biber

Бибер: ЕПП мора да се дистанцира од ВМРО-ДПМНЕ

Во интервју за австриски Стандард, професорот Флоријан Бибер вели дека ЕУ доцни со заканата за санкции кон македонски политичари. Тој ја критикува лажната солидарност на ЕПП со ВМРО-ДПМНЕ

„ЕУ предолго чекаше и веруваше дека кризата во Македонија ќе се расчисти сама од себе. Тоа е наивно“, вели во интервју за весникот Стандард, професорот и експерт за Југоисточна Европа на Универзитетот во Грац, Австрија Флоријан Бибер.
„Овде (ЕУ, н.з.) си има работа со автократи за кои постои или апсолутна моќ или затвор, затоа што се вмешани во тежок криминал. Колку подолго еден таков режим е на власт, толку подолго ќе може да ја злоупотребува демократијата, и дотолку е потешко да се промени состојбата“, вели Бибер.
Австрискиот професор оценува дека не е грешка што во Македонија се направи обид за „мека смена“ на автократскиот режим- преку избори, туку во тоа што на режимот не му беа поставени јасни услови уште пред изборите за напуштање на власта.
„Кога организирате избори мора да ви биде јасно дека во Македонија си имате работа со партии кои веројатно нема да го признаат нивниот исход. Во таква ситуација мора јасно да се знае: кој е стапот во раката, кои се последиците, кои потоа ќе следат. (…) В рака мора да се имаат санкции во случај да не се почитува договореното, санкции против партии и поединци, како блокада на банкарски сметки и забрана за патување. (…) Но ЕУ се заканува со вакви сценарија дури откако е предоцна“, вели Бибер.

Лажна солидарност
Тој смета дека на ЕУ и се потребни повеќе луѓе кои директно ќе се ангажираат во кризата, а во Македонија специјален пратеник, вели Бибер, ЕУ требаше да постави уште пред две години.
Бибер ја критикува, како што вели, „лажната солидарност“ на Европските народни партии (ЕПП) со Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ и бара јавно дистанцирање од него. Во прашањето до Бибер, Стандард наведува дека на денот на нападот врз парламентот во Скопје, Груевски се среќавал со генералниот секретар на владејачката конзервативна партија во Австрија, ЕВП, Вернер Амон.
„Во однос на партијата на Груевски, однесувањето на ЕПП е несфатливо. Во неговиот случај мора да се биде покритичен. Таква лажна солидарност со проблематични партии постои и во другите партиски семејства, како со Социјалдемократите во Словачка и Романија. Недостасува една јасна дистанцираност. Европското партиско семејство секогаш аргументира дека приватно јасно го кажуваат своето мислење, но тоа во јавноста не се забележува. А на автократите им е доволно и едно ракување“, вели Бибер.
„Европските партии мора јасно да стават до знаење дека вредностите за кои тие се залагаат, имено демократија и владеење на правото, не се вредности за кои се застапува и ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е поважно од било каква идеолошка блискост. Тие не смеат од прагматични причини и поради соработката во бегалската криза, да си ја продаваат душата“, заклучува Бибер.

DW.COM




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


5 − = one

%d bloggers like this: