Пишува: Др.Оливер Бојчески
Пишува:Др.Оливер Бојчески

Незнам дали навистина се случило или само е народна приказна, но знам дека ја слушнав од дедо ми, во оние зимски ноќи на безгрижно детство кога снежната белина го прекриваше моето село а ние со големо внимание ги слушавме приказните од нашите дедовци и баби покрај огништата на нашите сигурни и топли домови.

Приказната ни беше многу смешна(комична) но и за таква и како таква ја раскажуваше дедоми. Можеби за тоа време беше и таква, ама за денешно време и сега кога ја пишувам повеќе ми е трагична или ајде да речеме трагикомична.

Бев и сум голем љубител на старите и добри македонски приказни зошто се преполни со народни мудрости а можеби ако и денес истите се снимаа во оној препознатлив стил сигурно ќе им ја препорачав и раскажев оваа приказна за да се снима една нова епизода. Главната улога би препорачал да ја имаат покојните актерски великани, Ванчо Петрушески во улога на ,,стројникот,, и Ѓорѓи Колозов во улога на ,,таткото на невестата,,.

Ќе пробам во најкратки црти да Ви го раскажам сценариото а Вие драги читатели пробајте да ги замислите овие актери во нивната глума какви што ги познавате.

,, Постоела голема љубов помеѓу едно момче и една девојка. Толку многу се сакале што решиле да се земат и животот да ги поминат заедно. Но и покрај нивната голема љубов постоела една многу поголема пречка. Девојката потекнувала од богато и отмено семејство а момчето било од многу сиромашно семејство.  Во тоа време богатите се земале со богатите а сиромашните со сиромашни. Таткото од девојката не го знаел потеклото и имашноста на момчето а девојката се плашела дека ако таткото разбере за сиромаштијата на момчето тогаш нема да ја даде за него. Момчето жалело,  ја проколнувало сиромаштијата но и барало начин и размислувал како да дојде до девојката односно до нејзиниот татко. Еден ден,  неговиот кум   ( во улога на Ванчо Петрушески) ја видел загриженоста и беспомошноста на момчето.

– Оставиме мене, јас ќе ти бидам стројник и ќе ти ја донесам невестата во шареното одајче.

И заминал во соседното село во богатата куќа на таткото на невестата.

Оставам на Вас читателите да го замислите сценариото на приемот на стројникот во богатата куќа на таткото на девојката (во улога на Ѓорѓи Колозов). А јас ќе го напишам нивниот дијалог.

– Пријателе, редно е да кажам нешто убаво за момчето, дека е тамам за твојата ќерка и со тоа и твој зет.

-Тогаш пријателе кажи, да слушнам но и да избројам (земајќи ги бројаникот во својата рака).

Еве вака пријателе, јас ќе кажувам а ти пребројувај, мери и одмерувај…

-Да се има куќа со три чардаци, убо е?! (стројникот)

-Убо е (таткото)

-Да се имат пет амбари жито, убо е?! (стројникот)

-Убо е (таткото)

-Да се имат еден чуп со златници, убо е?! (стројникот)

-Убо е (таткото)

-Да се имат 5 хектари ниви, убо е?! (стројникот)

-Убо е  (таткото)

-Да се имат 100 грла овци, убо е?! (стројникот)

-Убо е (таткото)

-Да се имат еден куп измеќари, убо е?! (стројникот)

-Убо е (таткото)

-Да набројувам пријателе или доста е, тука ајде да си пуштиме рака.            (строникот ја дава раката на задоволниот татко)

Дошло и времето кога таткото ја посетува ќерката и зетот во нивната куќа а пречекот го прави стројникот.

Изненаден таткото од сиромаштијата во куќата, збунето и нервозно во стилот на Ѓорѓи Колозов, го прашува стројникот

-Абе пријателе, што е ова? Па нели рече – да се имат куќа со три чардаци, пет амбари жито, ќуп со златници… убо е?!

Со посебна насмевка својствена само на улогата на Ванчо Петрушески, ќе одговори

-Па да де, пријателе, убо е. Јас не реков дека имат, туку да се имат-Убо е ?!

П.С.   Мој драг народе, еве, им ја дадовме улогата на глумците, но што мислите во која улога сме ние Народот – на Ванчо Петрушески или на Ѓорѓи Колозов.

Туку  да си поставам уште едно прашање за крај, а Вие слободно продолжете си до бескрај…

“ Да се имат нормална држава – убо е? “