1

На милиони луѓе во Јемен им се заканува глад

ЖЕНЕВА (АА) – Обединетите нации (ОН), Светската програма за храна (ВФП), Светска здравствена организација (СЗО), Фондот на Обединетите нации за помош на децата (УНИЦЕФ) и Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарните работи (ОЦХА) дадоа изјава за АА во врска со хуманитарна криза во Јемен, јавува Anadolu Agency (AA).

20170613_2_24212218_23120455_Web (Copy)

Официјалните претставници на овие организации го соопштија своето заедничко гледиште, истакнувајќи дека судирите во Јемен се причина поради којашто милиони луѓе се соочуваат со опасност од глад. Истовремено се истакнува дека епидемијата на колера претставува голема закана за целата земја.

- 17 милиони лица се неухранети -

Според податоците на ВФП, во Јемен, земја со 28,2 милиони жители, 17 милиони лица се неухранети. Од нив, 6,8 милиони се соочуваат со „сериозна опасност од глад”.

Портпаролот на ВФП, Бетина Лушер, истакна дека 2/3 од населението на земјата живеат ден за ден, односно не знаат како ќе дојдат до својот следен оброк, и додаде: „Се бориме со времето за да го спречиме гладувањето на луѓето“.

Портпаролката Лушер истакна дека за да се спречи кризата со глад во Јемен, потребно е во периодот од јуни до ноември да се обезбеди фонд од најмалку 468 милиони долари.

- Светската здравствена организација мобилизирана -

Јемен од една страна се бори со гладот, а од друга страна со епидемија на колера којашто од април повторно завладеа во земјата.

Поради војната, која веќе две години владее во Јемен, милиони луѓе се раселени низ земјата. Немањето пристап до чиста вода за пиење и несобирањето на исфрлениот отпад предизвика епидемија на колера којашто им се заканува на жителите од оваа земја.

СЗО извести дека од 27 април досега, епидемијата на колера се распространила на територијата на 19 од 23 области, при што бројот на лицата починати од оваа епидемија дојде до близу 1.000, од кои 300 се деца. Освен тоа, забележани се повеќе од 125.000 сомнителни случаи од оваа болест.

Портпаролот на СЗО, Тарик Јашаревиќ, истакна дека 46 отсто од случаите на колера се забележани кај деца на возраст под 15 години, а 33 отсто од заболените се на возраст над 60 години.

Портпаролот Јашаревиќ рече дека поради двегодишната војна во земјата, здравствениот систем е речиси сосема уништен, и додаде дека војната предизвикала сериозни оштетувања на инфраструктурата во земјата, што е причина поради којашто на 14 милиони лица не може да им се достави чиста вода.

- Бројките на УНИЦЕФ се застрашувачки -

УНИЦЕФ објави дека од започнувањето на судирите во Јемен досега загинале 1.649 деца.

Во земјата, 1.768 деца служат како војници на завојуваните страни. Споредено со податоците од пред две години, за 2/3 е зголемена бројката на детски бракови.

Според УНИЦЕФ, 2,2 милиони деца  во Јемен се неухранети, додека 1,3 милиони се соочуваат со ризик од пневмонија.

Портпаролот на УНИЦЕФ, Кристоф Булирак, истакна дека 7,3 милиони деца во Јемен се на училишна возраст, а 2 милиони од нив не ја посетуваат наставата. Од овој број, 350.000 деца не одат на училиште бидејќи работат.

Булирак изјави дека 1.600 училишта се надвор од употреба, 248 училишта се сосема уништени во воздушните напади и бомбардирања, додека 1.164 училишта се делумно уништени. Портпаролот на УНИЦЕФ извести и дека 23 училишта се окупирани од страна на вооружени групи.

- Соопштение од OЦХA за гладот -

Јенс Ларке, портпарол на OЦХA, гладот во Јемен го окарактеризира како „човечка творба” и додаде: „Доколку во Јемен немаше судири, гладот со сигурност ќе можеше да се спречи“.

Портпаролот Ларке истакна дека според планот на Обединетите нации за 2017 година, за хуманитарна помош на Јемен од 2,1 милијарда долари, досега се финансирани само 28,5 отсто.

 




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


six × 6 =

%d bloggers like this: