seko

Нашите и вашите – Дек(A)шер колумна за в торба

sekoНашите и вашите

          Почитувани. Оваа колумна со наслов “нашите и вашите“ е посветена на третата декада од најубавиот месец во годината а третира тема од два/три настани кои го привлекоа моето внимание и ме инспирираа на вакво размислување. Заедничкото бугарско-македонско чествуванње на денот на сесловенската писменост во Рим, отворањето на спомен домот на Али Риза во Коџаџик и финалето на Лигата на шампионите во Лисабон.

Ќе почнам со “најважната споредна“, со фудбалот. Не сум некој експерт за фудбалот ниту го сакам толку многу како музиката на пример. Некогаш го сакав повеќе, бев голем фан на нашата Црвена Звезда и нашата Yu-репрезентација. Сум гледал во живо многу натпревари на кои играле големите наши асови на Југославија, од легендарниот Џајиќ, Попивода, Шурјак, Хаџиабдиќ…, до оние наши звездаши кои се закитија со титулата клупски светски прваци како Шабанаџовиќ, Белодедиќ, Просинечки, Савичевиќ, Панчев… Но многу сегашни фанови на Реал, Барса, Милан или Бајерн,“експерти“, кои за своето познавање и “љубовта“ кон фудбалот треба да бидат благодарни на кладилниците, знаат да ме извадат од колосек со нивните коментари и меѓусебните жестоки расправи за “нашите“ и “вашите“ т.е. нивните клубови. Ајде ти се молам, кои наши кои ваши? Некои од нив ни на карта не знаат каде е Мадрид или Барселона, никој не гледал натпревар освен на телевизија, а многу од нив ни на тв. не гледа фудбал, туку само “чека резултат“ со ливчето во рака. И тој ми зборува за “нашиот“ Реал или “вашиот“ Интер. Зборат за наши и ваши.

Така ти е тоа овде на Балканот. Сите се “наши“ освен нашите. Можеби сум конзервативен и старомоден по однос на тоа прашање, не и ксенофобичен или еврофобичен, но не можам да го разберам тоа “наши и ваши“ и таа навивачка еуфорија кога станува збор за европските фудбалски гиганти.  И ние на времето бевме еуфорични кога беа во прашање нашите Црвена Звезда и Партизан но тие сепак на некој начин беа наши. Ем бевме една држава ем таму играа нашите Јусуфи, Хасанагиќ, Вокри, Прекази, Клинчарски и др. во Партизан, или Сушиќ(Сеад, братот на легендарниот Сафет-Папе-актуелен селектор на Босна), Шабанаџовиќ. Најдоски, Панчев и др. во Црвена Звезда. Сепак тие на некој начин беа наши.

По распадот на Југославија мене фудбалот не ми е најважна споредна опсесија. Но го следам онака површно без некој поголем интерес. Барем оние натпревари од завршниците. Така беше и сега кога во финалето на Лигата на шампоините се најдоа шпанските градски  ривали од Мадрид. Еден своевиден куриозитет. Можеби за прв пат во историјата на фудбалот два градски ривали во финале на Лига на шампиони. Ме потсети тоа на некогашните југословенски “лути ривали“ од Белград – Партизан и мојата Црвена Звезда. Искрено, навивав за Реал кој ете заради моите пријатели –верни навивачи- и заради Зидан испадна повеќе “наш“. Но кога по сите хичкоховски возбудливи заплети се се заврши како што се заврши, помалку ми беше жал за несреќниот Атлетико. Помеѓу другото и заради црвено белите дресови кои во мое време беа бои на Црвена Звезда. Како и да е честитки за “нашиот“ Реал за десеттата круна.

Вториот настан за кој сакам да го споделам моето размислување со вас е Поклонението на гробот на св.Кирил во базиликата “Свети Климент“ Рим. Оваа година таму се најдоа и “нашите“ и “вашите“. Имено Македонија и Бугарија, предходно на ниво на академииите на науки, сега на црковно и на државно ниво се согласија дека Св. Кирил е “наш“ и заедно го чествуваа. Тоа е за поздрав, бидејќи се почитува заедничката историја. Би било добро кога и ние, “нашинците“, нашите  Бошњаци, Торбеши и Помаци малку би се позанимавале со тој период од историјата. Со нашите богомилски личности од историјата како Самоил и Радомир на пример. Но тоа е друга, жална приказма. Да се вратам на оваа.

Можеби треба да се даде една една забелешка тука? Дека во целост се нарушува секуларниот карактер на двете држави(одвоеноста на црквата од државата). Тука на еден не баш индиректен начин се манифестира она што често се премолчува и се прикрива, се става под тепих. А тое е православниот карактер на двете, но и на другите нации (народи, етноси). Сепак и Кирил и Методиј како и нивните ученици Климент, Наум,  Ангелариј, Сава и др., биле пред се и над се црковни луѓе. Друго е прашањето дали биле Грци или Словени.  Сосем друго и парадоксално е тоа што и едните(Македонците) и другите(Бугарите, кои пак Македонците ги сметаат за “наши“-дел од нив) се обидуваат корените на својата нација да ги бараат подлабоко во историјата, едните во татаро-монголите другите во античките македонци, бегајќи од словенството кое не им е “доволно старо“.

Како и да е овие двајца светци повеќе биле христијански мисионери во служба на византиското христијанство. Значи ни наши ни ваши туку нивни- византиски. Макар и да биле Словени што и не е така сигурно, бидејќи многу извори го тврдат спротивното. Тие како солуњани го познавале добро Словенскиот јазик. Впрочем за Кирил се пишува  дека говорел неколку јазици меѓу кои и арапскиот. Од византискиот цар бил стимулиран да го проучува Кур’анот за да може да им се спротивстави на арапските учени алими,  во што немал некој забележителен успех, исто како и во неговата мисија во Моравија од каде што бил прогнат. И таму живееле Словени но не ја прифатиле просветителската мисијата на Св. Кирил, исто како и богомилите на Балканот. За нив тој не бил “наш“. Сперед една гравура на Жефаровиќ, богомилите дури со стапови го бркаат неговиот ученик Св. Наум Охридски кого не само што не го сметале за “наш“, туку го сметале за “persona non grata”. Сето тоа го доведува во прашање сесловенскиот и просветителскиот карактер и мисијата на солунските браќа. Далеку од тоа дека сакам да го девалвирам историското значење на овие исклучително значајни личности, но за волја на вистината треба да се напомене  дека тие сепак не се ни наши ни ваши.

Интересно е да се спомене и еден мал куриозитте кој што, верувам дека малку луѓе го знаат. Тоа е местоположбата на Гробот односно црквата “Св Климент“. Еминентниот македонски археолог, др. Петар Миљковиќ едно време тврдеше дека гробот на Св. Кирил не е негов туку е туѓ гроб! Ни “наш“ ни “ваш“!  Тој не е осамен во тие тврдења. Негови истомисленици се Ханс Белтинг, Џон Озборн и Фредерико Гвидобалди. Така ти е тоа на Балканот сите плачат, прават молебен, чинат дова и чествуваат на погрешни места и на туѓи гробови.

Нешто во тој манир е и третиот настан за кој сакам да споделам некои размислувања. Станува збор за долго најавуваниот и конечно изграден музејски комлекс во Коџаџик. Спомен куќа  со експонати и восочни гигури на семејството на Мустафа Кемал-Ататурк, една од најмаркантните,  но во исто време и најконтраверзните личности на дваесеттиот век, основачот и прв претседател на пост-османска Турција. Комлексот зафаќа површина од дваесет илјади метри квадратни и, како што известија медиумите, бил изграден по долгогодишни археолошки истражувања и бил автентичен на времето во кое живеел Ататурк.Овде нешто не е како што треба и некој ги има помешано лончињата. Времето во кое живеел Ататурк е крајот на 19 и почетокот на 20 век по Христа а не пред. И не се потребни долгогодишни археолошки истражувања за да се потврди некаква автентичност. Коџаџик е јуручка, значи номадска, сточарска населба и како таква не може да биде археолошки “плодна“! Додуша има некои индиции за археолошки наоѓалишта но тие не се од времето во кое живеел Кемал Мустафа.

Тешко е да се поверува дека едно сточарка населба би поседувала таков објект. Во Македонија и на други места на Балканот има многу јуручки региони но нема такви куќи макар тоа да се и на богати трговци каков што бил Али Риза. Дури и тоа е дискутабилно бидејќи јуруците речиси и  не се занимавале со друга трговија освен со сточарските производи и ретко меѓу нив се среќаваат гурбетчии, иселеници по градовите во Османската империја, за разлика од Торбешите на пример кои, така безимотни и сиромашни, пусти и ничии, половина од годината ја поминувале по градовите гурбетувајќи и заработувајќи го лебот со своите занаети. Многу од нив засекогаш останувале да живеат во поголемите градови како Драч, Тирана, Костур, Солун, Кавала и др. Се споменува дека во Солун постоела населба по име Голо Брдо каде живееле голем број Торбеши од областа Голо Брдо која денес во поголемиот дел се наоѓа во Албанија. Во едно такво семејство по потекло од селото Себишта, во Солун се родил Мустафа, а како дете бидува посвоен-посинат од богатиот трговец Али Риза. Покасно од својот учител ќе го добие второто име Кемал а многу покасно епитетот Ататурк- татко на Турците. Ако е така тогаш спомен куќа или некој друг белег во чест на нашиот Мустафа би трербало да има во Себиште во Голо Брдо. Верувам дека еден таков чин со ништо нема да ја намали величината кај тие што го величаат Ататурк  ниту ќе го намали критичкото мислење кај тие што го критикуваат. Сепак и покрај контраверзните и често дијаметрално спротивни мислења за него, тој е и наш и ваш и нивни и сечиј. Кемал Мустафа- Ататурк е великан на поновата историја не само во Македонија, Турција и Балканот ами и пошироко.

Шериф  Ајрадиноски                                                                                                                     Авторот е претседател на Румелија                                                                                Торбешки културно-научен центар

 

 




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


− 5 = three

%d bloggers like this: