nasadi-640x360

Овошките во охридскиот регион уништени до 90%, надежта останува во градинарските култури

Секое наредно невреме нема што повеќе да уништи од останатиот род на овошките, кои со мразот беа уништени 90 проценти, оценува Ванчо Стојановски, од Земјоделската задруга „Охридска черешна“.

Мразот кој ги зафати сите региони на земјава, без исклучок, предизвика огромни штети на различни култури. Во охридскиот регион, каде земјосопствениците најмногу се занимаваат со овоштарство, не само што се соочија со предизвиканите штети на родот, туку стравуваат дали некои од дрвјата ќе се опорават и во наредните неколку години. Оревовите дрва, насадите со смокви и кајсии, најмногу настрадаа од ниските температури. Кај црешите има процентуално уништен род од 70 до 80%. Деновиве според метеролозите, има најава за поројни дождови, а во некои рурални места во охридско вчера паѓаше и град.

Стојановски вели дека дождот, колку и да е пороен, не може да направи поголеми штети од она што досега е направено, но доколку повторно се појави град, може да уништи дел и од преостанатиот род на овошје.

cresa

– Кај овошките плодовите веќе се оштетени до 90%. Земјоделците се надеваат она 10% што е преостанато, да го задржат. За жал, такви беа условите оваа година. Плодовите на дрвјата кои се останати, можат така да стојат сé додека да добијат боја, но потоа, за жал и тие плодови ќе се проретчат. Дождот не може да направи дополнителни штети. Може благотворно да влијае, единствено на пченката, затоа што предходно, пак имаше многу голема суша, објаснува Стојановски.

Тој додава дека намален принос ќе има годинава и кај житата, освен пченката. Пченицата не е израсната до очекуваниот просек на раст.
Додека за градинарските култури, има надеж нешто да биде спасено.

plastenici

– Имаше мали оштетувања кај дел од пластениците, но земјоделците, како што велиме, „се подзакрпија“ со расадот за оваа година. Се надеваме дека барем градинарски култури ќе има доволно. Од зеленчукот настрада тоа што беше на отворено. Кај компирот имаше интересна ситуација. Оној што беше изникнат, измрзнаа листовите, но одново сега истера, додава Стојановски.

Во однос на стравувањето дека во наредните месеци граѓаните дополнително ќе почувствуваат товар на домашниот буџет е и најавата дека ќе продолжи трендот на зголемувањето на цените на земјоделските производи.

Државната статистика веќе даде анализа за цените во земјоделството во април годинава, кои во однос на истиот месец од претходната година, се зголемени.

Дека ќе има и понатаму зголемување на цените на производите од земјоделско потекло, се согласуваат и земјоделците. Велат дека зголемувањето на цените на производите од растително потекло, е тренд во меѓународни рамки, затоа што има сé поголема потрошувачка, се бараат органски производи, е нема доволно производители процентуално, по број на купувачи. Временските неприлики, се дополнителен проблем со земјоделското производство.
Препорака на Стојановски е земјоделците во наредниот период да обрнат внимание на две главни карактеристики: следењето на временските прилики и консултација со стручни лица агрономи.

– И ние во задругата се трудиме да ги информираме земјоделците дека е потребна примена на нови технологии, а намалување на трошоците. Има сега био стимулатори кои го подобруваат квалитетот, дополнува Стојановски.

Според него, земјоделците не треба на своја рака да преземаат различни третмани и да прават експерименти, туку да се консултираат со стручни лица. По секој третман на насадите или овошките, треба да се набљудува ефектот и како растението се прилагодува на промените. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


3 + = four

%d bloggers like this: