BREAKING NEWS
Search
sutka

Ромите со отворено писмо до премиерот Заев

Граѓански активисти и интелектуалци од ромската заедница бараат премиерот Заев да ја преиспита одлуката за распределба на функциите во државата, и да овозможи поголема партиципативност на Ромите во државните институции

роми

Ромски невладини огранизации, активисти и интелектуалци преку отворено писмо ги изразија нивното незадоволство до премиерот Зоран Заев, затоа што меѓу предложените заменици-министри нема ниту еден припадник на ромската заедница.

„Сметаме дека ваквата одлука директно ја доведува во прашање заложбата на оваа Влада за интеграција на ромската заедница во општеството и можноста Ромите директно да учествуваат во одлучувачките процеси и да придонесуваат  во развојот на демократијата во нашата земја. Бараме претседателот на Владата да ја преиспита својата одлука во однос на распределбата на функциите во државата. Се надеваме дека во плановите за инклузија на Ромите во општеството и во јавните институции, се предвидува назначување на Роми/ки на раководни функции во државните институции кои се од витално значење за унапредување на положбата на Ромите“, се вели во отвореното писмо, зад кое стојат 79 потписници.

Очекуваат нивните претставници во извршната власт и законодавна власт – пратеникот Курто Дудуш и министерот без ресор Самка Ибраимовски да  реагираат на ваквата одлука и јавно да ги застапат интересите на Ромите.

Акиф Кариман од невладината организација „Романо авази“ вели дека до крајот на неделава очекуваат одговор од премиерот Заев и се надеваат на средба со него. Ако тоа не се случи, имаат стратегија и ќе продолжат со притисокот во истата насока.

„Иако оваа Влада за време на кампањата отворено искажа заложби за унапредување на состојбата на Ромите, и поради тоа доби силна поддршка од страна на ромската заедница, во практика именувањето само на еден министер без ресор, креира чувство кај ромската заедница дека состојбата на Ромите во Македонија се уназадува, односно се влошува. Веруваме дека искрениот дијалог и учество на сите заедници во одлучувачките процеси се приоритет на новата Влада“, вели Кариман.

Една ластовичка не ја прави пролетта

„Една ластовичка (министер без ресор) не ја прави пролетта, барем не инклузивната пролет за ромската заедница“, илустративно објаснуваат нашите соговорници, потписници на писмото. Тие се особено загрижени што немаат претставник во ресорот труд и социјална политика, кој е директен потписник на програмата за инклузија на Ромите, а со оглед на бројните проблеми во сферата на обрзованието, домувањето и пристапот до здравствени услуги, сметаат дека е крајно време да бидат вклучени и во други ресори.

„Разочарани сме. Очекуваваме да имаме поголема партиципативност“, вели  Љатифе Шиковска од невладината организација „Амбрела“.

„Во сите министерства на одредени позиции, (не мора сите да се раководни), треба да има Роми кои би придонеле за решавање на проблемите. Имаме образувани Роми, кои се компетентни и квалитетни кадри да извршуваат такви обврски. Не знам, можеби нашите претставници не испреговарале ништо за да придонесат за развој и просперитет на ромската заедница. Но, тоа не смее да остане така. Со години ромското прашање не е отворено како што треба, ниту се постигнати видливи промени и резултати. И ние како граѓански здруженија исто така се боревме за социјална правда, за граѓанско општество, за општество еднакво за сите, сѐ со цел да почнат суштински промени. Истрпевме многу притисоци, закани, инспекции.., а имајќи го предвид социо-економскиот статус на Ромите, навистина очекувавме поголема партиципативност“, вели Шиковска.

DW.COM




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


7 + nine =

%d bloggers like this: