, иако судот законски имал рок од 24 часа да одлучува со оглед да предлогот е поднесен за време на викенд, советот во корелација со документацијата за сомневањето за бегство приложена од обвинителството со прилог известување доставени од Бирото за јавна безбедност при МВР, веднаш започна со постапување и донесе решение со кое на обвинетиот му определи мерка куќен притвор со 24 часовен надзор како и видео и електронски надзор, а во 18:30 часот решението веќе беше испратено до МВР како надлежни за понатамошно постапување“, се вели во денешното соопштение од Кривичниот суд.

Инаку, Мијалков е еден од дванаесетте обвинети за нелегалното прислушување на над 20 илјади граѓани во периодот од 2008 до 2015 година. Обвинителката Ленче Ристеска во завршниот збор за него побара максимална казна, но не побара негово обезбедување до изрекувањето на првостепената пресудата.

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека е разочаран што се случи уште едно бегство, додавајќи дека ќе побара детали за истрагата и случајот да биде расветлен во најбрз можен рок.

„Разочарани сме што тој се уште не е пронајден. Барам институциите да постапат согласно законот. Убеден сум дека тоа може да се спроведе. Очекувам детални информации и детали и истрага за самиот случај. Нашиот народ очекува расветлување оваа ситуација. Ќе побараме одговорност кога ќе ги знаеме деталите“, истакна Заев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пак побара „оставка од Владата веднаш“, порачувајќи дека „мафијата има своја држава“.

Повеќе на РСЕ