АНКАРА (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Турција е посветена на развивањето на односите со земјите низ светот врз основа на правата и правдата, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Особено со оние со кои имаме блиски односи, како што се Европската Унија, САД, Русија, Иран, централноазиските земји и арапскиот свет, посветени сме да ги развиваме нашите односи со сите врз основа на правата и правдата“, изјави Ердоган пред парламентарната група на турската владејачка Партија за правда и развој во Анкара.

Ердоган потсети дека во текот на изминатите две децении бројот на странски мисии на Турција во светот значително се зголемил, од 163 во 2002 година на 251 годинава.

„Активно работиме да најдеме трајно решение во секој кризен регион, од Сирија до Либија, од Источен Медитеран до Егејското Море, од Кипар до Нагорно Карабах“, рече тој.

Ердоган додаде дека Турција продолжува да вложува максимални напори за нејзиниот сосед Сирија за обезбедување мир, доверба и стабилност, засновани врз територијалниот интегритет и националното единство.

Сирија е заробена во жестока граѓанска војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал Асад презеде мерки со неочекувана свирепост кон продемократските протести.

Според податоците на ОН, стотици илјади луѓе оттогаш се убиени, а повеќе од 10 милиони се раселени.

Турција долго време е главен играч во мировните иницијативи, вклучувајќи го Процесот во Астана и напорите за прекин на огнот со Русија.

Инаку, Турција згрижи 3,6 милиони сириски бегалци, најмногу од која било друга земја во светот.

Anadolu Agency