serif

Зелката е здравје, знаењето е моќ – Дек(A)шер колумна за в торба

serif

Дек(A)шер колумна за в торба

Јас (не)мислам така јас имам ст(р)ав

 

Зелката е здравје, знаењето е моќ

 

Почитувани читатели. Во Македонија деновиве, две работи го задржаа моето, а верувам и Вашето, внимание. Првата е идејата за екстерно тестирање во високото образование. Втората е кампањата за здрава храна, И едното и другото според моето мислење, не само што се непотребни, излишни и смешни ами се и иронични, цинични и жални. Еве зошто.

Прво, тука по кој знае кој пат има обидда се буричка во автономијата на универзитетите и обид тие да се стават под капа и под лупа на “големиот брат“- Владата и политиката. Ако ги знаеме, а ги знаеме, интелектуалните и образовните потенцијали на голем број владини и други политички чиновници и функционери, можеме само да претпоставиме и да си замислиме како би изгледало таквото екст(рем)(ер)но тестирање.

Замислете некој студент кој добил висока оценка од еден Владо Камбоски, Ферид Мухиќ, Таки Фити, Мерсел Билали или Абдулменаф Беџети на пример, а ваму на екстерното помине слабо пред еден Абдулаќим Адеми, Илија Димоски, Авдија Пепиќ, Спиро Ристовски или Артан Груби на пример, политички и владини авторитети чии интелектуални, образовни и стручни капацитети, чест на исклучоците, се далеку под нивото на овие првите.

Кому треба да му веруваме? На знаењето или на моќта? Во таков случај знаењето нема да биде моќ! Тогаш ќе се изгуби смислата на поранешната кампања на Владата на Р. Македонија под мотото „Знаењето е сила, знаењето е моќ“. Во Македонија одамна знаењето не е ниту сила ниту моќ. Најголема сила и моќ во Македонија одамна е партиската книшка. И, да не се разбереме погрешно. Тоа не е случај само сега и само во ова време на актиелната власт. Ваквата состојба е континуитет од осамостојувањето. Ако не и нешто порано.

Да беше знаењето моќ немаше да имаме моќни политичари со скромни интелектуални потенцијали и со релативно низок коефициент на интелегенција, или „кецароши“ како што милува да ги нарече професорката Мирјана Најческа. А такви, Бога ми, колку ти душа сака на политичката сцена во Македонија. Дека е тоа така „говори“ и состојбата во Македонија, ако ја споредиме со онаа состојба од пред осамостојувањето, кога беше во склоп на Југославија. Тогаш бевме „Америка“ не само за соседните Бугарија и Албанија туку и за многу други земји од поблиското и подалечното соседство. А сега на секој кој има повеќе од два грама мозок, јасно му е на кое дереџе сме паднати. А говорат и многуте постапки и гафови на нашите политичари за кои можат да се напишат томови. Ќе спмнам само неколку кои во моментов ми паѓаат на ум.

Во почетокот на деведесеттите години еден вице-премиер во Владата, Димитар Бузлевски се прослави со „мудрата“ изрека „Големиот грчки филозоф, Панта Реи рекол: – Се тече, се се менува“, покојниот екс-претседател Бориз Трајковски во една предизборна кампања ветуваше дека „Од Охрид ќе направи голема некропола“, а актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов, инаку најобразованиот од сите досегашни претседатели закитен со докторска титула, се прослави со (не)разумното дефинирање на разумниот компромис.

Второ. Оваа идеја се актуелизира само неколку години откако оваа иста Влада го девалвира и онака на ниски гранки паднатото образование во Македонија, отворајќи факултети во речиси сите паланки низ земјата или во секое село што би рекле злите јазици. Владиниот проект „Факултет во секое село“, колку год некому да му изгледа(л) оптимистички и надежен како идеја за достапност на високото образование за секој граѓанин, тој во себе неминовно го носи нус-прдуктот наречен девалвација на образованието. Македонија е мала земја а Скопје е на само стотина и нешто км. од која и да е дестинација во Македонија. Тој што сака да се стекне со високо образование ќе го бара, не само во Скопје ами и многу подалеку и на многу попрестижни образовни институции во светот.

Но Владата на Р. Македонија по принципот „сите наопаку ние терсене“ и по урнекот на премиерот Груевски кој по своето високо образование од Скопје отиде дури до Прилеп, се одлучи за високо образовни институции кои наместо да се мерат со европските и светските стандарди, продуцираат кадри кои се крајно сомнителни. Оние со подобра меморија се сеќаваат на квизот „Кој сака да биде милионер“ каде се изнагледавме и изнаслушавме разни глупости, аналфабетизам и игноранција, чиј врв беше преименувањето на турскиот писател и нобеловец Орхан Памук во Орхан Басма од стрна на извесна студентка од четврта година. Таквите академски незналици треба да бидат подложни на екстерно тестирање. И сето тоа би било во ред, ако тоа не го прават „тестатори“ кои во ништо не се разликуваат од тестираните. Она што е и цинично и иронично, а Бога ми и жално, тоа е фактот дека тоа ќе го прават токму таквите. Ќор дал, слеп зел, вели нашиот народ. Би било добро на екст(трем)(ер)ен тест да се стават сите министри, пратеници и други високи функционери, почнувајќи од премиерот, преку пратеникот Артан Груби, кој ги меша албанските и македонските историски личности кога се слика пред нивните споменици од проектот „Скопје 2014“, па се до „генијалниот“ Амди Бајрам и така натака и така навака, и така се по ред. Ред по редум девет реда, што вели една народна комитска песна.

Втората работа за која сакам да кажам нешто е кампањата за здрава храна. Апсултно благородна, корисна и потребна идеја, особено на нашава северна хемисвера и најмногу во богатата Европа каде што фрижидерите се „главен извор на храна“, а физичката работа е речиси непознаница. Како последица на тоа има појава на преголема гојазност која се есапи за сериозна болест. Така, според еден податок на Европската комисија од 2009 г., околу 22 милиони деца во Европа „страдаат“ од преголема дебелина, со тенденција тој број да се зголемува за 400 до 500 илјади на годишно ниво. Во такви услови заслужува респект секоја кампања која пропагира избегнување на месо и месни производи и друга висококалорична храна а заговара конзумирање на зеленчук и други нискокалорични но богати со витамини продукти. И тоа во Европа одамна се прави.

Ама Владата на Р. Македонија по принципот „видела жабата коњите се кујат па дигнала нога“ и по логиката „се што се прави во Европа и ние треба да го следиме“ се ангажира да прави кампања која веројатно скапо ќе чини. Треба да се прават скапи спотови како оние на Милчо Манчески, да се плаќа за реклами на CNN , на Сител кај Латас или на Канал 5 кај Миленко и на други провладини медиуми и сето тоа од парите на кутрите и сиромашни граѓани на Македонија кои, не само што немаат пари за месо, месни производи и друга висококалорична храна, немаат ни за ајвар и пиперки и пинџур и патлиџани што од памативек било македонски бренд. За голем број граѓани на Македонија контејнерите ги заменија фрижидерите а остатокот тие фрижидери ги полни со ефтина зелењава и друга зелка и боранија. Исклучок од ова се само мал дел од населението кое припаѓа на големиот бизнис и на владеачката структура. Во такви услови кампањата за здрава храна е и жална и цинична и иронична. Да биде иронијата поголема некои безобразни, опозициски и соросоидни папараци, жив го фатиле и го сликале премиерот Груевски во култната скопска ќебапчилница „Дестан“ како се гости со мрсни ќебапи и иронично коментираат како премиерот „соли памет за здрава храна, а тој во „Дестан“ на ќебапи“. Ево, азер сум за крај на коментаров, да се вклопам и јас во целата таа иронија со еден „разумен компромис“ и со еден неутрален статистички заклучок. Ние боранија и зелка, тие ќебапи и месо. Просекот – сарма и турлитава. Разумен компромис? Нели?

Шериф Ајрадиноски                                                                                                                    Авторот е претседател на Румелија                                                                                Торбешки културно-научен центар

 

 

.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


6 × two =

%d bloggers like this: