20170601_2_24008574_22749089_Web (Copy) (Copy)

Тачи во Загреб: Изјавата на Вучиќ на заклетвата е за внатрешна употреба

ЗАГРЕБ (АА) – Претседателот на Република Косово, Хашим Тачи, својата државна посета на Република Хрватска ја започна со состанок со хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ. Покрај економијата, тема на состанокот беа мирот и стабилноста во регионот, односите на Косово со Србија и евроатлантскиот пат на таа земја, јавува Anadolu Agency (AA).

20170601_2_24008574_22749091_Web (Copy)

„Хрватска го поддржува Косово на патот на интеграциите, не само во ЕУ и во НАТО, туку и за членство во другите организации. Процесот на евроатлантските интеграции е одлична можност за спроведување на сите реформи и да се зајакне општеството и институциите“, истакна претседателката Колинда Грабар-Китаровиќ.

Нејзиниот косовски колега изјави дека неговата земја секогаш ќе се залага за влез во ЕУ и во НАТО.

„Работиме на либерализација на визите, но и на формирање на косовската војска којашто ќе биде според стандардите на НАТО“, изјави Тачи.

Хрватската претседателка порача дека Хрватска го поддржува косовското членство во Иницијативата А5 и трансформацијата на Косовските безбедносни сили во Косовски вооружени сили, согласно Уставот на Косово и во консултација со НАТО сојузниците.

„Сакаме да се стабилизира состојбата во Косово, како за мнозинското албанско население и народот, така и за сите малцинства кои живеат во Косово“, изјави Колинда Грабар Китаровиќ.

Тачи истакна дека ќе работи на подобрувањето на односите со Србија.

„Со сите наши партнери ќе работиме на реформите во правосудството и во земјоделството, и заеднички ќе се бориме против тероризмот“, изјави Тачи.

На новинарско прашање да ја прокоментира вчерашната изјава на Александар Вучиќ што тој ја даде при полагањето заклетва за претседател на Србија, во која се заложи за зачувување на српската територија, вклучувајќи ги Косово и Метохија, Тачи рече:

„Тоа не е ништо ново што го слушаме од страна на Белград. Косово е Косово, Србија е Србија. Ние сме две независни земји и претседателот на Србија многу добро знае дека Косово е независна земја призната од страна на 114 држави во светот“, порача Тачи и додаде:

„Тоа беше изјава за внатрешна употреба“.

На новинарското прашање дали се работи за двојни критериуми кога станува збор за проблемот на демаркација на границата помеѓу Косово и Црна гора и во согласаност со тоа, ограничената слобода на движење на државјаните на Косово, претседателката рече дека истото чувство на посебни стандарди го имале и другите земји при влез во членството во ЕУ и НАТО, па така и Хрватска.

„На крајот на краиштата, исполнувањето на тие стандарди е во ваш интерес. Хрватска ја поддржуваше и ја поддржува либерализацијата на визниот режим на Косово. Секако, тука е потребно да се исполнат некои критериуми. Верувам дека по претстојните избори во Косово ќе дојде до решение на таа ситуација“, изјави Колинда Грабар-Китаровиќ.

Тачи истакна дека очекува Хрватска и Косово да бидат фактор на стабилноста во регионот.

Претседателката Грабар-Китаровиќ порача дека се залага за потполно спроведување на Договорот за стабилизација и асоцијација, а во согласност со тоа, Хрватска овој месец заедно со Германија и со Полска го започнува твининг-проектот насочен кон зајакнување на институциите.

„Би сакале да видиме подобрување на статусот на хрватската заедница во Косово, особено во местата Јањево и Летница, каде што живеат најголем дел од припадниците на хрватското малцинство во Косово. Верувам дека нивното вклучување во Уставот на Косово би ја подобрило нивната институционална и секоја друга положба“, изјави хрватската претседателка.

Косовскиот претседател Тачи вети дека ќе се работи на тоа еден претставник на хрватското малцинство да биде член на косовскиот Парламент.

Билатералните односи меѓу двете земји се добри, но тука е прашањето на економијата, се сложија претседателката Грабар Китаровиќ и Тачи и порачаа дека кај хрватските компании постои силен интерес за инвестирање во Косово.

Хрватска меѓу првите ја призна Република Косово.




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


7 × = thirty five

%d bloggers like this: