seko

Ослепените нашинци и патот до идентитетот – Дек(A)шер колумна за в торба

Дек(A)шер колумна за в торба

Јас (не)мислам така јас имам ст(р)ав

Ослепените  нашинци и патот до идентитетот

seko

 

Оваа наша генерација ја има таа привилегија да живее во два милениума. Крајот на вториот и почетокот на третиот милениум. Тоа се случува еднаш. Не на сто туку еднаш на илјада години. Ние на Балканот имаме уште една дополнителна привилегија. Да ја одбележиме илјадагодишнината од поразот на војската на Цар Самоил кај Беласица. Велам одбележиме затоа што не ми се дава да речам прославиме. А Бога ми некој можеби и ќе ја слави. Ќе гледаме по некој “циркус“ инициран од Бугарски и Македонски, а можеби и од некои други балканнски национални идеолози(Срби,  Албанци)кои можеби ќе се обидат овој несомнено голем воин и државник да го вклопат во нивните национални стратегии како што е случајот со Александар, Марко, Ѓорѓи  и други познати великани.

Од секогаш, уште како дете кога ја слушав песната “Самоиле, цар Македонски“, се прашував: Зошто биле ослепени толку 14-15 000 војници? Мекадонецот Василиј да ослепи толку војници на еден Македонски цар. Еден христијански цар да направи такво зло на друг христијански цар! Има тука нешто нејасно и нелогично. Подоцна од историјата дознав нешто повеќе за тоа. Но не само што не ми се разјаснија нештата, напротив. Учевме дека Василиј не бил Македонец. Византиец бил, Грк. А Самоил бил Бугарин според едни, Македонец според други. Ништо чудно, ништо невидено на Балканот. Но имаше нешто почудно тука.

Бугарите и Македонците “кршат копја“ особено во поново време за тоа чии се поголемиот број од познатите историски личности почнувајќи од Александар, преку средновековните црковни свештеници неречени просветители како Кирил и Методиј, Климент и Наум и др., до оние од поновата историја,  Делчев, Груев, Сандански и др.  Нивните мињата ги носат многу Универзитети, средни и основни училишта и други државни институции. Ќе видите џиновски споменици на истите и во Македонија и во Бугарија. Но ког станува збор за Самоил случајот не е таков. Од Самоил, ако се изземе оној новиот споменик од проектот “Скопје 1014“, ни трага ни глас! Ни во Бугарија ни во Македонија!

А јунак од таков калибар речиси и нема на Балканот и пошироко. На Самоил вода можат да му носат сите средновековни херои. Вклучувајќи го тука и Ѓорѓи(ја) Кастриот, кого Албанците како национаален херој го воздигнаа на ниво на “божество“, па и Кнезот Лазар, губитникот во Косовскиот бој, врз кого Србите, како и Албанците врз Ѓорѓија(Ѓерѓ), го изградиле митот за сопствената нација.

Се наметнува прашањето зошто Бугарите и Македонците не го зеле него за основа при создавањето на нациите во 19-тиот односно 20-тиот век? Може да се пишат томови на таа тема но јас овде ќе наведам барем три “одговори“. 1. Немал царско потекло и не бил во родбинска, а ниту во религиозна врска со династијата на хановите, а по покрстувањето ханот- царот Бориз со царевите од бугарската династија.  Згора на тоа устоличен е и крунисан од легати на Папата, најголемиот соперник и душман на византиските цареви и патријарси. Башка што е од “нечист“, етнички мешан брак помеѓу  Ерменка (павлиќанка- богомилка) и татко Словен, (Брсјак, богомил). 2. Некако не одат во ист кош Самоил и Кирил и Методиј и Климент и Наум. Овие се апологети на Византија и крстители, мисионери на византиското христијанство,  а тој “еретик“, богомил и најголеми противник на истите. 3. На Балакнот за јунаци и херои се сметаат само тие што се бореле против Османлиите -Турците, а тој “ја немал таа чест“ да се бори против Османлиите. За разлика од Краље(виќ) Марко кој “касно стигнал на Косово“, Цар Самоил прерано отишол на Оној Свет од жал за ослепените  војници од кои најголемиот број биле богомили.

Така барем говорат многу историски извори, а Бога ми и логиката кажува многу. Нека ми најде некој пример за таква суровост, вадење очи, кај истоверни непријатели. Имало и пожестоки војни и покрвави, ама ваква суровост немилосрдност историјата речиси и не забележала. Да не говорам за богомилското уверување. Негово, на неговите поданици и на неговото смејство, синот Радомир и ќерката Косара и, ако сакате, и на неговото царство. Еден од најпознатите истражувачи на богомилството во Македонија, Драган Ташковски, Самоиловота држава ја карактеризира, не како христијанска, туку ја смета за еретичка,  богомилска! Тука треба да се бараат причините за суровата постапка на Василиј!

Идентична држава како Склавинија, Самоиловата држава, е богомилска Босна од времето на Кулин Бан еден век покасно. В’прочем и подоцнежните негови потомци од  кралските и царските семејства на Дукња, Зета, Рашка и Босна, како и нивните поданици во голем број биле припадници на богомилството. Таква била и Војслава, сопругата на Кулин Бан, Банот на богомилска држава Босна, со која има и родбинска и верска и идеолошка врска. На Бан Кулин, еден век покасно му пошло од рака тоа што Цар Самоил не успеал да го направи. Своето царство кое, патем речено,  се викало Склавинија, значи ни Бугарско царство ни Македонско царство туку Склавинија, да го претвори во силна држава каде богомилите ќе живеат слободно во кохабитација со другите.

Кога станува збор за Босна, ја споменав делумно врската со Бан Кулин, но има уште многу да се “чепка“ по историското минато кое официјалната историја го “заборавила“, премолчила или просто не го забележала. Дури и името Склавинија се среќава и за територијата на Босна. Византиските извори, особено Константин VII Порфирогент, првите државни организации на словените ги нарекува Склавинии, а како такви ги наведува Босна, Усора, Подриње, Неретванија, Захумње и тн. Да не заборавиме дека сите обиди на Балканските, Јужните Словени, за создацање некакви државни или полудржавни формации независни од Византија биле именувани како Склавинии-Славинии и за разлика од бугарските и српските джавни формации кои се потпирале на Византија и на византиското христијанство овие биле смртен непријател како на Византија така и на византиското христијанство. Да се потсетиме на еден таков предходник, од VII век, водач на словенските племиња Ринхини и Стримони по име Пребонд кој бил заробен па избегал од Цариград за да биде повторно фатен и погубен заради неговите закани дека “ повторно ќе поведе војна против Византија и притоа ниеден христијанин нема да биде поштеден“. Сето ова говори за идеолошкоиот карактер на настаните од тој период на феудализмот. А идеологијата тогаш е верата односно црквата како најголем феудалец во средниот век.

Ако се има ова предвид и ако се говори за некакво културно-историско наследство и поврзаност со настаните и личностите од тој период, тогаш се поставува прашањето кој од денешните народи има поголемо право и обврска да ги одбележува и чествува?  Почитувајќи го мотото дека “никој нема монопол врз интерпретација на историјата“ и дека “секој има право да пишува историја“, па според тоа и да ја интерпретира, само ќе спомнам дека потомците на некогашните средновековни богомили наречени  и торбеши (денешните Бошњаци, Горани, Торбеши и Помаци) имаат и право, но би рекол и обврска, да се вклучат во одбележувањето на Илјада години од Битката на Беласица и од смртта на Цар Самоил. Во таа смисла сакам да напоменам дека по поразит на Беласица и смртта на Самоил положбата на богомилите нагло се влошува и тие се принудени да бегаат подалеку од византиското влијание. Најпрвин  на Север кон Дукља каде владееле ќерката и зетот на Самоил, Косара и Владимир, од чија лоза се поголемиот број подоцнежни владари,  за подоцна бегајќи од византиските вазали на Зета и Рашка, Немања, Душан и други своето уточиште да го најдан во Босна кај Кулин Бан. Да напоменам дека седиштето на Самоиловата држава односно централната управа на самоиловиот син и наследник Гаврило Радомир се наоѓало во најјужниот дел на Гора, во селата Радомир, Вила, Калис до Диканце и Шиштеец. Неверојатно но вистинито, во Гора кај Торбешите! Еден знаменит Помак од Неврокоп, десната рака на уште познаменитиот Гази Осман паша, Рифат беј Неврокопски пишува дека  “голем број од ослепените самоилови војници од Беласица кои останале таму во Неврокопско да го поминат остатокот од животот плакнејќи ги лицата со топлата и лековита вода на тамошните бањи“ И ова е неверојатно ама вистинито. Таму во Неврокопско кај Помаците! Тој вели дека “и песми се пееле за тие настани. Жални песми“!

Ама има нешто што е пожално од се. Денешните потомци на богомилите Бошњаците, Гораните, Торбешите и Помаците  и по илјада години сеуште делуваат како ослепените самоилови војници. Распнати помеѓу борбата за гол опстанок, кризата на идентитетот, негирани и асимилирани од сите страни, поделени и раштркани по сите балкански држави тие, така “ослепени“, не можат да го најдат патот до себе си, до својот идентитет и до својот корен. А народите се како билките. Ако им го пресечеш коренот осудени се да овенат. Затоа да не дозволиме да ни го сечат коренот или, што е уште полошо, да не си го сечеме сами. Коренот на еден народ е неговата историја а историјата велат е учителка на животот. А велат и дека народ кој нема минато нема ни иднина. Ние имаме минато, можеби тажно но сигурно славно. Имаме и славни личности и херои кои ги слават некои други. Затоа да се потсетиме на минатото и на таквите личности. Кога другите можат да слават туѓи, можеме и ние свои. Ама како што рекол еден поет “некој не дава, јал Бог јал ѓаволот“ Да се надеваме дека меѓу нашите “ослепени нашинци“ ќе се најде по некој “опулен“, ако не со двете, барем со едното око, како тие самоилови војници на кои им било оставено по едно око за да го најдат патот. Белки и ние, ако даде Бог, ќе го најдеме патот. Патот до идентитетот.

Почитувани читатели!

Ве известувам дека со оваа колумна завршува полугодишниот циклус на проектот “Дек(A)шер колумна за в торба-Јас (не)мислам така јас имам ст(р)ав“.  Следните три месеци ќе се одморите од моите ставови и ако е касмет ќе се дружиме на почетокот на септември. Дотогаш имајте пријатно лето убави одмори и мубарек Рамазан и Бајрам.

Махсус селам и поздрав.

Ваш  Шериф

 

Шериф  Ајрадиноски                                                                                                                     Авторот е претседател на Румелија                                                                                Торбешки културно-научен центар

 

 

 

 

 




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


eight × 5 =

%d bloggers like this: