seko1

Назиф Докле – Мојот торбешки и богомилски брат. – Дек(A)шер колумна за в торба

seko1

Дек(A)шер колумна за в торба

Јас (не)мислам така јас имам ст(р)ав

Назиф Докле – Мојот торбешки и богомилски брат

                                                                                                Ima neka tajna veza 
                                                                                                za sve ljude zakon krut
                                                                                                njome covjek sebe veze
                                                                                                kada bira neki put
                                                                                                                          (Duško Trifunović)

   Кога некој инсан го познаваш само десетина години а го чувствуваш како роден брат, апап и пријател кого синки го познаваш десетина векови, како заедно да сте поминале еден цел милениум, барајќи се низ минатото, тогаш мора да „ има нека тајна веза“, некој таен код. Моето познатство и пријателство со, сега веќе равметлијата, Назиф Докле нема друго реално, ачик и логично објаснение освен ова. Таа тајна веза и таен код се единственото објаснување. Не оној „Давинчиев код“ на Ден Браун, ниту тајната веза од хитот на „Бијело Дугме“ и стиховите на Душко трифуновиќ.Тајната веза со која човекот се врзува кога бира некој пат и која не поврза мене и Назиф беше „торбешката веза“ а кодот беше „богомислкиот код“.

Дури има и некоја тајна симболика. Изминатава 2014 годона, која по мое мислење е една од најлошите за Торбешкиот милет, како и онаа 1014 од пред илјада години која била најлошата за богомилскиот милет. Таа 14-та година од втроиот милениум, овој свет-дуњава ја напушти најголемиот богомил –еретичкиот цар Самоил, а оваа 14-та година од третиот милениум, оваа дуња ја напушти најголемиот современ богомил-Торбешот Назиф. Да „почекаше“ барем ден два. Оваа симболика ќе ја немаше. Ама Сајбијата, како што Назив милуваше да го именува Свевишниот Бог-Аллах џ.ш., не сакал да биде така. Инсан снује али Бог одлучије. Така велат Бошњаците.

Мораше ли тие последни денови на годината по се да потсеќаат на она време од пред илјада години. Средновековна темница, без струја, без телефони, без интернет. Студ, голем студ незапамтен во поново време, непроодни патишта затрпани од голем снег. Како во такви услови да се биде херој, да се помине Албанија за да се дојде до неговиот Кукс и да се застане мирно пред неговиот табут и со подигнати раце да се упати дова, една Фатиха за рахмет на неговата душа, да се прочита некоја од неговите песми за богомилите и Торбешите, да му се клања џеназе намаз и како што рекол Господ да се испрати на Ахирет.

Назифа го запознав на еден исто така чуден, невообичаен начин. Се видов самиот себе, се прочитав во неговите лафој за богомилите. Како во огледало, како Сократ во бунарот, се видов себе си во него. Тајна веза и богомилски код. Тоа се случи некаде во 2004 год. ми се чини. Имено, еден од моите блиски пријатели со кои често знаевме да разменуваме мислења и сознанија за Торбешите, богомилството и други слични теми, кој често, знаејќи за моите до тогаш објавени статити и полемики на тие теми, ми сугерираше да седнам и да напишам нешто посериозно на таа тема. Еден ден речиси налутен на мене, ми забележа дека кријам од него и сум напишал некој научен труд под псевдоним, дека „ме читал“ некаде по интернет, токму на тема. Богомилите и Торбешите. Помислив дека прочитал нешто од моите предходно објавени написи по новини, но тој знаеше за сите нив и одрекуваше дека станува збор за истите. Бидејќи тогаш сеуште не бев поврзан со интернет, ме поведе домаму на кафе и почна од компјутерот да ми чита делови и реченици од напишаното. Малку фалеше и јас да поверувам дека тоа се мои зборови! Тогаш за прв пат го видов неговиот аскетски, еретечки и богомилски лик и го прочитав неговото име- Назиф Докле.

Подоцна на сличен начин (торбешки теми- некој од неговите многубојни трудови), го запознаф и другиот мој апап и драг пријател од Гора, професорот и некогашен пратеник и министер од Косово, др. Садик Идризи. Негов роднина и пријател. Тој ме информира затоа кој е Назиф, ми пушти по мејл некои негови написи и ми даде мејл-адреса и телефон Назфов. Така започнаа нашите поинтензивни контакти. Подоцна кога му ја испратив мојата статија „Торбешите во Македонската енциклопедија“ ми се јави по телефон и ми кажа дека и тој себе си да се читал во тие редови, како и јас во неговиот труд „Торбеши-последњи слједбеници богомила“. „Твојте лафој како мој да се“-ми рече. Така нашето познатство, полека но сигурно прераснуваше во искрено пријателство и соработка.

Неговата, а и мојата желба да се видиме и запознаеме лично, набргу беше реализирана благодарејќи на др. Садик Идризи која го доведе во моето Подгорци, некаде во првата половина на август 2010 год. Беше сезона од свадби и нашите драги гости имаа можност да видат дел од амбиентот на една торбешка свадба и да ги пробаат нашите торбешки свадбарски специјалитети на казан: пача, грав и познатата бачилска алва. Потоа конакот и муабетот го продолживме кај мојот биразер Мевмед Џемајлоски, тогашен генерален секретар на Партијата за Европска Иднина, подоцна и пратеник во Парламентот на Р. Македонија, каде како во сон поминаа неколкуте саати муабет. На заминување ми подари две од неговите книги „Горански народни песни“ и „Севни бре ашик, севни бре душо“

k1

Следната година, кога на 8-ми јануари во организациоја на Румелија Торбешки културно-научен центар, го ордржавме Првиот Торбешки Форум во Струга на кој беше обзнанета „Торбешката повелба“ и промовирана мојата „Торбешка декларација“, заради зимските услови не беше во можност да не сајдиса со неговото присуство. Ми се јави да ми честита и да посака успешна работа на Конкресот. Така тој го нарече нашиот, торбешки скуп. Со жалење што не може да присуствува, но и со радост кога дозна дека покрај делегацијата од Косово, предводена од др. Садик Идризи и журналистот Раиф Каси, ќе имаме и делегација на нашинци(Помаци) од Бугарија предводена од Сајди Чолак и хроничарот од Брезница Мехмед Бујукли, кого јас си го викам помашкиот „Евлија Челебија“. Тогаш по Садик му испративме по неколку примероци од Торбешката повелба и Торбешката декларација.

Кога во април истата, 2011г., година на ФОН Универзитетот во Скопје, Румелија Торбешки културно-научен центар, организираше научен симпозиум на тема „Балкански идентитети и нивниот предизвик“, тој беше еден од воведните излагачи. Неговото инспиративно, вдахновено и концизно излагање беше следено со отворени и очи и уши. Никој од присутните не остана рамнодушен на неговото излагање во кое тој ги потенцираше некогашните богомислки обреди ритуали и ги компарираше со многу адети, верувања, суеверија и обичаи на Торбешите од Гора и пошрокиот регион, Албанија, Косово и Макењдонија, кои се продукт и наследство на тие богомилски ритуали.

k2

Не можев ни да помислам ни да насетам дека нашата средба во Рестелица, еден ден пред Ѓурен, еден од најголемите празници на Торбешите од Гора и пошироко, Ѓурен или Ден пролеќен, попознат како Ѓурѓевден, ќе биде наше последно видување на оваа Дуња. На 5.мај 2014 г. беше промоцијата на книгата „Ѓердан“ на нашите апапи и пријатели Мурат и браќата Мушка во Рестелица-Торбешкиот „Олимп“. Бев поканет и отидовме заедно со другар ми и колега-текстописец Абас Цаноски, „торбешката легенда“ од Октиси. Во Призрен не чекаше модераторот на промоцијата Раиф Каси. Кога го пиевме кафето во Призрен, да се освежиме и да одмориме од долгиот пат, тој му се јави на организаторот за да го извести дека пристигнавме во Призрен и наскоро тргнуваме за Рестелица. Тогаш Раиф ми кажа дека таму, покрај другите гости, присутни се и легендарните торбешки великани Рамадан Реџеплари, Елмаз(братот на Назиф) и Назиф. Помислата дека по три години пак ќе се видиме ме правеше среќен.

k3

Кога стигнавме во ресторанот, најпрвин потрчав во прегратка на неговите веќе раширени раце и братски се прегрнавме и изгушивме. Ми чувал место токму меѓу него и неговиот брат Елмаз. „Ти си мој брат и ќа седиш тује меѓу мене и Елмаза“. Така ми рече. Кога сето тоа се заврши на разделба ми рече: „Сега ако е насип од Сајбијата следен пут да се виѓаме ке мене во Кукс“. Повторно се прегрнавме. Му дадов збор дека следниот пат ќе се видиме во Кукс или во неговото Борје, во Гора. Имаме таму и да истражиме некои непознати за пошироката јавност места, а поврзани со историјата на богомилите. Му споманв за царскиот трон на еретичката-богомилска држава, Склавинија(Самоиловото царство), каде столувал синот на Самоил, Радомир. „Ка ќа дојш ќа прајме муабет за тије нешта, за тој муабет ни требет три дни и три ноќи“- ми рече со несмевка на лицето и така се разделивме. И сега, кога си замина од оваа Дуња, се уште не можам да се помирам со горчливата реалност, дека тоа беше наша последна средба. Тој умре, мена век, се пресели на Ахирет. Онака тивко, молкум, безчујно и незабележително како и што живееше. Аскетски и богомилски. Умре за да живее вечно. Можеби е подобро да се каже Замина! Зашто луѓето како Назиф никогаш не умираат. Велат „Има две сорти на луѓе, едни се умрени пред физичката смрт, други живеат долго, долго и по физичката смрт“. Мојот брат Назиф Докле спаѓаше во оваа, вторава сорта на луѓе. Неговото семејство, неговата акраба, неговите пријатели вечно ќе го чуваат споменот на Назиф и тој секогаш ќе живее во нас. Но има нешто кое сите нас ќе не надживее и ќе трае вечно. Тоа се неговите дела. Преку тие дела вечно ќе живее големиот Горанец, големиот Торбеш, големиот богомил…Но пред се и над се големиот човек- Назиф Докле! Почивај во мир и нека ти е Божји, Аллахов, Сајбијин рахмет, голем човеку.

автор




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


+ 1 = nine

%d bloggers like this: