avtopat-kicevo-ohrid

Стопирана работата на автопатот Охрид – Кичево

Изградбата на автопатот Охрид-Кичево е закочена, сликата од терен потврдува – на неколку делови од автопатот воопшто не се вршат градежни активности. Машините стојат во место, градежниот материјал сè уште неискористен. Процесот стопиран, а само осум месеци нè делат од големите ветувања дека 57 километарската автопатска делница вредна 374 милиони евра ќе биде готова до јануари 2018-та година.

Ако за три години се асфалтирале само 6 км, колку е возможно останатите 50 да се асфалтираат за неполни осум месеци, прашуваат граѓаните. Сигурни се дека изградбата ќе доцни и тоа не една, туку неколку години.

„Ќе доцни, ќе доцни сигурно, јас дури мислам дека и за пет години нема да го направат.“

„Нема шанси да стигнат како што ветија, до 2018-та. Не може да се стигне со оглед на тоа колку е сработено, а и не е безбедно за нас кои секојдневно поминуваме оттука“.

И возачите се скептични дека набрзо ќе возат по нов автопат. Дополнително, не се задоволни ниту од она што досега е сработено и пуштено во употреба.

„Ништо нема да се направи, вака како што гледам се стои, да се надеваме дека ќе биде ама тешко.Не е направен не е како што треба.“

„Јас како возач тука кај што се овие пристапните патишта како што треба, не е доволно безбедно.“

Автопатот го гради кинеската компанија Синохидро која стартуваше во февруари 2014-та а за која СЈО неодамна ја отвори истрагата „Траекторија“ под сомнение дека преку местени тендери во договор со високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ ги добила двата најголеми инфраструктурни проекти автопати Миладиновце-Штип и Охрид-Кичево со кои ја оштетиле државната каса за над 155 милиони евра.

Пред неполн месец томку првоосомичениот во истрагата експремиерот Никола Груевски и поранешниот министер за транспорт и врски Владо Мисајловски при обиколката на градежните работи на автопатот го сменија мислењето и најавија дека тој ќе биде готов до 2019-та година.Како основни причини за доцнењето на изградбата ги наведоа непланираните теренски работи,т.е карпестите региони кои се покажале како тешки за обработка.

Според официјалните анализи на инженерите, 95% од трасата била пробиена, при крај е пробивањето низ двата големи тунели од по два километри,но сеуште недостигаат седумте мостови, 22 вијадукти, шесте натпатници,13 потпатници и 50 неасфилтирани километри. Желбата на граѓаните да возат по нов автопат и поонтаму останува недостижна.

Извор: ТВ 24




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


eight − 2 =

%d bloggers like this: