thumbs_b_c_7a2f3157fd217605b26af1c6f6f4a5f3

„Ќе ги посетиме децата бегалци за да им покажеме дека се грижиме за нив“

СКОПЈЕ (АА) – По повод 20. јуни – Светскиот ден на бегалците, претставниците на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ и на невладината хуманитарна организација „Легис“, кои активно беа вклучени во справувањето со бегалската криза уште од нејзиниот почеток – пред две години, кога бегалците од земјите од Блискиот Исток, најголем број од нив од Сирија, ја поминуваа Македонија како дел од балканската бегалска рута – денес ќе заминат за Турција со цел да реализираат хуманитарна акција.

Имено, претставниците на овие две хуманитарни организации ќе го посетат кампот за деца без родители и родителска грижа во Хатај, во непосредна близина на границата со Сирија, каде што се сместени околу 360 деца на кои ќе им бидат доделени пакети со храна и облека.

Во разговор за Anadolu Agency (AA), Реџепи и Змијанац информираат дека ќе го финализираат заедничкиот проект којшто трае повеќе од два месеца, а тој се состои од две етапи.

Во првиот дел од проектот беа вклучени различни субјекти и беа организирани различни информативно-едукативни настани со цел подобро и посеопфатно да биде разбрана голготата низ којашто минуваат бегалците од Блискиот Исток, особено децата, додека во вториот дел, кој што е хуманитарен, решија да направат нешто за децата бегалци од сирискиот град Алепо во којшто со години наназад се војува.

„Решивме дека ќе направиме нешто за децата коишто се евакуирани од Алепо во камповите низ Турција, со нашите партнери во Турција со кои планираме да го направиме и ќе биде реализирано на 20 јуни. Ние, како претставници на граѓаните кои донирале од Македонија, да поминеме еден временски период со тие деца, да им ги пренесеме пораките на мир и пораките за грижа. Освен што ќе бидат дадени пакетите со храна, ќе биде доделена облека. Сакаме во овие последни денови од месецот Рамазан, да поминеме ифтари со нив“, вели Јасмин Реџепи од невладината хуманитарна организација „Легис“ од Скопје.

„Во 2016 година се случи страшна офанзива, големо етничко чистење, каде што голем број луѓе поради војната ги напуштија своите домови бидејќи Алепо беше забарикадиран. Тука реагираше меѓународната јавност, најмногу Турција, коишто ги извлекоа цивилите и им дадоа засолниште во Турција. За ова треба да знае светот. Не може децата да страдаат, затоа треба да се слушне нивниот глас дури и од Македонија. Не смееме да дозволиме да се случуваат такви страдања, важно е некој некаде во светот да знае за нивните страдања и тие да не бидат заборавени“, додава Реџепи.

Во разговорот, тој информираше дека партнер во овој проект е ИХХ, којашто е една од најголемите хуманитарни организации во Турција.

Драги Змијанац, претседател на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, вели дека пораката „Македонија со љубов за Алепо“, допрела до граѓаните, кои покажаа солидарност.

„Преку програмата за мировно образование, се активираа професори за да помогнат во собирањето средства. Имаше активности со ‘Легис’. Морам да кажам дека, лично, задоволен сум од интересот на граѓаните. Ќе појдеме таму за да им дадеме поддршка на децата. Ќе упатиме порака дека најголеми жртви во секој воен конфликт се децата“, рече Змијанац.

Според него, на децата секаде во светот треба да им се овозможи елементарно почитување на нивните права, но кога има војни и егзодуси, не може да се очекува да бидат почитувани нивните права.

„Македонија соодветно се справи со бегалската криза. Околу прифаќањето на судбината на луѓето имаше емпатија, сочувство кај граѓаните, и не се создаде отпор кон помагањето и поддршката на децата“, потсетува Змијанац.

Откако ќе го завршат предвиденото, Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ и невладината хуманитарна организација „Легис“ од Скопје, во Македонија ќе одржат јавен настан каде што со јавноста ќе ги споделат впечатоците и подетално ќе информираат за реализираниот хуманитарен проект за децата бегалци.




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


+ one = 5

%d bloggers like this: