Владини претставници денеска разговараат со медиумски здруженија за идејата со законски измени да се дозволат владини кампањи да се емитуваат во медиумите. Новинарите бараат тоа да биде бесплатно, затоа што стравуваат од злоупотреби, додека сопствениците на телевизиите сакаат тоа да го наплатат.

„Биди одговорен, остани дома“, „Сакаш повторно да гушкаш? Од тебе зависи“, „Сите сме во ова заедно, ајде да го сопреме ширењето на ковид-19“.

Вакви кампањи, со кои се подига свеста кај граѓаните за ковид-19, може да се видат во медиумите во регионот, но и во светот, без разлика дали се приватни или се јавни сервиси. Кај нас вакви пораки може да се видат само на јавниот сервис, но не и на приватните медиуми, оти од пред неколку години со закон е забрането владино рекламирање во медиумите.

Според Директивата за радиодифузни медиумски услуги на Европскиот парламент и на Европскиот Совет од 2010 година „соопштенијата за јавни услуги“ кои се користат за промоција на јавните политики, претставуваат некомерцијални (бесплатни) реклами или огласи наменети за информирање на јавноста за конкретно прашање или општествен проблем. Тука најчесто спаѓаат кампањите за јавното здравство (против пушењето, алкохолот, користењето дрога), екологијата (загадувањето), образованието, јавната безбедност и за нив медиумите отстапуваат бесплатен простор и време во рамките на нивната програма за обезбедување на услуги во заедницата.

На пример, британскиот Канал 4 направи графика со натпис „остани дома“ која што беше емитувана во текот на целата програма. Спортисти се приклучија во кампањата на спортскиот канал Скај спорт со која ги повикуваше љубителите на спортот да продолжат да спортуваат во време на пандемијата, но тоа да го прават сами или во своите домови.

Телевизијата Скај како дел од својата програма направи едукативна рубрика „Учи од дома“ достапна за најмладите гледачи на телевизија, со цел да им помогне во образовниот процес на семејствата кои мораа да поминуваат поголем дел од времето дома.

Гледаноста на телевизиите во изминатава година на светско ниво скокна за 20 проценти во просек, покажуваат податоците од извештајот „Трендови на рекламни кампањеи за време на пандемијата со ковид-19“.

Владата размислува за финансирање реклами во медиумите

Повеќе на РСЕ