thumbs_b_c_6e5a3c34af0fa1c3c95681326ee79b86

АНАЛИЗА: Катар е „непослушна” заливска земја

За разлика од останатите заливски земји кои ѝ се подредени на Саудиска Арабија, Катар, заедно со Оман од секогаш застапувале независна политика во регионот, но може да се каже дека ниту оние најупатените во тамошните случувања и ниту оние кои ги следеа медиумите во регионот, не очекувале така остри санкции какви што овие денови се воведени кон Катар.

Имплементација на политика, различна од онаа што ја спроведуваат земјите членки на Советот за заливска соработка, во Катар датира уште од далечното минато. Семејството Ал Тани, кое е на власт во Катар, секогаш го застапувало ставот дека Катар е засебен етнитет како историски, така и политички.

Лидерите на Саудиска Арабија се обидоа да ја наметнат својата доминација во Катар, но семејството кое е на власт во Катар успеа да се ослободи од саудиското влијание, соработувајќи со османлиското царство, по кое во регионот владееја Британците.

Со добивањето на независност, се создадоа голем број независни држави во регионот, кои денеска се членки на Советот за заливска соработка. Катар од овие земји се разликува по тоа што и во службеното име на Државата Катар, се нагласува нејзината државност, додека во службените имиња на останатите соседни држави, тие се нагласени како монархии, кралевства, султанати и емирати.

Последната криза во односите меѓу Саудиска Арабија и нејзините сојузници со Катар е своевидно продолжение на кризата која изминатите години периодично постоеше, но начинот на кој официјален Ријад тоа го изведе овојпат и околностите под кои се случува целиот настан, ја наметнаа настанатата криза како главна тема на Средниот Исток.

Криза во односите на Катар со останатите заливски земји се интензивираше 1995 година, кога на власт во Катар дојде емирот Хамада бин Калиф Ал Тани. Година дена подоцна Катар ја формираше телевизијата Ал Џезира, која со својот либерален и отворен пристап за кратко време стана највлијателна телевизија во арапскиот свет, но и важен симбол на проблематичните односи во регионот. Секоја криза во регинот резулираше со затварање на канцелариите на Ал Џезира во заливските земји.

Покрај Ал Џезира, шеикот Хамад водеше и надворешна политика која по сѐ се разликуваше од политиката на останатите заливски земји. За разлика од остатокот на просаудискиот регион, Катар во Палестина не го поддржа движењето Фатах, туку Хамас, во Египет го поддржаа муслиманското братство, а градеа добри односи и со Иран. Слична надворешна политика во тој регион водеше само Оман.

Шеикот Хамад по доаѓањето на власт, му се спротивстави на саудиското раководење со Советот на заливската соработка, а двата неуспешни обиди за пуч во Катар кои се случија во тој период, дополнително ја издигнаа тензијата меѓу Саудиска Арабија и Катар. Саудиска Арабија во 2002 година го повлече својот амбасадор од Доха, несогласувајќи се со медиумската политика на Ал Џезира.

Најголема криза во односите меѓу Катар и останатите заливски земји се случи во 2011 година со почетокот на таканаречената Арапска пролет во регионот, а особено во текот на тој процес во Египет и Либија, кога Катар стана засолниште за голем број членови на муслиманското братство.

Со смената на катарскиот емир во 2013 година, на власт дојде актуелниот владател, шеикот Тамим бин Хамад Ал Тани, кој само продолжи да ја спроведува политиката на својот татко, шеикот Хамад. Нова криза настана година дена подоцна, кога заливските земји ги повлекоа своите амбасадори од Катар, оправдувајќи го самиот чин со фактот дека Катар не ги извршил безбедносните обврски, но сржта на проблемот повторно беше присуството на муслиманското братсво во таа земја.

Последната криза во тој регион започна во март оваа година, кога Саудиска Арабија, Бахраин и Обединетите Арапски емирати го обвинија Катар за предизвикување на регионална нестабилност и давање поддршка на муслиманското братство.

Споменатите земји од Катар бараа да ја промени медиумската политика на Ал Џезира и да ги прекине сите канали за соработка со муслиманското братство. Катар ги прифати барањата, но кризата ескалираше непосредно по посетата на Доналд Трамп на Саудиска Арабија.

Веднаш по посетата на Ријад од страна на Трамп, во заливските медиуми протече наводна изјава на катарскиот шеик Хамад со проиранска содржина, а катарските власти изјавија дека не станува збор за вистинска изјава, туку кибер напад врз новинската агенција. Меѓутоа, заливските земји, на чело со Саудиска Арабија не го прифатија тоа и поверуваа во веродостојноста на изјавата, создавајќи кризна состојба. Спроведоа потполна блокада на сите односи со Катар.

Сето досега кажано, укажува на фактот дека актуелната криза во регионот е своевиден обид на Саудиска Арабија да покаже кој е доминантен во арапскиот и исламски свет и дека е време сите да се одлучат на која страна ќе застанат.

Саудиска Арабија со своите сојузници јасно даде до знаење дека сака да ги здружи силите против Иран и дека не сака спротивставени гласови во својот регион.

Иако на микро план се чини дека станува збор за проблем на консолидација на редовите меѓу заливските земји, избувнување криза по посетата на Ријад од страна на Трамп и согледувањето на состојбата на Средниот Исток, на овој случај му дава многу поширок карактер и го прави дел од некој макро план.

Јасно е дека Трамп води антииранска политика и дека негова главна цел е да го заврсти ставот за единство на заливските земји против Техеран. Тоа за Трамп би значело дека повеќе оружје ќе им се продава на богатите заливски земји, со што ќе се потисне влијанието на Иран во регионот.

Низ таа призма може да се набљудува и обидот на САД во антииранскиот блок ја вовлече и Турција и да ја спречи во имплементацијата на независна политика и зацврстување на односите со Иран. До разидување на американските и турските ставови дојде во Сирија, кога Турција остро се спротивстави на американскиот план, во борбата против терористите на ИД да учествуваат и терористите на ПКК/ПЈД.

И вчерашната посета на Анкара од страна на Џавад Зариф, иранскиот шеф на дипломатија, има врска со актуелната катарска криза. Во тој контекст, сѐ уште е неивесно дали Русија ќе застане на страната на Иран, со кој е сојузник во Сирија. На крајот, настаната криза би можела да предизвика војна во регионот, но и глобално.

Автор на овој текст е Џенгиз Томар, професот на Универзитетот Мармара и експерт за политичка историја на Средниот Исток.




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


9 − eight =

%d bloggers like this: