jasmin

„Со инцидентите во Ал Акса Израел го опипува пулсот на муслиманите во светот“

СКОПЈЕ (АА) – Насилствата кои ги вршат безбедносните сили на Израел во комплексот на џамијата Ал Акса во Ерусалим, во последните денови се во фокусот на светската јавност. Бројни интелектуалци, политичари, меѓународни организации, активисти за човекови права и хуманитарци го осудуваат однесувањето на Израел кон муслиманите и кршењето на основите човекови права и слободи.

Јасмин Реџепи, хуманитарен активист од Скопје, коментирајќи ја ситуацијата во Ал Акса во изјава за Anadolu Agency (AA), вели дека целата меѓународна заедница веќе 69 години паѓа на еден ист тест – палестинското прашање.

„Тоа се состои од ред прекршувања на меѓународни закони и конвенции на војување од страна на досегашните израелски раководства, меѓу кои најгорливи се непризнавањето на Палестина како држава, окупацијата на Западниот Брег, блокадата и агресијата врз Газа, невраќањето на палестинските бегалци во нивните уништени и колонизирани села, илегалните израелски доселеници и нивните илегални населби, уништувањето и присвојувањето на палестинското културно и религиско наследство“, смета Реџепи.

Од последниот дел, вели тој, како најосетливо прашање се издвојува забраната за извршување молитви за муслиманите во џамијата Ал Акса.

„Оваа забрана се должи на поставувањето наводни детектори за метал на влезовите од џамијата, кое Палестинците ја одбија. Детектори за метал во нашите земји има на влезот на секоја институција, па оттука и мислењето на светската јавност дека Палестинците неправедно протестираат. Всушност, се работи за обележување територија на владеење и моќ за одлуки од израелските власти за Палестинците“, наведува хуманитарниот активист Реџепи.

Според него, тука станува збор за големи и комплексни детектори и кафези за контрола на толпа и влез. Вели дека такви контролни пунктови има секаде каде што Палестинците треба да излезат од своите населби кон други градови.

„Тоа се пунктови кои имаат за цел да го искомплицираат и оддолжат влегувањето во џамијата, да направат посетителите да се почувствуваат понижено, да ги обесхрабат за да не доаѓаат често, смалувајќи го со тој чин бројот на посетители, оправдан преку мерките за безбедност. А намалениот број на посетители, пак, е во корист на политиката на присвојување на свети места и џамии од страна на израелските власти, па така, по многуте обиди на еврејските екстремисти насилно да влезат и да се молат во Ал Акса, предизвикувајќи инциденти, окупаторските власти ќе го сторат истото како со џамијата на Ибрахим. Имено, ќе предложат еден ден за молитва на евреите, па потоа наизменично да се менуваат секој втор ден, за на крајот да остават еден ден само за муслиманите, оправдувајќи ја таа одлука со смалениот број на посетители, што ќе резултира со остварување на големиот ционистички сон – изградба на еврејскиот храм, чијшто археолошки дел е Ѕидот на плачот”, истакнува Реџепи и додава:

„Кога сме кај археологијата и присвојувањето историски објекти, треба да се спомнат и над шеесет тунели под стариот град и џамијата Ал Акса, кои откако археолошки ќе се исцрпат ќе предизвикаат колабирање на ѕидовите на комплексот Ал Акса и шанса за изградба на еврејскиот храм“.

Според неговото мислење, овие планови, провокации и насилства се само опипување на пулсот на муслиманите и на нивните влади во светот.

„За првиот инцидент во Ал Акса во 1967 година, тогашната премиерка на Израел, Голда Маер, изјавила: „Таа вечер не спиев од страв дека сите Арапи и муслимани ќе дојдат во Ерусалим да ја одбранат Ал Акса. Но, штом немаше никаква реакција си реков дека лесно ќе поминеме со сите нив“. „Ерусалим е свет град за евреите, христијаните и за муслиманите”, потсетува Реџепи.

Меѓу другото, овој хуманитарен активист посочува дека џамијата Ал Акса е трета света џамија за муслиманите, велејќи дека „тие како тогаш, така и сега, немарно се однесуваат и дозволуваат израелската влада да ги присвојува палестинските културно-историски објекти и религиозни објекти на муслиманите и на христијаните, при тоа не осврнувајќи се на човечките жртви кои овие инциденти ги носат”.

Исто така, Реџепи се осврнува на фактот што Палестинците-христијани, како што вели, свесни за овој проблем, масовно им даваат поддршка на своите сограѓани и излегуваат заедно на протести, каде биваат еднакво злоставувани, тепани и затворани.

„На таа суровост се сеќавам секој пат кога ги гледам случувањата, бидејќи лично сум ја почувствувал при нападот на хуманитарниот брод Мави Мармара во 2010 година“, се присетува Реџепи и порачува:

„Додека граѓаните протестираат и го креваат гласот за одбрана на светата џамија и на овозможувањето на правото за молитва во неа, владите и владетелите на муслиманските и арапските земји молчат – небаре ништо не се случува. Освен реакцијата на турскиот претседател, осамениот глас во одбрана на Ал Акса и Палестина, арапските кралеви и емири се длабоко зафатени во меѓусебните војни за тронови, слепо исполнувајќи ја старата римска изрека ‘раздели па владеј’, во корист на Израел и неговите сојузници“.




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


four × = 36

%d bloggers like this: