Џихадистите од Исламска држава свесно го прикажуваат светот поделен на муслимани и неверници. Тие сакаат муслиманите во Европа да бидат под општ сомнеж, па си обезбедуваат база незадоволници за регрутирање следбеници.

Во едно свое соопштение Исламска држава му се заблагодари на „безбедносниот тим на калифатот“ што во Белгија ги нападна крстоносците, кои не престануваат да водат војна против исламот и неговите следбеници. Терористичката организација ја предупреди Белгија и другите „крстоносни држави“ обединети против ИД дека следувале „црни денови“. Тоа што ќе следи е уште поразорнувачки, зашто „Алах ги овласти браќата да шират страв и терор во срцата на крстоносците.“

Со вакви соопштенија ИД сака да му порача на светот – нејзините приврзеници се на сите страни и се дел од општо движење. Дека станува збор за борба на верниците против „неверниците“ водена низ цел свет. Во црно-белиот свет, кој се состои од „нас“ и „нив“.

А токму тоа е и целта, вели Гинтер Мајер од Центарот за истражување на арапскиот свет во Мајнц. „ИД работи на поларизација и радикализација на односите меѓу муслиманското и немуслиманското население, настојувајќи да мобилизира што повеќе следбеници и да ги дестабилизира европските општества заради остварување на својата цел – ширење на калифатот.“

Страв од исклучување и расизам

Посебно загрижени се мигрантите и бегалците. По нападите во Брисел и во Париз тие стравуваат од уште помала прифатеност во европските општества. Одделни терористи учесници во нападите во Париз, дошле преку Балканската рута, прикажувајќи се како бегалци. Французите и остатакот на светот треба да ги обземе страв од сите муслимани. Притоа, ни по нападите во Париз, ни во Брисел, не е пронајден доказ за посебни врски меѓу бегалците и атентаторите, вели во интервју за Дојче веле Ска Келер, претставник на партијата на Зелените во Европскиот парламент.

Многу партии во Европа силно се залагаат за строга доселеничка политика. Поради смртоносните терористички напади, нивниот глас наидува на зголемена поддршка. Антимуслиманското расположение кое го шират популистите и десничарските екстремисти, исто така им оди по рака на терористите. Тие не сакаат муслиманите да заминуваат во Европа, туку во што поголем број да живеат во нивниот калифат.

Сириски борци на ИД

Се чини тактиката е успешна, зашто во Европа расте поддршката која ја имаат партиите-критичари на исламот. Десничарската Алтернатива за Германија на изборите во три покраини оствари двоцифрен резултат. Популистите на францускиот Национален фронт во првиот круг на комуналните избори лани добија 28 проценти од гласовите. И во други европски земји се‘ поголем успех жнеат национално-конзервативните и десничарски партии, заговорнички на построга миграциска политика.

Некој и нешто

Тоа би можело да има фатални последици по Западот, смета Мајер. Зашто, ако и оние муслимани кои не сакаат да се интегрираат, како и оние веќе интегрираните зачестено бидат соочени со дискриминација и напади, постои опасност многу млади муслимани на омразата да одговорат со омраза. Франција и Белгија тоа веќе го почувствуваа. Бројот белгиски џихадисти повратници од боиштата во Сирија е голем, посебно спореден со бројот на жители. „Но и на други места јакнат џихадистичките средини. Во идните години тоа ќе донесе дополнителни проблеми, не само во Белгија“, оценува експертот за ислам Гидо Штајнберг од Фондацијата Наука и политика од Берлин.

Бидејќи, салафизмот на фрустрираните, изопачени и отфрлени муслимани им нуди нова, религиозно-идеолошка инспирација. „Така на младите им се нуди перспектива за иднината, од губитници да станат некој и нешто“, додава Гинтер Мајер. Мнозинството вакви млади има мало теолошко знаење, па станува „лесен плен и жртва на салафистите, кои пропагираат ’единствен вистински ислам’“.

Потреба од политичко образование

Кога ќе се фрли поглед врз биографиите на напаѓачите, почнувајќи од оние кои атакираа на сатиричниот магазин Шарли Ебдо и салата Батаклан, па до атантаторите од Брисел, се констатира – процесот на нивна радикализација почнал во затвор. „Нужно е зголемување на грижата за затворениците, што досега се занемаруваше. Со самото тоа е можно спречување затворите да станат расадници за џихадизам“, вели Гинтер Мајер.

Собир во знак на сеќавање на жртвите во нападот врз сатиричниот магазин Шарли Ебдо

Работата против тероризмот свој почеток треба да има во училиштата преку настава по ислам. „Таа на младите би требало да им помогне против салафистичките врбувања да одговорат со потребна скепса, посебно во поглед на ширењето на непријателска слика за Западот.“ Но, пред предизвик се и деловите од немуслиманското население: „Потребно е зголемување на политичкото образование, борба против исламофобијата како нова форма на расизам, исто така и запирање на популистичките партии со непријателски настроени кон исламот“, оценува експертот.

Колку европските влади се покрути, десничарски ориентирани и ксенофобични, се‘ повеќе муслимани во Европа ќе бидат туркани кон ѕид. Ако само мал процент од нив се радикализира, тоа значи илјадници нови муслимани во Европа подготвени за извршување напади, а токму тоа е целта на Исламска држава.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here