20170619_2_24312641_23288760_Web

(Видео) Драгаш: Пеливаните ја чуваат повеќевековната традиција од заборав

ДРАГАШ (АА) – На полјаната наречена Мејдан, на надморска височина од илјада метри, во регионот Oпоља, дел од општина Драгаш на крајниот југ од Косово, на границата со Македонија и Албанија, повеќе од илјада љубители на пеливанството, на дожд и многу студено време уживаа во натпреварувањето на педесетина борци во оваа древна вештина којашто на овие простори се негува близу шест века.

20170619_2_24312641_23288768_Web

Освен од Косово, дојдоа натпреварувачи и од соседна Македонија, Албанија и од Бугарија. Подготовувајќи се за борба, секој еден од нив најпрво се намачка со масло за јадење по телото до појасот, но и облекоа шиени кожени панталони, специјално за таа намена, наречени киспет.

Тоа има повеќекратна улога. Најпрвин ја зајакнува и ја штити кожата, и го отежнува фаќањето, но, како што појасни за Anadolu Agency (AA) д-р Сулејман Шаља, професор по физичка култура при Универзитетот во Приштина, „се бришат и разликите во килажата и до израз доаѓаат конативните и когнитивните способности“.

„Тука до израз доаѓа мозокот, и тие можат со различни движења и со кондиција да се изедначат. Има случаи кога победиле оние што се многу полесни од противникот, и тоа благодарение на маслото за јадење“, тврди професорот Шаља.

Во кругот од околу 15 ари, постојано се одржуваат борби. Некои траат и по час и половина. Сето тоа го следат судиите, главно поранешни пеливани, некои од нив и повеќекратни шампиони во овој спорт од поранешна Југославија.

Музичари свират на зурли и на тапани. Тие се специјално облечени за овој повод, почнувајќи со кожени опинци и волнени панталони, ја следат секоја борба и го забрзуваат ритамот во согласност со ситуацијата на теренот. Победникот, пред да оди во следната борба, со својот партнер поминува и во кеса собира пари од посетителите, а потоа парите ги делат на два еднакви дела.

„Причината зошто зедов учество на ова натпреварување е мојата желба традицијата да продолжи. Неколку месеци се подготовував и успеав да победам. Ова не ми е прв натпревар, неколкупати зедов учество на разни регионални и меѓународни натпревари, но ова во Опоља ми е некако најмило“, вели Вељи Сусури од околината на Призрен.

Шукри Хасани дојде од Скопје и изгуби во втората борба.

„Постам и ми беше тешко. Доаѓам од Македонија и имав голема желба да учествувам на еден ваков традиционален натпревар. Изгубив во финалето од домаќинот, но тоа беше моја грешка, бидејќи не се подготвував доволно“, рече за АА Хасани.

Меѓу гледачите имаше најмногу од подрачјето на Драгаш, но и од соседните Призрен, Приштина и од другите делови на Косово, како и од Македонија и од Албанија.

„Ова е долгогодишна традиција, ја памтам од детството. Тоа е стар спорт, кој од многу одамна се одржува во Драгаш. Претходно натпреварот се одржуваше на 1 мај, Денот на трудот “, рече Салајдин Хајредини.

Професорот Шаља, чии тројца синови се натпреваруваа и освоија први места, појаснува дека пеливанството во Косово, особено во општината Драгаш е традиција стара над 560 години.

Според него, тоа води потекло од Кирк-бунар во Турција, каде што своевремено се бореле султановите војници.

„Во Кирк-бунар, пеливанските борби се одржуваат секој јуни. Тука кај нас, во Косово, Македонија и во Албанија, на местата каде што живеат муслимани. Најмногу за време на државните празници, на свадбите. Луѓето кои имале финансиски услови секогаш се бореле, и тоа беше чест и за селото и за регионот во којшто живеам“, вели Шаља.

Објаснувајќи ги карактеристиките на овој спорт, тој вели дека кај пеливаните нема категорија, а според тоа нема ниту мерења.

„Овде им се дава шанса на оние кои се помудри, оние кои се пофлексибилни и имаат кондиција. Ова е единствениот спорт во светот што им дава можност на луѓето што имаат помала тежина да се борат со оние што имаат поголема тежина, што во другите спортови го нема. Секому му се дава можност и шанса. И навистина, на крајот победуваат не оние најсилните, туку оние кои се поснаодливи и ги користеле конитивните и когнитивни способности“, истакна тој.

20170619_2_24312641_23288758_Web 20170619_2_24312641_23288760_Web 20170619_2_24312641_23288764_Web




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


× nine = 9

%d bloggers like this: