seko1

Кротки јагниња, бесни бикови или горди и храбри лавови – Дек(А)Шер колумна за в торба

Дек(А)Шер колумна за в торба
Јас (не)мислам така, јас имам ст(р)ав

Кротки јагниња, бесни бикови или горди и храбри лавови

seko

Пишува : Шериф Ајрадиноски

Нашиите оџи, имами и хатиби(чест на ретките исклучоци), бегаат од актуелните(политички) теми  како “ѓавол од темјан”! Изговори за тоа, еден куп. Да не ја мешале верата со политиката! Да не го разединувале џематот(народот)! и тн и тн.

Не си ја познаваат својата вера? Или нешто друго. Мухаммед а.с. бил и Божји пејкамбер (пратеник), но и Халиф (владетел) на држава. Значи верски лидер, политичар и државник. Исламот не познава раздвојување на сакралното и профаното, верата и политиката, овосветкото-дуњалучкото и оносветското-ахиретското.

А џематот, умметот(народот муслимански), сега е разединет како никогаш порано! Така да тие изговори и оправдувања не им држат вода. Тоа е повече одраз на игноранција, незнаење, комплекс на ниска вредност,  инфериорност, поданички менталитет и тн. Ползење и лигавење!
Неодамна присуствував на една трибина од која очекував нешто повеќе, барем од најавата за гостинот предавач(хафиз на Кур’ан) и темата. “Мухаммед с.а.w.с. примјер за сваког вјерника”! А, Бога ми и заради придружбата која беше со него и најмногу заради подударноста на темата со актуелните настани во Париз, поврзани со ликот и делото на Мухаммед а.с.

Имајќи пред вид дека сето тоа се случуваше во време на Ребиул-евеел, месецот на раѓање(мевлудај) на последниот Божји гласник и во време на гнасните настани во Париз, аферата Чарлие и сето тоа што се случуваше, убиствата на „новинарите“ кои во името на слободата на говорот исмејуваат и навредуваат чувства на речиси две милијарди муслимани, но и убиствата на недолжни муслимани, сквернавење на џамии и други објекти кои припађаат на муслимани, очекував нешто актуелно да слушнам. Дотолку повеќе што настаните беа, би рекол, режирани како „честитка“ упатена кон муслиманите. И до оние кои го одбележуваат роденденот на Мухаммед а.с. и до оние кои тоа го сметаат за бидат(новотарија).

Но наместо тоа, наместо примери од животот на Пејкамберот а.с. кои го покажуваат како таков(државник и политичар од голем калибар), слушав(ме) примери од тоа каков бил тој како зет, како пријател како татко и тн. Како се шегувал со неговиот таст, Ебу Бекир, ставајќу му ги пред него грлушките од урмите кои самиот ги јадел, за да се мисли дека овој многу јадел урми, како се шегувал се со некоја старица, велејќи и дека во Џеннет нема да има стари(сите ќе биле млади на 33 год.) и тн.

Во однос на тоа како да го следиме неговиот суннет, почитуваниот предавач се задржа на банални примери од типот, како кога ноќе ќе се пробудиш жеден, да земеш чаша вода, по суннет да седнеш, да ја земеш чашата со вода во десната рака, да речиш бисмиллах, да пиеш на три пати, да направиш пауза и тн., бидејќи науката потврдила дека било штетно да пиеш вода на еx и стоечки!!!

Во ред е сето тоа и така е и добро е. Тоа е суннет и исламски бонтон. И треба да се следи. Ама, брате мој драги, си реков сам на себе. Зарем требаше да пропатуваш стотици километри за  да ни го кажеш тоа? Тоа го знае овој милет. На тоа не учеа нашите нени и нани, кога бевме мали дечиња от пет/шест години. Додуша, меѓу нас кажано,  има и понекои кои не ја научиле таа лекција. Ама таквите нема да видат фајде од тоа предавање. Оној кого не го научиле неговите, и кој не го практикувал исламскиот бон-тон и суннетот од рано дество и рана младост, нема да го прави тоа и во зрелост. Тоа, народски кажано, се вика домашно воспитание или едеб. Стар коњ не се учи на реван. Или, како што рекол Мухаммед а.с. „Најдобар период за воспитување кај децата е дваесет години пред да се родат“, што ќе рече да е родено од воспитани родители.

Што се однесува до разединетоста на муслиманите, и тоа не држи вода. Муслиманите денес се разединети, распарани и распукани по сите шавови. И расно и етнчки и национално и идеолошки и политички, па и верски ако сакате. Така е во светот, така е во Европа, така е на Балканот, еx Југославија па и овде во Македонија. Сведоци сме дури и на меѓумуслиманските, веќе опасни поделби на традиционалисти, модернисти, умерени, екстремни, радикални, вехабисти, селефисти, фундаменталисти, џихадисти и не знам какви уште не разни „исти“! Сите тие, така лесно како од ракав, дригите ги оквалификуваат и етикетираат како „ќафири“, „муртади“, заблудени муслимани, забегани во погрешна насока и тн. Резултат. Едните молчат како јагниња, се чувствуваат инфериорни и се правдаат (малку фали и да се оградат, не од нив туку од нивната вера) заради теророт кој го прават другите, нивните истоверни радикали, кои пак од друга страна, како разјарени бикови реагираат на секоја вешто осмислена и режирана провокација од разни екстремни десничарски структури, европските фашисти и белосветските ционисти. Нивната цел е двострука. Да покажат пред светската јавност дека исламот е или анахрон на современоста, кој треба да замине на „буништето“ на историјата, или опасност за современата цивилизација со кој не е можна коегзистенција, па треба да му се објави глобална војна.

Со оваа колумна сакам да им порачам, не само на почитуваниот гостин кој сосем случајно е спомнат овде, туку на сите  наши оџи, имами, хатиби и други исламски авторитети, од најнискиот до највисокот ранг, вклучувајќи ги и оние шејхови на разни, порадикални групи(не го сакам терминот секти!). На сите оние кои живеат од исламот, но и на оние кои живеат за исламот. Со својот углед и авторитет и влијанието кое(треба да) го имаат врз муслиманите, да делуваат во една насока. Наместо од муслиманите да профилираат кротки јагниња кои треба да се учат како, кога и каде да пијат вода и да се извинуваат на волкот и тогаш кога не треба, наместо да профилираат бесни бикови кои, без потреба, агресивно реагираат на осмислените провокации, да се потрудат малку, од муслиманите да направат силни, горди и достоинствени лавови. Така ќе им помогнат и на муслиманите и на немуслиманите, а Бога ми и на нерпијателите на исламот и муслиманите. Во тој случај муслиманите ќе бидат горди и достоинствени и праведни, а како такви ќе бидат почитувани и уважавани од другите, а непријателите ќе се плашат да ги нападнат ако се силни како лавот. Рахметли Алија Изетбеговиќ велеше: „Ако сме силни ќе му помогнеме и на непријателот, со тоа што ќе го спречиме да помисли така лесно и без причина да не наопадне“ Така говореше Алија, човекот почитуван и на исток и на запад, и од муслимани и од немуслимани и човекот чија последна порака беше: „Барајте правда, не одмазда“. Имате и други урнеци. Рахметли Јакуп еф.  Селимоски, последниот Реис-ул-улема на еx Југославија, долгогодишниот Реис-ул-улема на Босна, др. Мустафа еф. Цериќ и најпосле санџачкиот муфтија Муамер еф. Зукорлиќ, човекот кој со неговата елоквентност и реторика, со храброста и отвореноста, со неговото лавовско држење, остава впечаток на храбар и достоинствен, но во исто време, праведен лав со кого муслиманите се гордеат а непријателите на муслиманите и исламот може да го мразат, но тешко ќе се одлучат да го плашат како јагне или да го разбеснат како бик. Ќе мораат да го почитуваат како што се почитува еден лав. Сите ние треба да сме даветџии, мислионери, но Вие почитувана улема, како наследници на пејкамберите, го имате тој аманет, можност и обврска од муслиманите да профилирате, не кротки и плашливи јагниња, не бесни и неразумни бикови, туку храбри горди, достоинствени и праведни лавови. Арслани.

автор




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


one × 5 =

%d bloggers like this: