ohrid

Охрид – неславен рекордер по иселени граѓани од Македонија

Статистиката потврди – од Охрид за 11 години се иселени 7860 лица или по две лица дневно. Најчесто се иселуваат младите. Политичарите се расправаат кој е виновникот, а граѓаните се песимисти дека ќе се смени на подобро

Во Охрид, како и низ Македонија нема семејство кое нема некој свој близок во странство. Со години актуелен е вицот – жива вистина кој кружи меѓу граѓаните и носи горчлива насмевка на усните. Мајката го испраќа поголемиот син од дома на студии и плаче, а помалиот син ја теши: Ај мајко, не плачи. Не оди бате во Скопје, туку во Америка, оттаму почесто ќе доаѓа да не види, отколку од Скопје. Тажната охридска приказна, всушност се надоврзува на вкупната македонска сага. Владините мерки и програми за вработување како да немаат ефект врз младите. Најголем дел од нив заминуваат во странство, разочарани дека тука тешко се наоѓа пристојна и добро платена работа, уморни се од односот на политичките елити кои две и пол децении наместо стручноста ја ценеле и ценат партиската припадност и книшка, други заминуваат да студираат и речиси никој не се враќа.

Иселувањето раѓа и радост и тага

Петар Попоски од Охрид е врвен истражувач во Данска дипломирал на Електротехнички факултет во Скопје и заминал на специјализација и останал таму. Еднаш годишно е во Охрид и со него ја допревме и болната тема со иселувањето. Тој ја нарече тешка тема која носи свои предизвици и мешани чувства. За него патриотизмот е апстрактна категорија. „Има една голема дилема тука во Македонија, дали е добро што луѓето се иселуваат или не? Иселувањето се случува поради тоа што општеството не дозволува самостојна реализација на луѓето кои сакаат да живеат нормален живот без да бидат притиснати дали се од некоја партија или не. Неблагодарно е да дадам совет дали некој треба да остане или да се врати. Човек има амбиција да направи нешто во наука, уметност, кариера и има една можност да го направи тоа е неговиот живот. Од друга страна патриотизмот е апстрактна категорија и кога ќе кажете – ја сакам Македонија. Што конкретно сакате? Не значи дека ако некој се иселил дека не ја сака својата земја. Напротив, нам ни е грижа што тука се случува и како живеат нашите родители,“ ни рече Попоски.

Климент има 35 години, женет е и има дете. Долго чекал работа. Ни рече дека пред неколку години зел бугарски пасош и сега сезонски работи во Германија. Оди и се враќа, се’ до мигот додека не најде можност за постојана работа и да си го повлече семејството:

„Мојот братучед е во Чешка, добро снајден, работи. Мене за жал овде во Охрид ништо не ме врзува. Сонувам како да заминам трајно,“ вели Климент.

Тешко ми е, вели Билјана, мајка чии две деца одамна се во белиот свет. „Постојано мислам на нив, не се до мене ама барем знам дека со работата успеваат да живеат нормален живот. Образовани се, се обидоа да успеат тука во Охрид, за нив немаше место.“

И домашната и странска статистика го потврдува иселувањето

Податоците од Националниот младински совет покажуваат дека младите од Македонија за 60 проценти повеќе од светскиот просек мигрираат од земјата. Неофицијално, годишно од Македонија си заминуваат од 5 до 10 илјади лица, тоа го потврдуваат агенциите за посредување за работа во странство и оние за иселенички визи. Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) посочи неодамна дека во 2014 година најмалку 20.000 македонски граѓани ја напуштиле земјата, што е рекордна бројка на иселени во последните 15 години. Во Охрид – градот рекордер по бројот на иселувања во Македонија, неславно рекордна е 2012 година, кога заминале 983 лица, податок признат и од официјалната државна статистика. Европската статистика, „Евростат“, пресмета дека во периодот од 1998 до 2011 година од Македонија заминале околу 230 илјади. Толкав е бројот на Македонците кои имаат регулиран престој во странство, што е повеќе од 10 отсто од вкупното население во државата. Од тој број, според „Евростат“, околу 170 илјади се со привремен престој во земјите од ЕУ, најмногу во Италија, Германија, Австрија и Словенија. Истовремено, од 2002 до 2008 година е забележано масовно одобрување на странски државјанства за македонски граѓани. На околу 5.000 граѓани годишно во тој период им се издавани пасоши од други држави со што се потврдува јавната тајна за на пример најчестото земање бугарско државјанство кое според анкетираните кои го поседуваат, најчесто го зеле заради полесно вршење на бизнис или слободно и побрзо бегство од Македонија кон светот, бидејќи Бугарија е членка на ЕУ.

Во ова шаренило од бројки се вклучува и Охрид. Дека градот се празни, највидливо е во зима. Чаршијата е пуста, продавниците затвораат и пред крајот на работното време, како и голем број кафетерии. Покрај беспарицата и иселувањето го создава амбиентот на апатија. Најатрактивни дестинации за иселување ма охриѓани се: Америка, Австралија, Нов Зеланд, Германија, Италија, Швајцарија, Бергија, Данска.

Неопходна е итна стратегија да се запре иселувањето

Алармот е одамна вклучен. Власта се обидува со најавите на низа поволни мерки, популистички акции да ги задржи младите или да ги врати во новоотворените странски инвестиции некогаш вработените. Некаде поуспешно, некаде не. Во Охрид дури сега по десет години на силните најави за инвестициски бум и препород на градот функционираат две нови странски компании кои се’ уште земаат залет.

Темата за иселувањето е секојдневна меѓу граѓаните, таа стигна и во Советот на Општина Охрид, па дури и во парламентот. Пратеникот Томислав Тунтев од Охрид од опозициската СДСМ вели: „Поради ’дил ориентид’ политиките на ВМРО-ДПМНЕ, како и поради виртуелните нереални и неостварливи мегаломански проекти за медитерански плажи, туристички комплекси, престижни хотели, зимски центри, монденски марини, аеродроми на вода и парапетче околу езерото, Охрид секоја година е на првото место по бројот на иселени луѓе во нашата држава. Наголемо ветуваната економска преродба и економски развој на Охрид се трансформираа во економска стагнација на градот и најголемо иселување на млади образовани луѓе во последните неколку години.“

Советникот во Советот на Општина Охрид од владејачката ВМРО ДПМНЕ Дејан Пановски, колегите советници неодамна ги потсети: „Иселувањето на младите од Охрид очигледно согласно официјалните статистики станува се поголем проблем. А град без луѓе не може да креира производ, да креира работа, да креира данок и да напредува. Потсетувам дека на 19 јули 2014 година како советник дадов иницијатива за свикување на Самит за Охрид на високо ниво и со присуство на МАНУ, Стопанска комора, експерти од области и наши охриѓани кои се успешни и дома и во странство. За таков чекор треба лидерство од тука, од локалната самоуправа. Не е лидерство пишување на Фејсбук или премолчување на проблемите, туку лидерство е преземање одговорност и иницијатива. Едноставно мора да се утврди стратегија каде го носиме Охрид во иднината и во економски и социјален, а и во урбанистичка и во демографска смисла,за да не го губиме Охрид пред очите. Потоа друг нема да ни е виновен. Во моментов можам само да ја реафирмирам оваа иницијатива“, рече Пановски.




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


six − 2 =

%d bloggers like this: