Шар Планина ќе биде прогласена за Национален парк, а тоа владата го потврдува со усвојувањето на предлог-законот кој веќе е доставен во Собранието и набргу се очекува негово донесување, пишува Слободна Европа.

Истражувањата на Македонското еколошко друштво (МЕД) покажуваат дека жителите од Полошкиот регион ја поддржуваат идејата Шар Планина да биде прогласена за Национален парк, а од министерството за животна средина велат дека на граѓаните треба да им се објасни значењето на заштитените зони.

Тоа нема да значи буквален прекин на секакви човечки активности, туку признавање на постоење на единствено богатство во еден регион и нудење начин за негово сочувување. Клучни наоди се дека расте свеста кај граѓаните за зачувување на севкупната природа на Шара: шумите, растителниот свет, питката вода, флората и фауната, дивечот и другите животни.

Според жителите, акцент треба да биде ставен на заштитата на шумите, а „строга забрана“ сметаат дека треба да се воведе за активности како лов, градење и сечење дрва.

Иницијативата за прогласување на Шара за национален парк е започната пред повеќе од 20 години. Во меѓувреме, природата на планината беше уништувана со сеча на шумите, но и со бројни проекти за изградба на мали хидроцентрали одобрени од државата.

Прогласувањето ќе значи заштита на природното богатство на планината каде се регистрирани 1.260 видови и растенија, од кои 32 ендемски и вкупно 30 езера од кои 21 се постојани во текот на целата година, бројка која Шара ја прави трета на Балканот, според официјалните податоци.

Шарпланинскиот масив се протега во северозападниот дел на Македонија и на територијата на јужниот дел на Косово, кој е прогласен за Национален парк уште во 1986 година.

Процесот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк е во завршна фаза и се очекува да се реализира до мај.

Vecerpress