thumbs_b_c_0ff82cce6073e7f91687a3e81c66ee97

Пет арапски држави ги прекинаа односите со Катар

РИЈАД (АА) – Саудиска Арабија, Бахреин, Обединетите Арапски Емирати, Египет и Јемен соопштија дека ги прекинуваат сите дипломатски односи со Катар поради, како што наведоа нивните новински агенции, безбедносни причини, пренесува Anadolu Agency (AA).

Сите пет земји денес најавија дека ќе го повлечат својот дипломатски персонал од Катар.

Саудиска Арабија го обвини Катар дека згрижува и поддржува терористички групи, промовира терористички групи во медиумите и дава поддршка на милицијата на шиитското движење на Хусите во Јемен.

Саудиска Арабија соопшти дека ќе ги повлече сите катарски трупи од војната во Јемен и им наложи на катарските дипломати за 24 часа да ја напуштат земјата.

Сите земји најавија прекин на воздушниот и морскиот сообраќај. Саудиска Арабија најави дека ќе ја затвори копнената граница со соседен Катар, со цел да ја изолира таа земја од останатите соседи од Заливот.

Каиро ја обвини владата во Доха за непријателски став и за пружање засолниште на Муслиманското братство на своја територија, како и за пружање поддршка на терористичките групи кои ја загрозуваат националната безбедност на земјата.

Националната египетска компанија Egypt airlines (Еџипт ерлајнс) ги запре сите летови кон Катар.

Бахреин, како што соопшти Министерството за надворешни работи на таа земја, ја обвини катарската влада за “дестабилизација на безбедноста на Кралството Бахреин и мешање во внатрешните работи”.

“Катар предизвика хаос во Бахреин со флагрантно кршење на сите договори и начела на меѓународното право без оглед на вредноста, правото, моралот или принципите на добрососедството”, се наведува во соопштението на бахреинското министерство.

Катарските државјани имаат рок од 14 дена да ја напуштат територијата на Бахреин, а авиокомпанијата Etihad Airways (Етихад ервејс) соопшти дека од вторник наутро ќе ги укине летовите за Катар и од таа земја.

И јеменската Влада соопшти дека ги прекинува дипломатските односи со Катар.

Според веста на националната информативна агенција на Јемен, САБА, во соопштението на Владата, Катар се обвинува за „поврзаност со милициите-пучисти“, и се наведува дека ова е во контрадикција со целите за коишто се согласуваат земјите што ја поддржуваат легитимната Влада на Јемен.

Во ова соопштение, во коешто се вели дека се прекинуваат дипломатските односи со Катар, се пренесува дека се поддржува и одлуката во врска со укинувањето на улогата на Катар во меѓународната коалиција формирана против Хусите.

Исто така, во соопштението се укажа и на довербата на владата во врска со продолжувањето на напорите на братските земји во коалицијата за обезбедување стабилност и безбедност во Јемен, како и за преземање на суверенитетот на државата од рацете на пучистите.

Несогласувањето меѓу земјите ескалираше кога неодамна беше хакирана страницата на Катарската новинска агенција, при што објавени се информации лажно припишани на катарскиот емир, шеикот Тамим бин Хамад ал-Тани.




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


8 − = seven

%d bloggers like this: