Британската куќа „Сотбис“ (Sotheby’s) на аукција го продаде реткиот портрет на османлискиот султан Сулејман Величествениот за 350.000 фунти (481.320 долари), јавува Агенција Анадолија (АА).

Аукцијата под назив „Исламски свет и индиска уметност“ е одржана на онлајн платформата и тоа преку телефонски понуди, а на заинтересираните купувачи им е понудена колекција од вкупно 183 вредни предмети.

Под реден број 60, со почетна цена од 60.000 фунти (82.500 долари), е понуден реткиот портрет на османлискиот султан Сулејман Величествениот. Портретот од 16 век е продаден за цена од 350.000 фунти (481.320 долари).

Идентитетот на купувачот не е откриен, но е откриено дека за тој портрет со сите потребни даноци на крајот ќе плати 438.000 фунти (602.300 долари).

Паралелно со тоа, на денешната аукција за 60.000 фунти (82.500 долари) е продаден и портрет на османлиската принцеза Михримах Султан, која беше ќерка на султанот Сулејман Величествениот и неговата сопруга Хурем Султан. И тој портрет се смета за ретка уметност од почетокот на 17 век.

Цената за која е продаден портретот на Сулејман Величествениот ги надмина очекувањата на аукциската куќа, која проценуваше дека продажбата би можела да достигне цена меѓу 80.000 и 120.000 фунти.

Аукциската куќа наведе дека портретот бил дел од една семејна колекција во Франција од 19 век, а сличен е на еден од двата портрети од 16 век, на кои султанот би можело да има околу 43 години.

Се поврзува со портретот што му се припишува на Кристофано дел Алтисимо, италијански сликар познат по копирањето дела на други уметници, во галеријата „Уфизи“ во Фиренца и со помал портрет од колекцијата на надвојводата Фердинанд II изложен во Музејот на историја на уметноста (Kunsthistorisches) во Виена.

„Оваа слика е новопронајдена слична верзија, на која е прикажан Сулејман Законодавецот – Кануни Сулејман, како што го нарекуваат во Турција (1494-1566), на која наводно е насликан на своите 43 години“, се наведува во каталогот на аукциската куќа и се додава:

„Ова е отприлика во времето кога го освои Ирак од Сафавид од Иран и ја победи флотата што ја собраа папата и неговите сојузници во битката кај Превез.“

„Сликата е прозорец во наратив на уметничката размена меѓу Венеција и Отоманското Царство во 1530 година“, се наведува од „Сотбис“.

Сулејман Величествениот владееше 46 години, од 1520 до 1566 година. На османлискиот престол се задржа најдолго од сите султани и се смета за еден од најголемите османлиски челници.