,,Почитувани мештани, ја имавте таа чест во вашево китно село да настапи нашата национална гордост – ансамблот Танец.“

Се сеќавам, беше тоа во 1988 год., а јас тогаш бев полуматурант, кога громогласно познатиот радио водител Симон Беличанец го најави настапот на ансамблот „Танец“ на тогаш многу познатата, а сега отфрлена културна манифестација ,,Гоцеви Денови,“, која редовно се одржуваше во моето село Подгорци.

Тогаш, за првпат, го прашав татко ми што значи „Танец“ и зошто е толку значаен? Од мојот татко, мислам дека го добив најасниот и најкраткиот одговор во досегашниот мој живот. Ми рече:„Танец е нашето оро, нашата песна, нашата традиција и култура. Осознај го ’Танец’ и ќе се осознаеш себеси и сите овие зборови.“Од тој ден па сe до ден денешен никогаш не сум го пропуштил да го пратам„Танец“ во неговите настапи на телевизија или во живо. Преку „Танец“, чинам, ја запознав нашата историја, нашата традиција и нашата култура.

На мојата свест, на мојот патриотизам, на мојот разум, како и на мојата потрага и желба за вистината, исто како и на мојата омраза кон неправдата (направена досега и од сега, па натаму!) – низ сите овие времиња-невремиња не повлијаеле ниту политичари, ниту нечии говори, ниту историчари, ниту партии. Единствено „Танец“ низ својот настап ја ежеше мојата кожа, ги солзеше моите очи, го бистреше мојот национален ум и ме правеше горд пред секого.

Зошто „Танец“, зошто го уништи сето тоа? Дали во овие времиња на македонска поделба треба да играте и пеете на бината на било која партија? За сите нас кои не сме политички активни и кои размислуваме и трагаме по вистината со сопствен разум, но и кои сме загрижени за иднината на нашата држава се прашувам: Што ли Ве натера да ја ширите чумата наместо да ја истерувате чумата (наслов на вашата игра и песна), која навлегла и навлегува длабоко во македонскиот народ. Како и сите луѓе, и вие имете право да бидете политички обоени, меѓутоа како членови на „Танец“ и како врвни национални професионалци го немате тоа право. Вие треба да играте само едно оро – оро на сплотени Македонци фатени рака за рака, рамо за рамо.

Искрено верувам, како и моите истомисленици и слободоумни граѓани, дека во име на она што преставуваше „Танец“ низ сите досегашни години, дека барем јавно ќе им се извините на граѓаните, со ветување дека никогаш повеќе нема да настапите во име на било која партија, бидејќи вашата партија, како членови на Танец, може да биде само една. А таа „партија“ е токму Македонија, која е од сите граѓани и им припаѓа на сите нејзини граѓани.

Пишува Оливер Бојчески
Авторот на текстот е политичко независна особа, доктор, автор на стручни книги и бројни научни трудови презентирани во нашата држава и странство.

Откажи одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молам ставете го вашето име