serif

Наместо бајрамска честитка – Дек(A)шер колумна за в торба

  serif                     

Дек(A)шер колумна за в торба

Јас (не)мислам така јас имам ст(р)ав

Наместо бајрамска честитка

 

Почитувани. За неколку дена ни доаѓа еден од двата најголеми празници за нас муслиманите. Курбан Бајрам или Хаџџ Бајрам. Елхамд, фала и слава на Сајбијата, Севшниот Бог –Аллах џ.ш. овој Бајрам нема да сме дезориентирани во простор и време и сите ќе го празнуваме во ист ден, на 4-ти октомври, ако пак нешто не се промени во „пет до дванаест“!.

Оваа година, за среќа на сите нас муслиманите, се „помирија“ и се ускладија модерното и традиционалното. На ист став беа и модерните и современи опсерватории и старомодните и традиционални бедуини и во исто време едните го пресметаа а другите го видоа со голо око појавувањето на „млаѓакот“- младата месечина која го најави новиот месец од Хиџретскиот календар- Зул Хиџџе (Zu-l-hidždže - ذوالحجة , “hadžilаk”) а со тоа и точниот ден на Хаџџ или Курбан Бајрам.

Со тоа барем ќе бидеме поштедени од глупавите расправи околу тоа, како е можно муслиманите да не знаат кога им е Бајрам, иако имаат само два празници во годината. Дали се во право оние кои ги следат препораките на астрономските опсерватории, или тие кои се држат на стариот, традиционален начин на одредување на новиот месец? Дали треба да ги следиме Турците или Арапите? Дали да ги следиме упатствата на официјалната улема(ријасетите, дијанетите, поглаварите на исламските заедници и тн.) или оние „алтернативните“, да не кажам опозиционерите, кои во име на исламот создаваат разни „секти“, групации кои имаат самонаречени шејхови, водачи дури и „халифи“, чии ставови и мислења најчесто се дијаметрално спротивни во однос на овие првиве.

Пред неколку години, кога имавме таков расчекор во бајраумувањето, во еден муабет се наметна како тема тој проблрм. Еден наш пријател, инаку имам- Оџа, надолго и нашироко ни објаснуваше за овој стар проблем компарирајќи ги двете теории, како онаа опсерваториската така и традиционалната.На мое изненадување тој и „даде“ предност на онаа традиционалната, голо око метода-појавата на млаѓакот-младата месечина, повикувајќи се на неколку сахих(веродостојни) хадиси, за на крај да заклучи дека патот до сознанието за појавата на млаѓакот е да се следи и да се види со голо око, а не опсерваториското сметање. Тоа го аргументира со една фетва на Ибну-Тејмије каде се вели: „Оној кој се потпира н пресметките, кога е во прашање млаѓакот, тој заталкал во Шеријатот и воведува новотарии во верата“ (Меџмату фетва, 25/207). Подоцна, наместо коментар на ова, еден мој пријател ми раскажа еден виц за индијанците во Америка и опсерваториите.

Имено, едно индијанско племе секоја есен се собирало околу поглавицата за да определат каква ќе била зимата и според тоа да се снабдат со соодветна количина дрва. Прогнозата ја кажувал поглавицата гледајќи во жарот на огништето. Арно ама еднаш погрешил. Рекол дека зимата ќе бида блага, а таа кочан зима, куче и маче заедно да спијат и тие смрзнале од студ. Следната есен ја изгубиле довербата во поглавицата и традизионалниот начин и решиле телефонски да се обратат до некоја опсерваторија во најблискиот град за да ја слушнат прогнозата за зимата. По краткиот разговор кога замолиле за точна прогноза, бидејќи тоа им е од животна важност, од другата страна на жицата го слушнеле следново: „Чекајте да видиме дали Индинците засилено берат дрва!“

Оваа година муслиманите во светот го немаат тој проблем. Ама имаат еден „мал милион“ други проблеми, мноогу поголеми, посериозни и би рекол погубни, не само за муслиманскиот, туку и за целиот свет. Додуша многу од тие проблеми не се ни од денес, ни од вчера. Нокој жив не може да го одреди времето на почетокот на така наречената декаденца на исламскиот свет и почетокот на проблемите за муслиманите. Дали е тоа пропаста и распадот на Османската империја и укинувањето на Калифатот, дали е колонијализмот, дали крстоносните војни, дали борбите на предисламските Арапи – мушриците од времето на џахилиетот? Ама секој кој има малку акал и барем малку е на „ти“ со глобалните светски процеси знае дека муслиманскиот свет никогаш не бил на полошо дереџе. Што се случува со една цивилизација за која еден Вил Дурант пишува во својата Историја на цивилизациитедека „не постои почудна цивилизација од исламската…која за помалку од еден век ги собрала, соединила на едно место двете соседни цивилизации(Персиската и Византиската-заб. на авторот), создавајќи една нова, уште поголема и повеличествена“.

Таа цивилизација денес е на работ на пропаста, пред еден голем амбис и не дај Боже да ја доживее судбината на Индијанците во Америка. Причини има многу но сведени на две тоа се: надворешниот непријател, кој под мотото „борба против теророзмот“ врши невиден тероризам во исламскиот свет и внатрешниот непријател, самите муслимани кои во име на исламот вршат невиден терор и над муслиманите и над сите други.

Првите откако го „ослободија“ Авганистан од „Талибанците“ и Ирак од Садам Хусеин, се нафрлија на многу Арапски земји сценирајќи „револуции“ под бизарно мото „Арапска пролет“, пролет која наместо да раѓа живот и да ја буди приридата донесе милиони изгубени животи и „заспана“и летаргична арапска интелегенција и политичка елита. Сочувај Боже од таква „пролет“! Сите ја гледаме пост-Гадафијевата „демократија“ во Либија, пост-Мурсиевата „демократија“ во Египет, недовршената во Сирија и тн. За среќа, не само на Ердоган и Турција, ами и на муслиманите и на сите луѓе со добра волја и демократски капацитет и најмногу за среќа на вистинската демократија, тоа подмолно сценарио не успеа во Турција. Благодарение на тој неуспех во Турција веќе од поодамна цвета „Турската пролет“ како на економски, политички, така и на демократски и, ако сакате, исламски план. Турција денес е земја на која можат да и позавидат и душманите и пријателите.

Вторите, за кои спомнав нешто во минатата колумна, таман по мерката на душманите на исламот кои од искона сакаат да го прикажат исламот и муслиманите како „диво месо“ во цивилизираниот и современ свет, како нешто анахроно на современоста и нешто со кое не може са се има коегзистенција и соживот. Муслимани какви што не треба да има! Муслимани какви што посакуваат душманите на исламот! Како да ги има измислено Хантингтон или Фукојама, тие одлично се вклопуваат во нивните тези за „судир на цивилизациите“ и „крајот на историјата“. Таквите, претежно дебелгузи, трбушести мажишта кои што јале не страле, со долги бради(нека ми простат и халал нека ми чинат сите оние кои носат бради-без оглед на причините- суннет, израз и симбол на машкост, или од уметнички и други причини), долги ножеви со кои сечат глави на недолжни луѓе, влеваат страв кај сите нормални луѓе, а со нивните куси умови и кратковидни погледи зе закануваат на целиот свет и тн. Тие го девалвираа(т) и исламот и поимот „исламска држава“ и калифат и поимот џухад, шеријат и се она што има корен, префикс или суфикс исламско и муслиманско!

Бидејќи се наоѓаме во деновите на Арафат и Хаџџ, денови пред и за време Бајрам, би сакал на муслиманите како бајрамска честитка, а на немуслиманите како пружена рака во знак оградување од таквите, во знак на пријателство и со цел правилно информирање, да ги потсетам на она што е суштина на Исламот. „Слм“ = мир, спас! И за да го разберат исламот на правилен начин да се огледаат на последниот Аллахов пратеник како што впрочем и Бог-Аллах џ.ш. ни препорачува во Кур’анот. Вие, во Аллаховиот Пратеник имате прекрасен пример за некоиј кој се надева на Аллаховата милост и на наградата на Оној Свет и кој често го споменува Аллах џ.ш.“(Кур’ан, Ел-Ахзаб, 21).Има многу нешта на кои, не само муслиманите тику и целото човештво може да се огледаа кај последниот Аллахов Пратеник, кој на крајот на краиштата, е пратен како „милост на Световите“, но во оваа прилика ќе ги спомнам само две. Првата е Мединската Повелба, која според многумина се смета за прв пишан устав во историјата и прва повелба која ги регулира човековите права, која е шест века постара од Големата повелба на слободата(1215), десет од Британскиот Билл за правата(1698), единаесет од Американската Декларација за независност(1776) и Француската Декларација за човекови и граѓански права 1789 год и тринаесет веке постара од Универзалната Декларација која Генералното собрание на Обединетите Нации ја прогласи во 1948 г. и Европската конвенција за човекови права која членките на Советот на Европа ја потпишале во Рим во 1950 г. Втората е Худбата- опроштајниот говор и порака на човечкиот род на Последниот Аллахов пратеник Мухаммед а.с., одржана на Арафат пред повеќе од сто илјади аџии во која на почетокот се вели: „О луѓе! Чујте те и послушајте што ќе ви речам, бидејќи не знам дали ќе се состанам со вас повеќе на овој свет… О, вие кои верувате, плашете се од Бога и почитувајте Го Бог. Бидете хумани и праведни и спрема себе и спрема другите….“ За на крај да заврши со зборовите: „О верни! Зборувајте ја чистата вистина секогаш. Нека омразата никогаш не ве заведе од патеката на правото и праведноста. Праведноста е сестра на побожноста. Затоа, плашете се од Бога и ќе бидете праведни. Он гледа што работите. О, луѓе, ја чувте мојата порака, внесете ја во своите срца, во своите животи. Сите оние кои ги слушнаа моите зборови, нека ги пренесат на оние кои не ги слушнаа“ По кратка пауза на крајот Аллаховиот пратеник извикал. „О, мој Боже! Дали ја исполнав својата задача и доверената ми мисија“? А масата од над сто илјади хаџии во еден глас извикала: „Божји Пратенику! Ти верно ја исполни својата мисија и нас ни го соопшти она што Бог ти го нареди“ Тогаш Мухаммед а.с. задоволен и со свечен глас извикал: „О, мој Боже, биди ми сведок“. Нека ни е Бог-Аллах џ.ш. сведок на сите нас за се она што го правиме јавно и за се она што далбоко го криеме во нашите срца и души. Нека ни е честити и за многу години Курбан Бајрам.                                                                   Бајрам Шериф Мубарек Олсун!

 

Шериф Ајрадиноски                                                                                                                    Авторот е претседател на Румелија                                                                                Торбешки културно-научен центар

 

 




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


5 × = ten

%d bloggers like this: