20170617_2_24280064_23228258_Web

(Фото) „Старата скопска чаршија пулсира во ритамот на уметноста“

Убавината со која плени Старата чаршија во Скопје е една од причините поради којашто е меѓу најпосетуваните локации од страна на туристите и локалните жители. Самата прошетка низ нејзините калдрмени улици е магија преку која овде сè уште може да се почувствува минатото – духот на градот. Mали дуќанчиња, занаетчиски објекти, верски објекти, чајџилници, ресторани, музеи и амами се само дел од работите кои може да се најдат на едно место.

20170617_2_24280064_23228254_Web

И покрај реконструкцијата, чаршијата сѐ уште живее во духот на традицијата, во себе криејќи приказни за едно минато кое и денес оставило белег, буквално во секое ќоше. Без разлика од која страна ќе влезете во чаршијата, ќе наидете на голем број дуќанчиња полни со сувенири, различни народни носии, килими и разни рачни изработки, богати излози со облека и модни додатоци, златен накит.

- Анжелика Колева вдахнува освежување низ улиците на старата скопска чаршија

Од неодамна, своето место меѓу големиот број дуќанчиња низ тесната калдрма го пронајде и Анжелика Колева, креаторка на една сосема поинаква уметност. Таа е уметник кој има несекојдневен начин на сликање, односно, слика со прсти, сака да разлева бои. Во разговорот за Аnadolu Agency (AA), Анжелика истакна дека ги претпочита неконвенционалните уметнички форми коишто често ги слика на стари, оштетени грамофонски плочи.

„Започнав да сликам на грамофонски плочи кога имав околу 14 години. Во една пригода ми се случи во кола да ми се извитка грамофонска плоча која ми беше подарок и ми беше многу драга. Не сакав да ја фрлам, па почнав да истурам восок и бои на неа, обидувајќи се да добијам убава слика. Истурав дури и шминки, сенки, креони. И навистина излезе убава, необична и фасцинантна слика. Така почнав да ги цртам и плочите на мојот татко, а тој имаше мошне голема колекција бидејќи беше љубител на музиката“, раскажа Анжелика.

Колева е препознатлива по симболот што се појавува во нејзините уметнички дела и слики – жената.

„Печатот на моите дела и симбол е жената, самата јас затоа што ги пренесувам емоциите од секојдневието. Освен жената, печат на моите дела се и црвените рози кои ги обожувам“, вели за АА Анжелика Колева.

- Старите антикварници, патување низ времето

До дуќанот на оваа уметница се наоѓа една од постарите антикварници во скопската чаршија. За разлика од современиот дух застапен кај Колева, овде ќе ве затекне мирисот на едно одминато, далечно време. На рафтовите во оваа антикварница се наредени музички инструменти, народни носии, униформи, накит и разни предмети и дреболии стари повеќе од 100 години, кои се своевидни временски машини што ќе ве одведат на патување во 19 век, преку деновите на поранешна Југославија, сѐ до осамостојувањето на Македонија.

На ѕидовите висат војнички униформи од Првата и од Втората светска војна, од времето на СФРЈ, парички, македонски носии. Рафтовите се полни со традиционален македонски накит, со првите македонски денари, турски документи, порцелански садови, стари фотоапарати, двогледи, камери, ордени, часовници. Најстариот предмет во оваа антикварница е пушка којашто датира од 1760 година.

- Уличните уметници, чувари на старата архитектура на чаршијата

 

Старата скопска чаршија не би била комплетно магична доколку ги нема уличните уметници. Еден од нив е и сликарот Имер Бајрами, кој веќе 30 години слика и е присутен низ улиците на Скопската чаршија.

„Туристи има многу, претежно Турци, Кинези, Јапонци. Најчесто купуваат слики на коишто е застапена старата скопска архитектура. Ние како уметници придонесуваме многу за чаршијата, затоа што со самата продажба на нашите дела, ја чуваме и ја негуваме старата архитектура, стариот дел од чаршијата од Османлискиот период“, вели Бајрами.

- Калиграфската работилница ѝ дава посебен сјај на чаршијата -

На античкиот изглед на Старата скопска шаршија, посебен сјај ѝ дава и работилницата на Махмут Енес Кемер, студент од Истанбул, кој студира на Меѓународниот балкански университет (IBU), а во исто време се занимава со калиграфија. Тој за АА вели дека работата му помага во неговиот буџет, истакнувајќи дека истовремено на овој начин ги информира посетителите за овој вид на уметност, кој не е многу застапен во Скопје.

Овој млад уметник нагласува дека постои голем интерес од посетителите за калиграфските дела и изрази желба по враќањето во Истанбул, работилницита и неговата професија да продолжи да ја работи некој друг.

„Во почетокот, го пишував моето име и имињата на моите другари, и забележав дека калиграфијата е мошне интересна уметност. Затоа, решив да отворам работилница со цел да ја презентирам оваа уметност во земјава“, вели Кемер за АА, и објаснува дека пред отворањето на работилницата, калиграфските записи на имињата на посетителите ги изработувал по улиците на чаршијата.

Керем ги пишува калиграфските записи на ферман (еден вид хартија со печат, која се користела во старо време за испраќање пораки), но посетителите бараат да пишува и на обична хартија, во рамка, како и на разни материјали за подарок.

20170617_2_24280064_23228255_Web 20170617_2_24280064_23228256_Web 20170617_2_24280064_23228258_Web 20170617_2_24280064_23228259_Web 20170617_2_24280064_23228260_Web 20170617_2_24280064_23228267_Web 20170617_2_24280064_23228268_Web 20170617_2_24280064_23228270_Web 20170617_2_24280064_23228271_Web 20170617_2_24280064_23228272_Web 20170617_2_24280064_23228273_Web




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


four × = 16

%d bloggers like this: