Жителите на холандското село Мерсен биле шокирани откако од небото започнале да паѓаат низа на „жешки“ делови од авион, оштетувајќи автомобили и домови и полесно повредиле жена и дете. Металните парчиња паднале од карго авион „Боинг 747-400“, кој полетал од аеродромот во Мастрихт кон Њујорк во саботата нешто по 16 часот, пренесува холандскиот портал „Дачњуз“.

 

Очевидци велат дека слушнале силни удари и забележале пламен како излегува од еден од моторите на авионот пред да побегнат во засолништето додека металните делови го зафатиле селото. Неколку автомобили и кровови биле оштетени од метал, за кој се вели дека „светел“ при ударот во земјата. Авионот слета итно во Лиеж, Белгија.

Аеродромската полиција и холандскиот комитет за безбедност (ОВВ) отворија истрага во обид да утврдат што се случило.

Инцидент во Денвер, делови од авион паѓаа врз предградие

Сличен инцидент се случи во САД, исто така во саботата, кога се запалил моторот на „Боингот 777“ на компанијата „Јунајтед ерлајнс“, а делови од авионот паѓале во периферијата на Денвер.