seko1

Наша Колумна: СРЕБРЕНИЦА

seko

Пишува: Шериф Ајрадиноски

                                         КОЛУМНА: СРЕБРЕНИЦА

Рамазан, 11 јули, 2015 година, дваест години по најголемиот геноцид во поновата историја, се најдов на „местото на злочинот“, во меморијалниот центар Поточари во Сребреница. На покана на моите пријатели, Неџад Мехмедовиќ, Адмир Фазлагиќ и претседателот, проф. др. Зеќир Рамчиловиќ, од здружението за култура, заеднички вредности и одржлив развој „Диван“ од Скопје, заедно со Иса Демишоски од „Дубаи Портал“ и со уште педесетина други граѓани на Македонија, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Торбеши и најмногу Бошњаци, се придружив на Маршот на мирот Скопје-Сребреница, со една единствена цел. Со учење на Фатиха да им изразам почит на оние 8372 шехиди, прерано овенати сребренички цветови и да им клањам џеназа намаз на „новодојдените“ 136 шехиди, чии посмртни остатоци, по дваесет години, ќе го најдат својот мир и ќе бидат „посадени“ во, со шехидска крв натопената сребреничка земја, на мезарјето во Поточари.

А Поточари тој ден, како бајрам за шехидите. Ги чекаат оние новите сто триесет и шестмина, кои ќе им се придружат и за на век ќе останат меѓу нив до Судниот ден. Ги чекаат на зијарет нивните најблиски, бабовци и мајки, браќа и сестри, синови и ќерки, внуци и други роднини и пријатели, кои ќе положат букет свежо свеќе, ќе проучат Ја-син, Фатиха и по некоја друга дова за рахмет на нивните племенити души а, Бога ми, и по некоја солза ќе пуштат над нивните мезари. Не чекаат и нас, нивните непознати браќа и сестри, од цела Босна и Херцеговина и бивша Југославија, од Вардара па до Триглава.

Ме чекаат и мене. И јас сум една капкаа во реката од педесетината посетители од Македонија која се влеа во морето од педесетината илјади души дојдени да ги зијаретат. Преходниот ден, пред тргнувањето од моето Подгорци, спроти џума, им проучив Ја-син, ќе им проучам и дова за рахмет, многу Фатихи… Ќе им клањам и џеназе намаз. Имав и нешто друго како хедија за нив. Нешто многу мало, но со голема љубов. Единаесет цветови, три рози и осум златни лилјани, собрани во мојата бавча како махсус селам за шехидите. Поприкладен избор не можев да направам. Златниот лилјан за мене, а верувам и за многу други, е симбол на надчовечкиот отпор, страдањето, но и на херојските подвизи и победи на голоракиот Бошњачки народ, симбол на богомилството и на средновековната босанска држава на кралот Твртко и Кулин бан, симбол уклесан на средновековните босански стеќци и, на крајот на краиштата, симбол на знамето под кое Босна во 1992 год., постана самостојна и независна држава.

Ги чекаат и официјалните делегации од речиси стотина земји од целиот свет. Да го спомнам само бившиот претседател на САД, Бил Клинтон и актуелниот премиер на Турција, Ахмед Давутоглу. Сите тие ќе кажат по некој збор за мртвите, ќе го осудат геноцидот и ќе искажат по некоја порака за мир. Потоа некои ќе застанат во став мирно, ќе ја наведнат главата и со минута молчење ќе ја изразат својата почит кон жртвите и осуда кон џелатите, други ќе ги дигнат рацете и со проучување на Фатиха ќе го сторат истото. Поточари мирно, тивко и тажно. Сите сме тажни, ама најмногу „Мајките на Сребреница“. Нивната тага никогаш нема да престане, но денес таа тага е малку намалена, затоа што поделената тага е помала тага. А тој ден тагата ја делеа околу педесет илјади луѓе. На јарболите се веат државни знамиња на Босна, но најмногу ги има оние со лилјаните. Тишина и тага! Што рече журналистот Фазлагиќ, “никогаш поголема тишина, а погласна тага истовремено„. Тишина нарушена од говорите на званичниците, илахиите и сурето Ја-син, проучувани од огромниот број оџи, имами, хафизи и друга улема на чело со почитуваниот Реис, Хусеин еф. Кавазовиќ.

Помислата дека наскоро ќе клањам полден и икиндија намаз, како и џеназа намаз, во џемат од педесет илјади нуфузи, намаз кој лично ќе го предводи и имами Реисот Кавазовиќ, предизвикуваше посебни чувства во мене. Чувства кои не можат да се опишат и да се споредат со ништо. Некој чуден, немирен спокој, обеспокоен само од еден голем транспарент на кој беа испишани зборовите: „Убијте еден Србин и ние ќе убиеме сто Муслимани“, искажани пред дваесет години од говорницата на Парламентот на Србославија, од устата на еден тогаш малад, аџамија и непресметлив националист, радикал и четник, Александар Вучиќ, сега еволуиран, прерушен и, дали ќе бидам циничен ако кажам, маскиран „напредњак“, кој ја обавува функцијата премиер на Србија.

И тој беше тука тој ден, на местото на злочинот. Декларативно, за да пружи рака на помирување. Но ако се анализираат неговите јавни настапи, непосредно пред комеморацијата, а поврзани со тн. Британска предлог декларација за геноцидот во Сребреница, лепењето плакати на улици со името на крвникот Ратко Младиќ и други негови шовинистички изјави и активности, никој нормален и мислечки човек не беше уверен во тоа. Не бев ни јас. Дека бев во право, набргу се уверив уште тие моменти на самото место, како непосреден жив сведок, потоа од експресно свиканата прс-конференција во Београд и се она што следуваше деновиве потоа. Онаа несреќна парола која потсетува на фашизмот на Хитлер (и тој така се закануваше со сто убиства за еден убиен германски војник), можеби можеше да се прости ако Вучиќ еволуираше и, наместо на Хитлер, заличеше на големиот Вили Бранд, кој смогна сили да го признае геноцидот врз Евреите и другите жртви на фашизмот, да ја наведне главата пред нивните меморијални центри и да побара опрост во име на неговиот народ. Но една народна вели:„ Волкот влакното го менува ама уќот не“! Вучиќ ниту го признава геноцидот во Сребреница, ниту ја наведна главата во знак на почит кон жртвите, ниту се извини во име на неговиот народ. Напротив! Лут на протоколот, затоа што седел во вториот ред, затоа што Бакир Изетбеговиќ не го поздравил, „се претварал дека не го видел“ и гневен на илјадните грла кои учеа текбир „Аллаху Екбер“! Тоа за Вучиќ било „урлање“…! Е, па драги мои, тоа е сериозен проблем кој Вучиќ ме може или не сака да го разбере. И на Вучиќ и на секому треба да му стане јасно дека, додека за Вучиќ „Аллаху Екбер“ е „урлање“, никој муслиман, а уште помалку оние Бошњаци кои ги изгубиле најмилите во Сребреница, нема и не треба да ја прифатат неговата рака на помирување! Со тоа тој сее омраза, а тој што сее омраза ќе жнее гнев! Таков гнев пожнеа Вучиќ во Сребреница.

Неговите приказни за „долго припреман и инсцениран напад“, за „навивачите од некој фудбалски клуб од Србија“- алузија на Бошњаците од Санџак, приказните за атентат, скршените наочари, распуканата буза, гаѓањето со камења и флаши и другите небулози искажани од негова уста деновите потоа, се лага, гнасна лага и сеење на омраза во негов препознатлив стил и по урнек на Добрица Ќосиќ. Би било многу подобро за Вучиќ и за Србија, да го батали идеологот на српскиот национализам, академикот, Добрица Косиќ кој велеше: „Лагата многу пати во историјата ја спасувала Србија“, дека „Лагата е форма на српски патриотизам “ и дека „Лагата е српски државен интерес“, да го батали и најголемиот злосторник Ратко Младиќ, кој непосредно по геноцидот во Сребреница рече: „Им се осветивме на „Турците“. Младиќ не заслужува коментар. Меѓународниот суд во Хаг го „коментира“ него. Но она што го велеше Ќосиќ. Токму тоа е најголема лага! Лага која Србија, а Богами и целиот Балкан, скапо го чинеше. Не може лага да биде патриотизам и интерес. Уште помалку спас! Не лагата и осветата, туку вистината и правдата требаат, можат и мораат да бидат форма на патриотизам, интерес, мир, спаас и селамет. И за Србија и за Босна и за Балканот и за Европа и за целиот свет. Само вистината и правдата! Тоа, на своите Бошњаци, на Балканот, на Европа и на целиот свет, го порача првиот претседател на БиХ, рахметли Алија Изетбеговиќ од болесничката постела, само два три дена пред да ја напушти оваа Дуња и да се пресели на Ахирет, кога рече: „Барајте правда, а не освета“! Ако лажеме и бараме освета ќе ни се повтори Сребреница и(ли) ќе имаме нови „Сребреници“, а ако бараме вистина и правда, можеме да се надеваме на еден подобар Балкан во кој никому и никогаш повеќе нема да му се повтори Сребреница.

автор

Dubai-portal.com.mk




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


five + = 10

%d bloggers like this: