Претседателот на Турција и претседател на АК Партијата, Реџеп Таип Ердоган, рече: „Ние сме и во Џуди, ние сме и во Габар, ние сме и во Тендурек, ние сме во Бестлер-Дерелер. Секаде каде што има терористи, ние сме таму“, јавува Агенција Анадолија (АА).

Ердоган присуствуваше на 7-от редовен конгрес на измирскиот огранок на АК Партијата, што се одржа на стадионот „Ѓурсел Аксел“.

Говорот на Ердоган во Измир истовремено беше пренесуван и на конгресите на партијата во градот Невшехир и во градот Хакќари.

Претседателот Ердоган во својот говор нагласи: „И Измир е наш, и Невшехир е наш и Хакќари е наш.“

Наведувајќи дека оние што виделе дека не можат да ја нападнат оваа сакана земја со своите војски, користат нови алатки со подмолни методи, Ердоган рече:

„Теророт е најсуров, најкрвав од овие алатки. Хакќари е една од нашите области кои страдаат најмногу од тероризмот. Во Измир, живеат многу граѓани кои мигрирале од источна и југоисточна Анадолија поради терористичките напади.“

Потсетувајќи дека ќе одржат меѓународна конференција за миграција во Измир, Ердоган додаде:

„Во ниту едно место во светот не можете да видите интелектуалци, невладини организации, политички партии, кои бранат терористички организации и ги поддржуваат нивните политички крила. За жал, ваквиот валкан менталитет секогаш постоел во нашата земја, а постои и денес.“

Ердоган, нагласувајќи дека тие стојат покрај оние што ја штитат својата држава, а не со мрачните сили што ѝ помагаат на терористичката организација, рече:

„Ние сме и во Џуди, ние сме и во Габар, ние сме и во Тендурек, ние сме во Бестлер-Дерелер. Секаде каде што има терористи, ние сме таму. Тие места станаа гробишта за нив. Тогаш зборувавме за десетици илјади терористи, денес за стотици.“

Потсетувајќи дека кога дошле на власт долгот кон Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) на земјата изнесувал 23,5 милијарди долари, Ердоган рече дека во мај 2013 година долгот е вратен целосно.

Одговарајќи на тврдењата на опозицијата дека девизните резерви на земјата се празни, претседателот Ердоган нагласи:

„Кога стапивме на функција, Централната банка имаше 27,5 милијарди долари девизни резерви, сега имаме 95 милијарди долари девизни резерви, но ќе кажам уште една бројка. Кога бев премиер девизните резерви се искачија на 132 милијарди долари. Потоа имавме намалување. Што значи тоа? Тоа значи дека ние повторно ќе се искачиме на 132 милиони долари, ќе се искачиме и на 200. Затоа што ние си ја знаеме работата.“