Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган изјави дека Западот денес го зема за пример здравствениот систем на Турција, јавува Агенција Анадолија (АА)

Ердоган денес говореше на редовниот состанок на пратениците во парламентот во името на Партијатана правдата и развојот (АК Партија) во Анкара.

Говорејќи за напредокот на Турција кој е остварен во областа на здравствениот систем, Ердоган напомена дека во неговата земја, не така одмна, на тој план била тешка ситуацијата.

„Му благодарам на Бога, сега имаме беспрекорни болници. Секој наш граѓанин има доверба во нашиот здравствен систем и секој ден е се посилен. Западот моментално го зема за пример здравствениот систем на Турција”, заклучи Ердоган.

Турскиот претседател говореше и за борбата против тероризмот, Ердоган порача дека владејачката АК Партија, односно Народниот сојуз, кој го сочинуваат АК Партија и Партијата за национално движење (МХП), ќе ја продолжи борбата против тероризмот се додека не се елиминира и последниот терорист.

Ердоган рече дека сите земји треба да ја поддржат оправданата борба на Турција против тероризмот.

„Ги повикуваме сите кои имаат принципи и чест да ја поддржат легитимната борба и пристап на Турција кон тероризмот”, изјави Ердоган.

„Но земјите кои ја квалификуваат ова борба со зборовите како што се „но“ или „меѓутоа“, прават опасна грешка”, додаде тој.

„Антитерористичките операции, како и хуманитарните мисии во Турција и надвор од нејзините граници, се легитимно право на земјата“, појасни Ердоган.

– „Огнот што нема да го изгаснеш, еден ден ќе те изгори“ –

Во врска со солидарноста надвор од границите, Ердоган рече: „ И понатаму ќе бидеме покрај секој наш брат и сестра од Балканот до Туркистан, од Кафказ до Африка”, порача турскиот претседател.

Тој исто така нагласи дека Турција со години им обрнувала внимание на своите западни пријатели за борбата против тероризмот, велејќи: „Ако не го изгаснете огнот на теророт таму каде што го гледате, еден ден сигурно ќе се прошири и на вас.“

„И покрај ова, истите грешки сè уште се повторуваат. Тука сите ја гледаме судбината на оние кои не нè слушаат“, рече Ердоган.

„Не сакаме ниту да размислуваме за иднината на овие земји, чии улици се покриени со оган и крв, чии парламенти се окупирани и кои се потресени од расизам и исламофобија“, додаде турскиот претседател.

„Земјите кои претпочитаат да соработуваат со терористите со крвав ум отколку со Турција, една од најстарите земји во светот, ќе се изгубат во црна дупка, доколку не го променат својот менталитет“, истакна Ердоган.

Турција веќе долго време е исфрустрирана од недостигот на соработка со западните земји во нејзината борба против терористите, вклучувајќи ги ЈПГ/ПКК.

Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.