serif

Насрадин оџа и гуската печена – Дек(A)шер колумна за в торба

 serif

               Дек(A)шер колумна за в торба – Јас (не)мислам така јас имам ст(р)ав

                        Насрадин оџа и гуската печена

Почитувани. Веројатно го знаете иќаето со Насрадин оџа и Гуската печена? Имено, двајца измеќари носејќи му ручек(гуска печена) на нивниот ага, седнале да се одморат покрај некое изворче. Студената вода, мирисот на печената гуска и гладта ги натерале да не можат да одолеат, та почнале да штипкаат по краевите на печеното. Штипни овде, штипни онде, отишла гуската, а агата ручал од коматот што преостанал. Подоцна кога ја разбрал ујдурмата ги истерал сургун измеќарите и ги дал на суд кај кадијата. За нивни бранител се понудил итриот Насрадин оџа кој на своите кутри клиенти им советувал да не признаваат дека ја излеле печената гуска, туку да кажат дека таа сама избегала од тепсијата! На исплашените, очајни и збунети измеќари не им преостанувало ништо друго освен ваквите, не многу надежни совети од оџата. На денот на судењето кога пред тужителот, кадијата и поротата измеќарите го кажале тоа, сите останале збунети, вџашени и стаписани, прашувајќи се дали е можно една печена гуска да избега од тепсијата? -Можно е кади-ефенди-го прекинал молкот Насрадин оџа. – Можно е гуска печена да избега од тепсијата, ама еднаш на сто години!

Денешните муслимани по многу нешта потсетуваат и на сиромашните, гладни и исплашени измеќари и на збунетиот и лековерен кадија и на сеирџиските индиферентни поротници. А Бога ми и на гуски! Не само на варени и печени. Муслиманите денес личат на изгубени гуски во магла, како што вели една народна. На се личат само не на мудриот, итар и храбар Насрадин оџа. Џабе што тој произлегува од муслиманската традиција. Таа “улога“ денес ја имаат непријателите на Исламот и на муслиманите. И тие не убедувааат дека и гуска печена може да избега од тепсија, и дека црното е бело, и дека темнината е светлост и дека агресијата е ослободување и тн. Само епитетот “тероризам“ некако остана да ни се лепи и да се врзува за исламот и муслиманите како синоним.

Оваа година, во сенка на глупостите што ги прават разни “Ишиди-мишиди“,“Халифи“, “џихадисти“ и други разни “ИСТИ“, кои си ги копаат очите, се колат или убиваат меѓусебно или колат и убиваат невини жртви во Сирија и Ирак, во исто време во Газа се случува невиден терор врз цивилно населние, претежно деца, жени и изнемоштени стари лица. Во таа акција “за ослободување на Израел“, војската на “небесниот народ“ уби неколку десетици илјади цивили од кои најмногу деца и жени, сруши илјадници згради, џамии, болници, ушилишта и речиси ја уништи целата инфрастуктура во најголемиот отворен затвор – Газа. И сето тоа некои го нарекуваат “одбрана на Израел од терорости“! Не само ционистите и нивните “западни сојузници“. На таа стапица се фаќаат и многу муслимански и арапски наивни и(ли) корумпирани влади и лидери.

Како кадијата и поротата од анегдотава со Насрадин оџа. Америка ќе рече “Израел има право да се брани“(Гуската печена може да побегне од тепсија) и сите ќе веруваат во тоа. А Америка ќе рече онака како што ќе нареди “Синедрионот“- ционистите и нивнте сојузници, за потоа сите да климаат со главите во знак на одобрување.

Само нема да рече едно. Од кого да се брани? Од оние кутри голи, боси, гладни и ненаоружани дечиња и жени од Газа или од оние главосечачи, џахили, самонаречени муџахиди, џихадисти “халифи“ и други разни “исти“ кои, како што рече еден, имаат долг јазик и долги бради ама кус акал и скратени пантолони и прогласуваат некаква “исламска држава“, глумат муџахедини(борци на Аллаховиот пат- чувај не Боже од нивниот пат!) и со тоа несвесно или можеби свесно, најголеми штети му нанесуваат токму на Исламот и на муслиманите во целиот свет! Заради таквите багабонти и шарлатани дојдовме до вакво дереџе. Литар муслиманска крв да биде “поефтина“ од литар “арапска“ нафта, а муслиманите низ целиот свет да бидат “глинени голаби за отстрел“ и цел на вистински терористи от типот на Брејвик и други фашизоидни и болни персони и групации по Западот.

Не, за нив нема да чуете или прочитате такво нешто. Или, ако чуете или прочитате тоа се лицемерни и полни со ујдурми приказни за лесноумните и наивните. Ќе ве збунат нивните закани за Рим, Шпанија, Германија, Франција или Англија кои “ќе биле муслимански земји“ благодарејќи на нивниот “џихад“! Тоа личи на онаа досетка на нашите сограѓани рисјани за некој зликовец и неранимајко по име Никола, кого го бркал кој ќе го стигнел и заради кого селаните не го славеле и се откажале и од Св. Никола, а тој за жена ја барал ќерката на попот. Така и тие во споменативе земји можат да влезат само како заробеници или затвореници. Тие како кучиња лајат само таму каде што има “село без кучиња“ какви што ,за жал, денес се поголемиот дел на муслимански земји со корумпирани, поданички и недоветни владатели.

И второ. Тоа се луѓе, не муџахедини, не борци на Аллаховиот пат, не борци за ислам или за слобода. Тоа се платеници, легионери, криминалци и авантуристи кои обработуваат за шемите на оние против кои деклараивно се борат. Многу од нив потекнуваат од нашиве краишта. Босна, Косово, Албанија, Санџак, Македонија. Ако им е до исламот можат и тука да делуваат. Во Босна го имаат Додик и неговата геноцидна “Република Српска“ каде муслиманите се прогонети, обезправени и не можат да се вратат дома и по речиси две децении од Дејтонскиот договор. На Косово го имаат Хајдадинај кој не само што “не знае зошто е муслиман“ туку заедно со Тачи и другите, подпомогнати со гебелсовата пропаганда на медискиот магнат Ветон Сурои го забранија езанот од џамиите и им забрануваат на чесните муслиманки да носат хиџаб- шамија и да се облекуваат во склад со Исламот! Нешто слична, додуша не толку ригорозна, но не и розова, е состојбата на муслиманите во Санџак, Албанија и Македонија. Ама тие би да направат “исламска држава“ некаде на друго место. Мислам дека како муслимани мораме да им кажеме. Сиктер бре едепсузи! Вие не сте никакви муџахедини. Вие сте слуги на непријателите на Исламот и муслиманите. Или на оние кои се наивно вплеткати во таа пајажина, од незнаење залутале како гуски во магла, а верувам дека има и такви, нив треба да им кажеме. Вие сте изгубени гуски во магла!

Нашите стари кажуваа(т) една мусдрост. Очисти го сопствениот двор, после оди да метеш на сокакот. Јас би додал. Ако мора да се прескокне сопствениот двор тогаш не сокакот туку да се исчисти “средселото“, “ориштето“- центарот. Ако е така, ако треба да се остави сопствениот двор и да се “очисти“ сред село, тогаш се поставува прашањето. Зошто овие не одат во џихад во Газа или во Јерусалим, во Палестина? Денес Палестина, Јерусалим, Ал-Кудс и Ал Акса претставуваат “сред село“-центарот на исламот. Најзагрозена е Ал- Акса-третото по значење “свето место“ за Исламот и муслиманите- на која и се заканува рушење. E, ама овие “муџахедини“, предводени од “халифата“ кој не е ништо друго туку агент на Мосад, во нивната “исламска држава“ – која не е ниту држава ниту исламска- се крволочни волци кога станува збор за Ирак и Сирија а “кротки“ јагниња кои пониизно се молат на Аллах (да и пимогне на Газа) кога станува збор за Газа и Плаестина. Сликата од карикатурата заменува илјада зборови!

karikatura

Последниот Аллахов пејкамбер, веровесникот на Исламот, Мухаммед а.с. во еден хадис вели: “Ако видиш некакво зло обиди се да го спречиш со рака(сила), ако не можеш тоа, осуди го со јазик. Ако и тоа не можеш, осуди го со срце. Ама тоа е најслаб иман (вера)“. Да се моли(како овие “муџахедини“ може секоја нена, стара баба и секој немоќен. Може и да се осуди со јазик, јавно да се осуди, ваквото зло кое се чини во Газа. Секоја чест за нив но поразително за мислиманите се неколкуте примери кои сакам да ги наведам овде. Имено додека во Сребреница на комеморацијата и џеназата на шехидите од најголемиот геноцид по Втората светска војна, почит им оддадоа едвај педесетина илјади луѓе за разлика од некоја борба на бикови во Чевлјаовиќи каде имало повеќе од сто илјади, на што прославениот глумец, режисер и едно време министер за култура, Емир Хаџихафизбеговиќ ќе констатира дека “нешто не е во ред со тој народ на кого еден бик му е поважен од еден шехид“, речиси во исто време во Атина на еден фудбалски натпревар помеѓу грчкиот Атромитос и босанското Сарајево, грчките навивачи носеле транспаренти со натписи на Англиски јазик : “ Жртвите на Сребреница нема да бидат заборавени“ и “Слобода за Палестина“! Еден Ноам Чомски инаку, патем да спомнам, Евреин, светски познат интелектуалец, лингвист, филозоф, политички активист и писател ја критикува и ЕУ и САД и цела меѓународна заедница за сериџиското гледање и непревземање мерки, дури и за соучесништво кога вели: “САД отворено ги подржуваат израелските напади и воени и дипломатски и идеоплошки, според тоа тие се соучесници во убивањето на Палестинците“ Додека арапските лидери и интелектуалци или “мудро“ молчат или се сојузници и соучесници во тој злочин. Сиси и неговата “демократска“ Влада во Египет е најеклатаантниот пример за тој арапски и муслимански страм. Дури и Папата, за време на неговата посета на Палестина кога Бенјамин Нетанјаху, терористот во одора на израелски прмиер му мантрал дека “Палестинците се терористи и крволочни! За ралика од нив, кои своите деца ги учат на убивање, ние нашите ги учиме да бидат мирољубиви….“, Папата му ја затнал муцката со два збора: “Вие им ја крадете земјата на Палестинците и градите еврејски населби… Тоа не е мирољубиба политика“. Каде е самопрогласениот “халифа“ и неговиот “ Калифат“ маскиран во тн. “исламска држава“ тоа да го каже наместо да провоцира цел демократски свет, вклучувајќи го тука и муслиманскиот, со неговите сулуди и лажни закани?

Сведоци сме и на многу протести на демократскиот свет, меѓу кои учество земаат и самите Евреи кои се против израелската милитантна и експанзионистичка политика, иако малку се слуша нивниот глас. Но сепак да се знае кој е на која страна. И тоа не е за потценување! За ралика од споменативе случаи, овие “џихадисти“ со долги јазици и бради а со куси акали и панатолони, се што не мисли како нив лесно и како од ракав прогласуваат за “ќафири“(неверници) и тоа не само немуслиманите туку и целиот муслимански свет кој не сака да се поистовети со нивните, би рекол болни, патолошки, криви и опасни дејанија од кои најмногу штета трпат самите муслимани. За среќа добро е што во овој турболентеен, неправеден и корумпиран свет постојат и влади и лиедери кои имаат доблест и храброст да ја кажат вистината и да му плеснат во очи и на Насрадин оџа и на Америка и на Израел дека гуска печена не може да побегне од тепсија, дека вие сте терористи и окупатори, а ние не сме залутани гуски во магла, ниту “лековерен кадија“ ниту сеирџиска и индиферентна порота. За жал Турција и Ердоган се ретките, ако не и осамени примери, барем кога станува збор за муслиманските земји. Има и луѓе, добри и нормални. Во целиот свет, насекаде и од секоја вера, раса, националност и идеологија. Светот никогаш нема да остане без добри и нормални луѓе. Само тие треба да се препознаат и да се бараат како што рекол грчкиот филозоф Диоген. “ По бел ден со запален фенер“.

Шериф Ајрадиноски                                                                                                                    Авторот е претседател на Румелија                                                                                Торбешки културно-научен центар

 

 




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


× five = 35

%d bloggers like this: