BREAKING NEWS
Search
1

Парламентарните избори во Франција според многу нешта историски

ПАРИЗ (АА) – Политичката опција на францускиот претседател Емануел Макрон, La République En Marche! (LREM) и Демократското движење (MoDem) во вториот круг на парламентарните избори освоија мнозинство во Националното собрание на Франција, Долниот дом на парламентот на таа земја, јавува Anadolu Agency (AA).

20170619_2_24313164_23289490_Web

Вчера во Франција беше одржан вториот круг и така беше завршен процесот на парламентарните избори на коишто Французите избираа нов состав на Националното собрание коешто вбројува вкупно 577 пратенички места.

Според резултатите објавени од страна на надлежното Министерство за внатрешни работи на Франција, во Собранието влегоа 424 нови пратеници, па 75 отсто од составот на тој дом ќе бидат дебитанти.

Сојузот LREM-MoDem освои 350 пратенички мандати, што претставува стабилно мнозинство за формирање на владата на Франција и поддршка на претседателот Макрон за спроведување на реформите што ги најави за време на предизборната кампања, на неодамна одржаните претседателски избори во таа земја.

Сојузот на политичките партии собран околу Републиканската партија на Франција задржа 137 пратенички места во Собранието, додека до неодамна владејачката Социјалистичка партија со своите сојузници успеја да освои 45 мандати.

Радикалната десница, Национален фронт (НФ) ќе има осум, а радикалната левица на Жан-Лук Меланшон (Fl/PCF) ќе има 27 пратеници во Собранието.

Изборниот процес во Франција го одбележа апстиненцијата на 57,36 отсто од гласачите. Ова беа парламентарни избори во Франција со најниска стапка на излезност на гласачите во историјата, а тука треба да се додадат и рекордните 6,93 отсто од неважечките ливчиња што во гласачките кутии ги уфрлија незадоволните гласачи.

И овие избори во Франција отворија дискусија за изборниот процес што во таа земја е конципиран на изборoт на 566 пратеници од исто толку изборни единици во земјата и 11 пратеници од прекуморските француски региони. Имено, политичката опција на Макрон ќе добие 350 мандати во Парламентот, а освои цели 8,9 милиони од вкупно 47,3 милиони гласачи во Франција. Така, за стабилно мнозинство на сојузот на Макрон беше доволна поддршката од 18,88 отсто од вкупниот број на гласачи.

Меѓу 424 пратеници кои за првпат во политичката кариера влегуваат во Националното собрание на Франција е и челницата на радикалната десница и поразената кандидатка за претседател, Марин Ле Пен. Таа меѓутоа, не ќе може да формира сопствен клуб на пратеници во Собранието.

Покрај Ле Пен, во Собранието првпат влегоа и тројца пратеници од редот на Партијата за Корзика (Pe e Corsica), којашто се залага за осамостојување на тој француски остров.

Вчерашните избори ја потврдија несреќата и најтешкиот пораз на Социјалистичката партија во историјата. Генералниот секретар на француските социјалисти Жан-Кристоф Камбаделис веќе поднесе оставка и ја прифати одговорноста за лошата политика на партијата.

Денес се очекува премиерот на Франција, Едуард Филип, формално да поднесе оставка на владата, а претседателот на државата, Макрон, веќе два дена подоцна би требало повторно да го именува за мандатар на новиот кабинет што ќе ја врши должноста во наредниот петгодишен мандат.

Првата конститутивна седница на Националното собрание на Франција би требало да биде одржана на 27 јуни, а една недела подоцна, новиот-стар мандатар Филип би требало пред Собранието да го претстави планот за работа на неговиот кабинет и од пратениците да бара доверба за мандат.

 




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


nine × = 18

%d bloggers like this: