serif

Каде оди Македонија ? -Дек(A)шер колумна за в торба

 

     serif      Дек(A)шер колумна за в торба

                                                     Јас (не)мислам така јас имам ст(р)ав

                                                        Каде оди Македонија

 

Почитувани. Оваа колумна е пишувана на 8. Септември. Точно на “роденденот“ на Македонија, затоа и ќе биде посветена на таа тема. Не за да се приклучам на еуфоричното славје, кое е помало од она од пред три години (на дваесетиот роденден), туку да го искажам моето видување и мислење по тоа прашање, во духот на поднасловот на овој циклус мои колумни (“Јас не мислам така, јас имам ст(р)ав“). А Бога ми имам и став. Многу поразличен од некои наши политичари, аналитичари и колумнисти, по прашањето за тоа не многу далечно минато. Ама, имајќи ги предвид сегашните состојби и однесувањето на сегашните политичари, имам и страв за иднината на оваа Земја.

Ќе започнам со сегашноста и со недефинираното дефинирање за тоа, што се слави на овој датум. Те независност, те државност, те содавање, те ова, те она. На овој датум се случи само рефередум за самостојност! Ништо повеќе! И тоа со недефинираното и двосмислено прашање: “Дали сте за самостојна Македонија со право на здружување со други држави….“ кое тогаш беше така формулирано,да не се залажуваме, од страв и несигурност во успехот, а подоцна толкувано како нечија мудрост. Не пијат вода подоцнежните самоласкања и фалењето, со цел себепромовирање, на многумина кои ниту биле некакви учесници ниту на било каков начин придонеле во тоа. Го слушам академикот Блаже Ристовски на “Сител“ со Латас и да не знае човек би помислил дека тој е и идејниот творец и иницијатор и реализатор на референдумот. Има многу такви “генерали после битка“, но да ги оставиме нив.      Времето на тие настани е многу блиску,така што сите ние сме живи сведоци и знаеме дека идејата за самостојна Македонија не е ничија иницијатива туку нужен развој и последица на настаните од времето на распадот на Југославија. Да не заборавиме дека, ако ја изземеме Црна Гора, Македонија беше меѓу последните која го фати возот, закачена на другата локомитива. Така беше случајот и со востанијата за време на Втората Светска војна. Сите поранешни братски републики на востание против фашизмот се дигнаа во пролетта и летото 41-вата, додека во Македонија првата пушка пукна во октомври! Судбина, случајност или нешто трето, но влечени сме. Никогаш не сме влечеле, не сме биле авангарда. Тоа мора да го констатираме и да си го признаеме како ноторен факт.

Ако треба некој персонално да се закити со ореолот “перјаница на самостојноста“, тогаш таа “титула“ може да им припадне само на двајца. Тоа се “стариот лисец“ Киро Глигоров и “младиод војвода“ Љубчо Георгиевски! Вториов затоа што е прв од тогашните политичари кој јавно проповедаше самостојна држава, сопствена валута, сопствена војска, сопствена фудбалска лига и тн. Сеуште добро се сеќавам на тогашните панел емисии кога неговите опоненти од “комунистите“, а Бога ми и други “демократи“, цинично му се смееја, сметајќи го за луд и недоветен. Но сето тоа, со или без негова заслуга, подоцна се случи и никој не може да му ја оспори визијата! Првиот, можеби не сакал самостојна Македонија, како некој кој бил стар комунист, живеел во Београд, пројугословенски ориентиран и тн. Впрочем тој, заедно со Алија Изетбеговиќ ја промовираа платформата “Изетбеговиќ-Глигоров“ како последен обид да се спаси заедничката ни домовина. За жал неуспешен не по нивна вина. Велам за жал затоа што и тогаш и сега сметам дека таа, Југославија беше подобра. Во прилиг на ова мое мислење, за кое многумина ќе ме обвинат за југоносталгичност, ќе го цитирам познатиот босански академик и писател Абдуллах-Авдо Сидран кој неодамна, споредувајќи ја Југославија со нејзините “ќерки“ наследнички рече: “Да беше сто пати полоша одошто беше, пак ќе беше сто пати подобра од колку што е било која држава која произлезе од неа“! Но Глигоров, сакал или не сакал самостојна Маакедонија, факт е дека многу направи во процесот на осамостојување на државата на која застана на чело како нејзин претседател. Неговата заслуга е неоспорна во преговорите за мирна разврска со балканскиот касапин Милошевиќ и со неговата армија која од Југословенска експресно се претвори во Српска и четничка армија.

Овие двајца, според моето длабоко уверување, можат да се сметаат за клучни личности во процесите и настаните од тој, не така далечен, пеириод на референдумот и осамостокувањето на Македонија. В’прочем истите двајца и формално-правно се закитија со тој ореол. Глигоров како прв претдседател, а Георгиевски како прв подпретседател на самостојна Република Македонија. Додуша тогаш Парламентот на Македонија измисли една глупава формулација “подпредседател на претседателот“, но суштината беше таа. Тие беа првите луѓе на новата држава.

Е сега, она што за Македонија е и страмно и јадно и неправедно и недолично и непоштено и, на крајот на краиштата, политички и историски неодржливо тоа е менталитетот на актуелните политичари да “забораваат“ на фактите и да се себепромовираат во “месии“, “спсители“ и да си вообразат дека од нив и со нив започнало се. Дека се што било пред нив било ништожно, предавничко и виновно. И тоа е некоја проклета традиција овде. За овие сегашни патриоти криви биле комунистите, за комунистите крива била поранешната буржоазија, за нив пак криви биле Турците и тн. Пред три години кога со голема помпа, магаломански и со големо дефиле, чиниш Црвената Армија дефилира по падот на Берлин, Македонската армија која “падна“ пред налетот на УЧК во 2001 г., продефилира низ “Триумфалната капија“, славејќи дваесет години самостојност, сегашната власт која сето тоа го организираше не најде за сходно да ги покани или барем да ги спомне Глигоров и Георгиевски во таа прилика! Тоа, не само што е голема неправада, непринципиелен однос кон историјата, тоа е и причина сите ние, не само историчарите и аналитичарите, да се запрашаме. Од каде дојде самостојна Македонија, каква е сега, но и каде оди оваа сегашна Македонија.

Да не заборавиме дека Македонија, како рамноправна членка на Федрацијата, за прв пат стана држава со сите обележја и атрибути со АСНОМ. Скоја чест за сите, но не ја сметам за таква ниту Крушевската република ниту Самоиловата Склавинија, уште помалку Александровата, античка Македонија. Протагонисти, носители и ако сакате со крв и живот платена цена за таа државност беа борците од НОБ, без оглед на нивната идеолошка, политичка, национална(етничка) и верска припадност. Кога сум кај верската припадност да истакнма еден факт кој мислам дека е малку занемарен во нашата историографија. Имено, Втората сцетска војна е војна во која муслиманските народи или заедници во Македонија(Албанци, Турци, Торбеши, Роми, Бошњаци, Египќани и др.) за прв пат во историјата учествуваат во заедничка војна со Македонците, Власите, Србите, Црногорците и др. христијански народи или заедници! Повеќето од нив можеби биле комунисти но Боже мој. Така било времето, велат старите.

А денес, оваа власт ги тепа “комунистите“ од СДСМ во Парламентот. Припадниците на “помалите“ етнички заедници (и тие што не се, но и тие што се во Пеамбулата на Уставот), се на маргините на општеството и на државата. Тие повеќе ја чувствуваат како лоша маќеја одколку како мила мајка. Вклучувајќи ги тука и Албанците како најголемо и најсилно малцинство. Привидна и лажна е “љубовта“ на оваа власт и на прамиерот Груевски кој веќе осум години е на чело и на партијата и на државата. Кај Албанците, се амнестираат злочинци, пратеници кој како партал го фрлаат државното знаме, министри кој не ја почитуваат сопствената Влада, а се тепаат и свирепо казнуваат Албанци кои протестирале заради еден сомнителен и од самите институции национално и верски подгреван судски процес. Турците се на маргините освен оние на послушниот Хасип, Бошњаците исто така но не и тие на Пепиќ-пратеникот кој “ништо не бара“. Сличен е примерот со Србите освен тие на Стоиљковиќ, со Ромите освен оние на Амди Бајрам и тн.

Кога станува збор за Торбешите, сведоци сме што стана со оние најголемите Велија Рамкоски и Фијат Цаноски. Ги уништија и нив и нивните големи бизниси и нивните партии. Сега Груевски и половина влада повеќе од една година ги обиколува Торбешките региони и по урнекот на онаа комунистичка Влада од осумдесетите години на минатиот век со Нијази Лиманоски бара “Македонци“ со погрешна религија, “исламизирани Македонци“ и тн. меѓу Торбешките, поситни и најчесто пропаднати бизнисмени, семкари, пиљари, трговци и ситни чиновничиња. Додуша има тука и по некој интелктуалец но со сомнителен интелектуален потенцијал, поданички менталитет и со екслузивно, или како што влеат тие “луксузно“ право да бидат секогаш на страната на посилниот или на власта која и да е. Со таквите Гриевски во Рамазан организираше и ифтари во Владата и во Струга, иако поголемиот дел од нив никогаш не држеле Рамазан. И тоа не е голем проблем. Големиот проблем е што тие се луѓе, кои за разлика од Валија, Фијат, пратеникот Мехмед Џемајлоски и др. деловни луѓе од ПЕИ, како и многу други, познати или помалку познати Торбеши, само бараат за себе нешто а ништо не даваат за државата и општеството. И второ, тие се познати, или синови и ќерки на познатите “торбешки ветробрани“ и КДВ( ке што дува ветрот) мајстори, кои продефилираа низ СКМ, СДСМ, како “Македонци“, потоа низ ПДП, ДПА и ДУИ, како “Албанци“ а сега како крлежи зариени во ВМРО, ја цицаат крвта и на ВМРО и на државата и на народот. Но ви гарантирам, а времето ќе покаже колку сум бил во право, дека при првиот сигнал на тонење на “бродот“ наречен ВМРО, тие како глувци, онака како што ги напуштија другите, ќе го напуштат и “бродот“ наречен ВМРО и “капетанот“ викан Груевски.

Но тоа не е она што е најлошото. Најлошото и најзагрижувачко од се е тоа што Македонија сега е повеќе зависна од Брисел или Вашингтон одошто некогаш била зависна од Београд. Македонија е една од најсиромашните земји во Европа, со најголем број невработени и со најмала куповна моќ на населението кое претежно живее од пензиите на дедовците и бабите и со по некој испратен долар, евро и др. валута од роднини гастербајтери или иселени кои работат во јабана. Земја со најголем одлив на мозоци и со најголем прилив на приматели на социјална, партиска и друга помош. Земја во која бизнисмените се рекетираат или уништуваат а на партиските војници им се делат субвенции и друг вид на парични средства кои попусто се трошат и тн. Скапите кредити, наместо во рентабилни и профитабилни проекти, се трошат на споменици, кои ем непотребни, ем бодат очи и на Грци и на Бугари и на Албанци и на многу Македонци! Странските инвестиции носат само профит на инвеститорите, а македонските граѓани се понижуваат со плати од стотина/двеста евра, несигурност во работењето, често неплатени придонеси и тн. Во Југославија не беше така. Во тоа време, како што вели една народна лабунишка, и “гавраните јадеа алва“. Работниците имаа солидни плати, регреси за годишни одмори, работнички одморалишта и ред други поволности кои сега се луксуз! Малцинствата уживаа поголеми права од сегашниве малцинства во Македонија. Дури и тие што не биле во партијата имаа шанси да си го најдат местото под сонцето, за разлика од денес кога, ако не си во пертијата нема бериќет за тебе. Да го парафразирам Академикот Авдо Сидран. И да е сто пати подобра одошто е, денес Македонија е сто пати полоша од Југославија! Ако на сето тоа се додаде и надворешната положба на Земјата, (не)приемот во НАТО и ЕУ, оспорувањето и напризнавањето на името и идентитетот на најмногубројното население од страна на Грција, нацијата, јазикот и идентитетот од страна на Бугарија, црквата од страна на Србија и територијалните претензии од страна на Албанија, тогаш навистина и сериозно треба да се запрашаме. Каде оди Македонија?

Шериф Ајрадиноски                                                                                                                    Авторот е претседател на Румелија                                                                                Торбешки културно-научен центар

 

 




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


6 − six =

%d bloggers like this: