sarena

Опозицијата протестира, власта се консолидира

Преговорите течат, бракот помеѓу партијата (односно, мафијата) и државата продолжува, велат аналитичари, со оценка дека состојбата во Македонија не се подобрува, туку се влошува

Додека „Шарената револуција“ протестира и опозицијата ги игнорира собраниските активности, власта чекор по чекор се консолидира. Вака накусо може да се опише сегашната фаза, во која, од една страна течат бавни и непродуктивни билатерални средби на пржинските потписници со амбасадорите на ЕУ и САД, а од друга страна, политичката влада еднострано ги спроведува истите постапки кои беа причина за досегашното кулминирање на кризата. Далеку од „пржинскиот радар“ остануваат најклучните теми – најавите за ново задолжување со 500 милиони евра преку новата еврообврзница, од кои дел можат клиентелистички да се употребат пред избори, „традиционалното“ носење закони по скратена постапка во отсуство на опозицијата, молкот на надлежните институции во врска со обидите за сомнително преземање на домашни компании од контроверзни странски субјекти, константните притисоци врз СЈО и натамошното приведување на учесници во „Шарената револуција“ и „доделување“ прекршочни пријави за нив, како што се случи и по синоќешниот протест.

Кој подолго ќе издржи!

„Додека опозицијата разговара за Избирачкиот список, власта продолжува да разнебитува „се по список“, со дејствување или недејствување“, коментираа синоќа учесници во протестот.

По најавите дека е подготвен „свилен гајтан“ за „Макпетрол“, преку обид за преземање на оваа компанија од контроверзен израелски бизнисмен, познат по идентичното преземање и уништување на романската рафинерија РАФО, а зад кој можеби стојат домашни актери, сега стравувањата се насочени и кон иднината на УКИМ. Додека вчера таму се избираше нов ректор, предлогот за формирање на нов универзитет „Дамјан Груев“ се врати во собранието и тоа по скратена постапка, и дополнет со уште три факултети. Владејачката ВМРО – ДПМНЕ преку него наводно очекува подобрување на конкуренцијата, но упатените во процесот сметаат дека тој води кон разнебитување на УКИМ. На мала врата, по скратена постапка на седница се ставени десет закони, меѓу кои и иницијатива за формирање нови единствени полициски сили.

Се изгуби ли фокусот од главните теми?

Во Македонија нема само политичка криза, туку и други жешки проблеми кои не треба да се игнорираат“, вели Здравко Савески од партијата „Левица“.

„Во сенка остануваат многу социјални теми. Во сенка е и штрајкот на Синдикатот на УПОЗ кој трае еден месец, а е игнориран како како да е споредно прашање. Игнориран е и обидот за преземање на ‘Макпетрол’, чија крајна цел е ТВ ‘Телма’ која практикува независно новинарство. Удираат на се што може финансиски да удрат“, оценува Савески. Смета дека битката за слобода и социјална правда е битка на истрајност.

„Ќе победи тој што ќе биде подготвен да истрае до крај, да се бори и да не попушти“, уверен е тој.

Се и исто како лани

Но тоа не е лесна битка, ако се има предвид дека едните на своја страна ја имаат битката за демократија, правда и слобода исклучиво преку улицата, а другите во свои раце ги имаат сите лостови на моќ што и стојат на располагање на власта.

Поранешниот министер и гувернер на НБРМ, Петар Гошев, укажува дека дури и по потпишувањето на Договорот од Пржино, создавањето „техничка“ влада и формирањето на СЈО, контролата врз политичкиот систем остана речиси целосно во рацете на Груевски.

„Груевски ја оддува ‘техничката влада’, а единствената институција што не ја контролира – СЈО, ја стави под гасениците на неговата машинa за блокирање и дискредитирање. Дамнешно е сознанието дека субјектот што ги контролира политичките институции, ги контролира и економските ресурси на земјата – во еден затворен круг на взаемна спрега за одржување на моќта. Затоа, додека течат некои штури информации дека сепак се преговара, или глумат преговори за некакви ‘техникалии’, со кои наводно треба да се освежи или оживее Договорот од Пржино, Груевски продолжува економски да ја заглавува земјата и да ја тови фамилијарната и партиската буржуазија“, оценува Гошев.

До овој момент тој не гледа никакви промени во однесувањето на власта.

„Сé е исто како и пред и за време на Договорот од Пржино. Се подготвува по кој знае кој пат, ребаланс на постојниот буџет. Се продлабочува дефицитот, што значи продолжува стампедото на задолжување над ветената линија за консолидација на јавните финансии на земјата. Зголемениот долг не оди за развојни цели, туку за зголемени тековни расходи: зголемени плати и пензии, зголемен број вработени во администрација, зголемена социјална помош, зголемена вредност на т.н, капитација итн“, предупредува поранешниот гувернер на НБРМ.

На тоа не е се на оваа „листа“. Гошев потсетува дека неодамна се случи крајно сомнителен влез во банкарскиот сектор и недозволива фузија на телекомуникациски оператори, а за да се „исправи“ грешката најавен е влез на сомнителен оператор, за кој надлежните институции соопштија дека „немаат причина“ претходно да го проверуваат неговото досие, иако релевантни информации говорат во прилог на нужна проверка.

„Деновиве имаме и продолжен и иновиран напад на најстарата и најголема компанија за снабдување со нафтени деривати. Надлежните регулатори и надзорници, дел од заробените политички институции, не само што ги толерираат сите наведени случаи, туку и директно учествуваат во овозможувањето на зделките. Според тоа, преговорите течат, бракот помеѓу партијата (односно, мафијата) и државата продолжува. Во такви услови залудно е да се надеваме на фер и демократски избори и институции кои испорачуваат еднакви услуги за сите. Договорот од Пржино е ‘жив’ на Хановски начин, како што беше и создаден. Имаше примено само мирис, не и содржина од извонредниот извештај на господинот Прибе“, констатира поранешниот министер и гувернер на НБРМ.

Ја чекаат Нуланд

Дури и за „вечните теми“ на кои разговараат партиите, нема потврда дека е постигнат некаков напредок. На прашањето дали е оптимист, амбадорот на ЕУ, Аиво Орав, вчера остана без зборови, што беше и повеќе од одговор. Неофицијално, во неговата резиденција се уште се разговара за медиумските реформи, Избирачкиот список и за иницијативата за оценување на уставноста на СЈО, за која Уставниот суд досега не се произнесе. Иако уште пред Велигден бил постигнат договор меѓу политичката четворка заедно да го повикаат Уставниот суд да се изјасни за таа иницијатива, сега дел од партиите наводно се повлекле од тој договор. Ваквиот застој, во комбинација со претходно споменатите економски, социјални и општествени проблеми, не даваат надеж дека брзо може да има поместување од мртва точка. Дел од политичарите сметаат дека процесот за излез од кризата може да биде поттикнат со доаѓањето на помошникот државен на САД Викторија Нуланд, кое е најавено околу 10 јули.

DW.COM




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


− six = 0

%d bloggers like this: