ДЕЦАТА ОД ПАВЛОВАТА УЛИЦА ВО КЕМБРИЏ СИСТЕМОТ И ЕКСТЕРНОТО

Чекорам по патеката на моето детство онаа истата по која чекорам и сега, онаа чии што патоказ ми беа сончевите зраци кои се пробиваа низ густата шума. Поминувам за да стигнам до широката ледина преполна со спомени колку што е преполна со разни билки и цветови. Со мене ја носам мојата омилена лектира ,,Децата од Павловата улица,, на писателот Ференц Молнар. Чудно, но и ден денес после толку години со непоминлив страс и во еден здив ја читам оваа книга по којзнае по кој пат, секогаш наоѓајќи нешто ново, нешто филозофски со цел старите и убави спомени на прекрасното детство да ми помогнат во матната сегашност и несигурна иднина. Се сеќавам, во ледина го поминувавме нашето прекрасно детство исполнето со безбројни игри од разденување до стемнување. Тука ги правевме и ги браневме со стрели првите наши колиби, тука ги делевме јаболката, крушите и сливите што ги крадевме од градините. Тука за прв пат ја читав ова лектира, но и ги учев имињата на сите цветови и сонував како со нив ќе ја закитувам косата на мојата девојка. И ако во еден момент од животот, таа – ледината беше причина на неколку пати да ја заборавам азбуката и таблицата за множење поради бескрајните игри, во друг момент на животот, тука, на ледината во пријатни спомени од детството ги учев најтешките испити на факултет, тука ја добивам инспирацијата и мислата за моите книги и научни трудови.

Тука сум повторно во размислување и жалам за две работи, што ова ледина станува се поосамена и без детски џагор и што денес, за жал, во нашиот образовен или ,,интелектуално уништувачки систем,, не се чита повеќе ова лектира како обавезно четиво. Си велам, сигурно оние кои што го воведоа овој систем не ја прочитале ова лектира зошто ако ја прочитале и разбрале, сигурно подобро ќе ја познавале психологијата на развојот на личноста и детството, методологијата и педагогијата на учењето и слободата на дејствувањето и размислувањето. Можеби нашите идни генерации ги спремаат за кембриџ што јас чисто се сомневам или пак некој има друга цел правејќи ги децата образовно неспособни од нивното прерано форсирање.

Постои еден пример на познатиот австралиски пливач Јан Торп кој на своите јуниорски години ги собори сите светски рекорди и во неговата и во постарата возрасна категорија. Кога најмногу требаше да даде во спортските постигнувања овој пливач се откажа од пливањето. На прашањето зошто се откажува, тој накратко ќе одговори – сакам да си играм со играчките од детството кои ми беа одземени.

Воден од овој одговор, исто како и сите вие, се прашувам:

–          Зошто со овој систем се скратува и се одзема од детството? Зошто низ солзи да се пишуваат домашни задачи и тие да бидат наменети повеќе за родителите отколку за децата? Зошто го отфрламе она што беше добро од стариот систем и само го надоградиме со ново? Зошто учениците, наставниците и родителите се носат во лудило на екстерното тестирање? Зошто постои диспропорција помеѓу нивото на образованието и фазите на психички и физички развој?

Можеби се сака да се направат нови Јан Торп примери и кога најмногу ќе треба да дадат во учењето и постигнувањето тие да се откажат и да се вратат кон играчките. А знаеме ли какви играчки ќе им бидат дадени тогаш и од кого?

Но да се навратиме на лектирата ,,Децата од Павловата улица,, која без разлика на се повторно ќе ја читам и препрочитувам. Во ова ретко убава книга живописно се насликани момчиња, чесни, слободољубиви, правдољубиви. Центарот на се што се случува е ширината, слободниот простор на Павловата улица каде децата го играат своето детство, каде израснуваат постепено во луѓе, каде ја живеат и бранат својата слобода. Ширината на улицата е ширина на татковината што мора да се сочува и брани. Улицата ги тера да бидат слободни и свои, неограничувани и непречени од никого. Иако пишувана во одамно време укажува за детството, неговата непроменливост и универзалност на детските цели на сите генерации и тогашни и сегашни и идни.

Не знам дали поентата на ова лектира ќе ја разберат децата без детство на кембриџ системот и екстерното но знам дека сите вие кои учевте по стариот образовен систем на ,, прави, коси и ченгелчиња,, знаете за што станува збор.

Дај господе да грешам, ќе бидам радосен и среќен ако бидам демантиран и ако идните генерации не надминат во знаењето а не да постанат иако со титули наемни и непризнаени работници во странство или останат тука како полуписмени слуги на разни господари.

Во тој контекст ќе го напишам мислењето на мојот другар чие размислување го прифаќам и ако спротивно(но не во целост од моето). Тој ќе ми рече – мислам дека кој е од учење ќе се докажи во било кој систем, проблемот е што опшеството не ги вклучува тие луѓе во своите механизми туку ги користи оние кои не успеале да стекнат знаење по ниеден систем па ни по кембриџ. Сите денес кои се на некаква позиција во опшеството припаѓаат на генрациите кои се образуваа по стариот систем и во духот на идеите од ,,Децата од павловата улица,, но во лавиринтите на животот што ги наметна ова 25 годишно ,,демократско опшество,, ги заборавија тие вредности и ги прифатија новите вредности во кој се дава предност на себичноста, суетата, неморалот, парите…

Но ако нешто посакувам во овој момент е да ја видам оваа ледина повторно со деца во непрестана игра, да аплаудираат на вистински вредности на постигнувања од своите другарчиња а не на политичарите, да мавтаат со вредни и вистински дипломи а не со политички и партиски знамиња.

Можеби моите размислувања се несоодветни за ова време но и за времињата кои што ќе следат, без разлика која партија ќе биде на власт мојот немирен и нескротлив комунистички дух ќе ги критикува и постојано ќе ги бара трајните човечки и научни вредности.

Автор на колумна : Др. Оливер Бојчески

 

 

Откажи одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молам ставете го вашето име