20170609_2_24141575_22986492_Web (Copy)

Британските конзервативци го изгубија мнозинството во парламентот, се бара оставка од премиерката Меј

ЛОНДОН (АА) – Конзервативната партија на британската премиерка Тереза Меј се соочи со голема загуба на гласовите и на мнозинството во британскиот Парламент на предвремените парламентарни избори одржани вчера, кои премиерката ги организираше за да го потврди мнозинството во Вестминстер, во пресрет на почетокот на тешкиот преговарачки процес за напуштање на Европската Унија, јавува Anadolu Agency (AA).

20170609_2_24141575_22986501_Web (Copy)

Британските гласачи вчера го избираа новиот состав на британскиот Парламент, кој вбројува вкупно 650 пратеници од исто толку изборни единици. Забележана е излезност на гласачите од 69 отсто.

Според првичните резултати, ниту една партија нема да има парламентарно мнозинство за формирање стабилна влада, па се наметнуваат две опции, коалициска или малцинска влада.

Досега се пребројани гласачките ливчиња во 643 изборни единици во коишто владејачката Конзервативна партија освои 313, а опозициската Лабуристичка партија 260 претставнички места. Либерално-демократската партија доби 12 пратенички места.

Се очекува конзервативците до крајот на броењето да добијат уште две пратенички места и да завршат со вкупно 315 пратенички места, а за мнозинство во парламентот ќе им фалат 11 пратеници. Во претходниот состав имаа дури 343 пратеници.

На насловните на британските медиуми денес осамна дека премиерката Меј се „коцкала“ и изгубила со распишувањето на предвремените избори.

Владата на Велика Британија на 19 јуни требаше да започне преговори со Брисел за излез на таа земја од ЕУ, а премиерката Меј вонредните избори ги распиша за да добие уште постабилна поддршка во парламентот, но првичните резултати покажуваат дека таа го изгубила дури и мнозинството што го имаше.

„Во овој момент, на оваа земја повеќе од што било друго ѝ е потребен период на стабилизација“, изјави Меј во првото обраќање пред јавноста, по сознанието за губењето на изборите.

Видно потресената Меј не спомена дали размислува за поднесување оставка, туку изјави дека Конзервативната партија сепак освоила најголем број пратенички места во Парламентот и дека ќе работи на стабилизација на состојбата во земјата.

Од друга страна, лидерот на опозициските лабуристи, Џереми Корбин, ја повика премиерката Меј да поднесе оставка поради големата загуба на поддршката на гласачите.

„Конзервативците ги изгубија пратеничките места, поддршката на гласачите и довербата на јавноста. Би кажал дека тоа се доволни причини за заминување од власт и да се овозможи земјата да ја води влада што ќе ги претставува сите луѓе во земјата“, порача Корбин.

Лабуристите досега освоија 260 пратенички места, а во претходниот состав имаа 229 парламентарци.

Во Шкотска, Националната партија постигна послаб резултат отколку на претходните избори и освоените 33 пратенички места лидерката на таа партија, Никола Старџен го нарече разочарување. Таа додаде дека овие избори биле катастрофални за премиерката Меј.

Вчерашните избори беа погубни и за Партијата за независност, популистичка и евроскептична политичка опција којашто не успеа да освои ниту едно пратеничко место.




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


× 7 = forty nine

%d bloggers like this: