20170618_2_24294357_23257867_Web

Чавушоглу – Иванов: Македонија високо ја вреднува поддршката за интеграција на земјата во НАТО

СКОПЈЕ (АА) – Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, кој престојува во официјална работна посета на Репубика Македонија, придружуван од амбасадорката на Република Турција во Скопје,Тулин Еркал Кара и пратеникот во Парламентот на Турција, Хусеин Бурге, денес се состана со претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, во претседателскиот кабинет на „Вила Водно“ во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).

Според соопштението од кабинетот на претседателот Иванов, на средбата беше разговарано за натамошното продлабочување на билатералните односи и зголемување на соработката меѓу Република Македонија и Република Турција.

„Двајцата соговорници изразија задоволство од традиционалното пријателство и партнерство, како и од интензивната комуникација и соработка во сите сфери од заеднички интерес, кои се потврда за одличните односи меѓу Република Македонија и Република Турција”, пишува во соопштението.

Изразувајќи благодарност за цврстата и принципелна поддршка на Република Турција во однос на стратешки цели на Македонија, претседателот Иванов нагласил дека Република Македонија високо ја вреднува поддршката од Турција за употребата на уставното имe на Република Македонија и интеграцијата на земјата во НАТО.

„По решението на политичката криза време е да се создаде нов поттик за членството на Република Македонија во НАТО. Како и досега, ја очекуваме вашата отворена и гласна поддршка“, истакнал на средбата претседателот Иванов.

Исто така, од кабинетот на Иванов, информират дека министерот Чавушоглу ја реафирмираше поддршката што Република Турција ја дава на европските и евроатланските интеграции на Република Македонија, укажувајќи дека Република Турција ќе биде доследна на таа континуирана поддршка.

Македонскиот претседател и министерот Чавушоглу размениле мислења и информации за состојбите во регионот, за прашањата од надворешно-политички интерес за двете земји, и за потребата од поголема соработка меѓу безбедносните служби на Република Македонија и на Република Турција.

„Во таа насока, претседателот Иванов ја истакна потребата од размена на информации меѓу полициските служби и службите за разузнавање, преземање на заеднички акции, како и изнаоѓањето на ефективни средства и методи за превенција и борба против ширење на насилниот екстремизам и тероризам”, се наведува во соопштението.

Меѓу другото, двајцата соговорници ја поздравиле економската соработка, со очекување за нејзино натамошно интензивирање, како и плодната соработка на полето на одбраната.

„Претседателот Иванов се заблагодари за логистичката поддршка за опремување, едукација и обука на АРМ, како и за досегашната хуманитарна помош добиена од Република Труција”, информираа од кабинетот на претседателот.

Во рамките на посетата на Република Македонија, министерот Чавушоглу ќе се состане со неговиот македонски колега, министерот Никола Димитров.

Исто така, во рамките на посетата, предвидено е министерот Чавушоглу да биде примен и од претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


two − 2 =

%d bloggers like this: