20170605_2_24066317_22875396_Web (Copy)

Поради нападот нови претреси и приведувања на британската полиција

ЛОНДОН (АА) – Британската полиција ја продолжи истрагата за терористичкиот напад во кој во саботата беа убиени седум лица во центарот на Лондон, а паралелно со новите приведувања, откриен е и идентитетот на една жртва, јавува Anadolu Agency (AA).

„Припадниците на полицискиот Оддел за борба против тероризмот утринава извршија претрес на уште две адреси во квартовите Њухам и Баринг”, соопшти лондонската полиција.

Во соопштението се наведуда дека за време на претресот се уапсени неколку осомничени лица, но не е прецизиран бројот на уапсените.

Паралелно со тоа, полицијата го откри идентитетот на првата од седумте смртно настрадани жртви во терористичкиот напад во саботата, а станува збор за Канаѓанката Кристин Арчибалд, која напаѓачите ја прегазиле со комбе на Лондонскиот мост.

Лекарите во болниците и понатаму се борат за животите на 21 повредено лице.

Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, ги повика жителите на тој град и туристите денес да присуствуваат на комеморацијата за жртвите која ќе биде одржана во центарот на градот.

Премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, соопшти дека предвремените парламентарни избори во таа земја ќе бидат одржани во четврток, како што беше и планирано.

Најмалку седум лица загинаа, а 48 беа повредени во саботниот терористички напад кој се случи во срцето на Лондон. Нападот се случи кога напаѓачи со комбе се втурнале во пешаци на Лондонскиот мост, а потоа го напуштиле возилото и со ножеви ги напаѓале луѓето кај пазарот Бороу, каде што полицијата ги застрела сите тројца напаѓачи.

Полицијата го окарактеризира нападот како терористички, а досега се приведени 12 осомничени лица. Премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, вчера одржа вонредна седница на кабинетот поради трагичниот настан, кој се случи две недели по самоубиствениот бомбашки напад во Манчестер во кој загинаа најмалку 22 лица.

Полицијата претпоставува дека нема пребегани учесници во нападот, но спроведува опсежна истрага со зајакнати безбедносни мерки во градот.




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


3 − = two

%d bloggers like this: