skopjefakultet

Образовна шлаканица од Анкара за Скопје

По одлуката на Турција да не ги признава дипломите стекнати во Македонија во неизвесност се илјадници студенти но и средношколците, чии дипломи требаше да бидат основа за добивање стипендии од универзитети во Турција.

Турција и удри образовна шлаканица на Македонија. Анкара го укина Договорот број 98/11600, потпишан на 6 јули 1998 година меѓу Република Турција и Република Македонија за признавање на дипломите за средно, високо образование, магистерски и докторски студии, и по 11 февруари 2017 година веќе нема да ги признава дипломите стекнати во Македонија. Советот на министри ваквата одлука ја донел на состанокот одржан на 12 декември 2016 година, а турските студенти во Македонија за неа слушнаа во деновите од викендот, кога немаа можност да добијат одговори од универзитетските и училишните управи за судбината на нивното натамошно образование. Паника и неизвесност завладеа во универзитетските кампуси каде предавања следат над 2.000 турски студенти, но и во средните училишта, чии досегашни дипломи беа основа за добивање стипендии за студирање на реномирани универзитети во Турција. Како што информираа медиумите во Турција, македонските универзитети чии дипломи повеќе нема да важат се Европскиот универзитет, Универзитетот „Гоце Делчев“, УКИМ, Американскиот универзитет, Универзитетот на Југоисточна Европа, Битолскиот универзитет, Државниот тетовски универзитет и Универзитетот ФОН.

Забелешки за квалитетот

Во јавноста одлуката се толкува како одговор на претседателот Реџеп Таип Ердоган кон македонските власти, поради игнорирање на барањето на турската влада за затворање образовни институции и фирми во Македонија, наводно поврзани со свештеникот Фетулах Ѓулен, кого Анкара го посочи како организатор на ланскиот обид за пуч во Турција. Но, хронологијата на настаните покажува дека во повеќе наврати, а последен пат пред пет месеци, односно далеку пред обидот за пуч (15 јули 2016), Турција реагирала и барала зголемување на квалитетот на студиските програми чии дипломи Анкара ги нострифицира. Но, македонските власти до денес не преземале ништо. Сефер Цаноски, потпретседател на Управниот одбор на Универзитетот ФОН, потсетува дека лани во февруари, голема турска делегација на чело со претседателот на YOK – највисок орган за образование во Турција, ги посетила МОН, МАНУ и остварила средби со премиерот и претседателот на државата.

„Тогаш бил понуден нов билатерален договор каде, меѓу другото, се барале повисоки стандарди и квалитет кај универзитетите во Македонија. Но, поради политичката криза, властите не го ни разгледале предложениот договор. Тогаш биле дадени и сериозни забелешки за три од високообразовните институции во Македонија. Но, истите тие продолжија да функционираат со истите пропусти. Турција, која со години наназад опоменува за одредени состојби во образованието, овде бараше партнер за подигање на образовните стандарди, но не го најде. Властите не покажаа сенс за тие потреби и за соработка со Турција“, вели Цаноски.
Денес од 3.700 студенти на ФОН, околу 500 се студенти од Турција кои студираат правни науки и архитектура, и во моментов се на различни студиски степени. Цаноски вели дека нивните дипломи не се доведени во прашање.

„ФОН во рамките на програмата ‘Нова генерациска програма’ има соработка со државниот Универзитет во Валенсија и со Универзитетот „Политехника“ во Милано. Со тоа студентите имаат опција за двојни дипломи, така што нема да имаат никакви проблеми. Тоа важи за сите студенти, не само за оние од Турција“, вели Цаноски.

Тој е оптимист и во однос на квалитетот на дипломите од нивната „Петта приватна гимназија“. Вели дека гимназијата оваа година е во мирување поради ребрендирање, а од наредната година ќе започне со работа под ново име и со нов концепт.

МОН во зимски сон

Но, неизвесност владее во првото приватно средно училиште во Скопје, „Јахја Кемал“, отворено во 1996 година со одлука на Владата. Од тогаш до денес во земјата има шест средни училишта под тоа име – две во Скопје и по едно во Струга, Тетово, Гостивар и Струмица. Неговото име минатото лето беше споменувано на листата од институции кои наводно се финансирани од фондации на Ѓулен. Портпаролот на „Јахја Кемал“, Сурија Таук, тогаш категорично ги демантираше таквите информации.

„Ние сме успешна македонска компанија 20 години и работиме преку самофинасирање. Учениците што се запишуваат во нашите училишта плаќаат школарина и нема никаква потреба никој друг да нѐ финансира. Работиме во согласност со законите за образование на Република Македонија и во досегашните евалуации три пати ја добивме највисоката оценка“, дециден беше Таук.

Повеќе на:DW.COM




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


+ nine = 18

%d bloggers like this: