Холандскиот парламент во четвртокот усвои необврзувачка резолуција со која Кина се обвинува за геноцид врз Ујгурите во Ксинџијанг. За прв пат парламентот на една европска земја донесе ваква резолуција.Потсетуваме, Стејт департментот во последните денови од администрацијата на Трамп посочи дека Кина спроведува геноцид врз Ујгурите во најзападната кинеска провинција Синџијанг каде најмалку еден милион Ујгури и други муслимани се притворени во логори Групи за човекови права, активисти и мислители тврдат дека кинеските власти ги мачат притворените, додека Пекинг тврди дека ова се „кампови за превоспитување“ за тероризам.

„Геноцидот врз малцинството Ујгури се одвива во Кина“, се вели во резолуцијата, но не се вели дека кинеската влада е одговорна. Претходно оваа недела, Канада донесе слична резолуција. Кинеската амбасада во Холандија соопшти дека ова е „очигледна лага“ и дека Холандија се меша во „внатрешните работи на Кина“. Претставниците на ВВД, владејачката конзервативна партија на премиерот Марк Руте, гласаа против резолуцијата, додека министерот за надворешни работи Стеф Блок рече дека владата не го користи терминот геноцид, бидејќи Обединетите нации и меѓународните судови не прогласија геноцид во Ксинџијанг. Сепак, тој рече дека „ситуацијата со Ујгурите предизвикува голема загриженост“.