serif

“Стари“ и нови нации – Дек(A)шер колумна за в торба

 

  serif   “Стари“ и нови нации.  

                                                                                     “Народ кој не го знае своето минато
                                                                                 осуден е тоа минато да му се повторува“
                                                                                                                     R.W. Emerson

 

“Имено, на Балканот кој географски припаѓа на Европа но традиционално, културолошки и цивилизациски на Ориентот, политичката , економската и државничката компонента на нацијата е заменета со етничката, народносната,верската и пред се митолошката компонента. Митовите и митологијата кои по дефиниција се искривување на вистината,реалноста и рационалноста, се грчка односно византиска провала и далавера,кои како ’кукавичко јајце’ се подметнати и извезени во Европа. Од таму, во средината на 19 век,кога се раѓа идејата за нацијата и националните држави, повторно се увезува на Балканот.

Ваквиот историски пристап, за потребите на етаблирањето на националната идеја го промовирал Ернест Ренан во далечната 1882 година., во својот познат говор на Сорбона со тезата дека “искривеното претставување на сопственото минато е неизбежно во процесот на создавање на нацијата “.

За разлика од Европа која покрај искривеното претставување на минатото во националниот концепт ги етаблира поимите територија, држава ( нација = државјанство) и демос, балканските идеолози на нацијата ги промовирале поимите јазик, етнос и вера со што внесле големи забуни кои и денес се актуелни. “ Извадок од “Торбешката декларација“, Шериф Ајрадиноски, Струга, 2011.

Кога митовите и искривените претстави за сопственото минато ќе се вградат во концептите за нацијата и национализамот тие, кога тогаш, ќе ви се “удрат од глава“ и тогаш сегашноста ќе ви стане конфузија и ноќна мора, а антиката конфузна сегашност.
На Балканот ништо ново во тој поглед и како по правило Македонија секогаш го извлекува подебелиот крај. Талкајќи низ историјата ќе ја загуби географијата. Ваквата опасност навистина демнее над Македонија и можеби и над Босна најмногу, што заради не познавањето на сопственото минато што заради “Ренановото искривено претставување на сопственото минато“. Не дека кај другите народи не постои вакво нешто. Постои.

Евреите на пример, особено денешните евреи, се од се по нешто најмалку Семити. Западните Сефарди и источните Ашкенази се повеќе плавокоси и плавооки “Еворпејци“ или Хазари(според некои научници 90% од вкупната еврејска популација!) отколку “тамнопути“ Семити, ама верската компонента ги интегрирала во “цврста заедница“-нација. Или Французите кои не се замараат многу дали нивните претци биле германски Франки, чие име го носат или Гали, на чија територија живеат и чии симболи(галскиот петел) ги инкорпорирале во својата национална иконографија.

Или современите Турци кои се една од “најнечистите нации“(не во негативна конотација!) во светот, чии што Султани никогаш не биле “Турци по мајка“ затоа што нивните претци се женеле со припаднички на други народи и чиј што “татко“, Ататурк -Мустафа Кемал не бил Турчин, или Грците кои можеби имаат најмалку античка и хеленкса крв а имале баварски (Отон) и дански (Вилијам- Ѓуро и неговите синови со име Константин) кралеви. Или Бугарите кои се “колебаат“ помеѓу иранското, волшкото, туранското, татарското, тракиското и не знам какво уште не потекло, а од друга страна присвојуваат се што е словенско, поистоветувајќи го со бугарското. Нешто слично како и блиските на нив словенски браќа, Србите и тн.

Да не должам со набројувањата, да ги спомнам само уште и нашите западни комшии, Албанците за кои важи историскиот стереотип и така нереченото општо прифатливо мислење дека се единствени наследници на древните Илири и покрај многуте научници, не само контраверзниот дисидент Каплан Ресули-Буровиќ, ами и светски познатиот линвист Густав Вајганд, кој наоѓа несовпаѓање помеѓу Албанскиот “сатен“ јазик и Илирскиот “кентум“ јазик, дури и познатиот албански академик Екрем Чабеј се вбројува во таа плејада од научници кои, не само што не го делат тоа мислење, туку и го негираат илирското потекло на Албанците. Тие, овде на Балканите како и евреите на Блискиот исток, се одбрани од Бога(пардон од Америка!) да бидат трн во око на православните Словени, како евреите на муслиманските Арапи и да предизвикуваат војни секогаш кога Америка ќе го посака тоа. Со таа разлика што, ако кај евреите од различни етноси и раси, како фактор на обединување се јавува религијата кај Албанците од различни религии улогата на обединувачки фактор ја има јазикот. Но паралелата и компарацијата држи вода.

Држи вода и една друга паралела и компарација помеѓу две други нации кои, за разлика од споменативе “стари“ нации, се релативно нови и млади. Станува збор за Македонската и Бошњачката нација. Ако “старите“(ставам наводници кај стари, затоа што сите нации се нови!) настанале во 19- тиот и почетокот на 20-тиот век, Македонската и Бошњачката нација своето “озаконување“, легитимирањето го доживеале во средината на 20-тиот век, по Втората светска војна или по нашата славна југословенска Народно Ослободителна Војна и сосдавањето на С.Ф.Р. Југославија или, ако сакате Титова Југославија. Од тие причини злобниците го “обвинуваат“ Тито за создавање(читај признавање) на тие две нации.

И тоа не е единствениот најмал заеднички именител и паралела помеѓу Македонската и Бошњачката нација. Македонија и Босна се речиси најстар државнички бренд и имаат најдолг континуитет како држави, не само на Балканот. И двата народи многу нешта дале на словенството и на цивилизацијата. Двата Јужнословенски народи во минатото биле, а и денес се негирани од своите Јужнословенски “постари браќа“. Првите од Бугарите и Србите, вторите од Србите и Храватите. За волја на вистината треба да се каже дека голем број, особено од редовите на интелектуалците, во не така дамнешното минато се декларирале како Бугари или Срби (Македонците) и како Срби и Хрвати(Бошњаците) и тн.

Но она што е најпарадокслано и, да не кажам погубно, за двете нации, тоа е бегањето “како ѓавол од темјан“ од словенскиот карактер и етногенеза и барање на етногенетските корени далеку во Антиката! Едните кај Античките Македонци, другите кај Илирите и Готите. Добро прочитавте, Готите. Малку е познато на пошироката јавност дека есента 1942 г., група Бошњачки интелктуалци, меѓу кои и тогашниот градоначалник на Сарајево пишуваат писмо (преведено и објавено во книгата на В. Дедијер, “Геноцид над Мулиманима 1941-1945“) до Хитлер со следнава содржина: „Иако живееме во оваа земја каде постои мнозинство на слаовенско население, иако говориме на босански јазик кој е сличене на српско-хрватскиот, ние отворено изјавуваме дека по раса и крв не сме Словени, туку дека сме од готско потеклко…“ Во Босна, во поново време, меѓу бошњачките научници и интелектуалци, се повеќе се говори за илирско потекло на Бошњаците, додека во Македонија интензивно, до агресивност, се негира словенската компонента на современата Македонска нација.

Може да се разбере желбата на новите нации да се прикажат како “стари“. Готите како еретици биле присутни на Балканот и оставиле по некоја трага, Илирите и Античките Македонци исто така оставиле многу траги како и другите антички народи. Парадоксално е што речиси никој, ако се изземат некои Бугарски автори и некои Босански(академикот Алија Џоговиќ), не ги споменува Ттраките кои несомнено биле најбројната античка популација на Балканот! Може да се разбере и бегањето на Бошњаците од словенството. Затоа што многумина погрешно и неточно словенството го поистоветуваат со православието и најмногу со рускиот панславизам од 19 – тиот век, кој против Османската империја ги хушка и форсира православните нации на Балканот, Бугарската и Српската. Но не може да се разбере фактот што бегајќи од словенството (не)свесно се откажуваат од своите средновековни владари(Бан Кулин, Твртко и др.) кои се во основата на средновековна богомилска Босна и добрите Бошњани, патарени и богомили, кои пак од друга страна се главна компонента на современите Бошњаци. Уште помалку може да се разбере бегањето на македонските научници и интелектуалци од словенството и приклонувањето кон Античките Македонци! Со тоа свесно или не се бега од Солунските браќа Св. Кирил и Методиј, како и од Охридските браќа, Св. Климент и Св. Наум, личности кои, иако верски службеници на Византија и Бугарското средновековно царство, сепак важат за просветители на словенската писменост а потекнуваат од Македонија! Дали сето тоа се прави од “непознавање на сопственото минато“ во смисла на горецитираниот афоризам на Емерсон или од желбата за “искривеното претставување на сопственото минато…“, во духот на Ренан? Сеедно. Кои и да се причините, последиците можат да бидат Погубни.

Шериф Ајрадиноски                                                                                                                    Авторот е претседател на Румелија                                                                                Торбешки културно-научен центар

 

 




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


+ 5 = seven

%d bloggers like this: