Актуелниот европски првак Баерн Минхен, го претрпе првиот пораз сезонава во Лигата на шампиони (ЛШ), откако вечерва загуби на домашен терен од ПСЖ со 3:2, додека Челзи на неутрален терен триумфираше во првиот четвртфинален натпревар против Порто со 2:0 (1:0).

На гостувањето во Минхен, фудбалерите на ПСЖ по само половина час игра имаа два гола предност преку Килијан Мбапе (3. минута) и Маркињос (28), а двоен асистент беше Нејмар.

Германскиот шампион, во чиј редови го немаше најдобриот стрелец Роберт Левандовски поради повреда, намали преку Максим Чупо-Мотинг (37), а Томас Милер донесе израмнување по еден час игра.

Сепак, францускиот првак со вториот гол на натпреварот на Мбапе во 86. минута обезбеди предност пред реваншот во четвртфиналната пресметка со Баерн на 13 април во Париз,

Челзи направи голем чекор кон пласман во полуфиналето, откако на неутрален терен во Севиља триумфираше над португалскиот првак со головите на Мејсон Маунт (32) и Бен Чилвел (85).

Во двата вчерашни натпревари, Реал Мадрид триумфираше над Ливерпул со 3:1, додека Манчестер сити ја совлада Борусија Дортмунд со 2:1.