BREAKING NEWS
Search
kabe

Идните аџиите од регионот подготвени за аџилак

СКОПЈЕ/ТИРАНА/ПРИШТИНА (АА) – Надлежните институции од регионот на Балканот за организирање на аџилакот на муслиманските верници веќе се подготвени, а регистрациите се завршени. Стотици верници од Македонија, Косово и од Албанија во последната недела од овој месец ќе тргнат кон светото место за да го извршат петтиот столб на исламот, аџилакот.

- Реџепи: За првпат ни бараат 300 евра по лице за шаторите на Арафат -

Од Македонија ќе тргнат 70 аџии повеќе од минатата година, односно 800 аџии, меѓу кои и најмладиот, едно тригодишно момче, додека најстариот има 70 години. Од Исламската верска заедница на Македонија (ИВЗ) за Anadolu Agency (AA) истакнаа дека аџиите кои се поделени во три групи, ќе тргнат на 25 и 26 август, сите процедури за тргнување на аџилак се завршени, вклучувајќи ја и лекарската контрола.

Поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, во разговор за АА нагласи дека хотелот каде што ќе бидат поставени аџиите ќе биде во близина на светите места, каде ќе се извршуваат верските ритуали и до нив може да се стигне и пеш. Тој изјави дека аџиите постојано ќе бидат придружувани од професионална лекарска екипа.

Услугата за вакцинирање на аџиите се реализира од страна на Министерството за здравство. Поглаварот на ИВЗ пренесе дека оваа година е намалена и цената на процедурата за вакцинирање, која до минатата година изнесуваше 2.500 денари (40 евра), додека оваа година чини само 1.000 денари (16 евра). Реџепи истакна дека оваа сума на услугата за вакцинирање се плаќа од страна на ИВЗ, додека вакцините не се плаќаат бидејќи веќе неколку години се донираат од страна на Заедницата за верски прашања на Турција (Дијанет).

Сепак, Реџепи изрази загриженост во врска со, како што рече, плаќањето за шаторите каде што ќе престојуваат аџиите на Арефат, нешто што е барано за првпат и за истото не биле известени навреме.

„Изненадени сме со една новост за која не бевме информирани, и тоа како што изгледа не само ние, туку сите институции кои се авторизирани за организирање на аџилакот не биле информирани навреме. Ова за првпат се случува во Саудиска Арабија, да се плаќа престојувањето во шаторите на Арефат, и тоа 300 евра по лице“, вели Реџепи.

Тој пренесе дека веќе испратиле едно барање до Министерството за Аџилак и до компанијата одговорна за аџиите од Европа и од САД, каде барале оваа година да не плаќаат или делумно да партиципираат, поради тоа што, како што вели, оваа цена не била предвидена во аранжманите за аџиите.

Цената за вршење на петтиот столб од исламот (аџилакот) за муслиманските верници од Македонија изнесува 3.900 американски долари, исклучувајќи ги 300 евра за шаторот на Арефат за што не се знае дали ќе се плаќа. Тие ќе патуваат со авионската линија Скопје-Џеда, додека враќањето ќе биде на 9 септември од Медина кон Скопје.

- 450 идни аџии патуваат од Албанија и од Црна Гора -

Стотици муслимански верници од Албанија ги завршија своите подготовки за патување до светите места за извршување на аџилакот.

Оваа година од Албанија на аџилак ќе заминат околу 450 верници, од кои дел и верници од Црна Гора, а ќе тргнат на 21 август.

Вкупната цена за извршување на аџилакот за муслиманските верници од Албанија изнесува 3.000 евра.

Оваа година бројот на верници регистрирани за извршување на еден од петте столба од исламската вероисповест, е поголем во споредба со минатата година, кога на аџилак патуваа околу 370 верници.

- 1.079 верници од Косово ќе заминат на светите места -

Генералниот секретар на Исламската верска заедница на Косово, Ресул Реџепи, информираше дека 1.079 муслимански верници ќе патуваат на аџилак оваа година, од кои 37 лица од тимот на водичи на групите, тројца главни водичи, како и осум лица од лекарскиот тим.

Истакнувајќи дека бројот на аџиите минатата година бил 860, Реџепи истакна дека оваа година 1.079 муслимански верници ќе патуваат во пет групи од Приштина кон Мека и кон Џеда, а ќе се вратат од Медина.

Тој нагласи дека авионите ќе тргнат на 19, 20 и 21 август, а враќањето од аџилак ќе биде на 16 и 17 септември.

Во врска со цената на аџилакот, Реџепи информираше дека таа е иста со минатата година, односно 3.400 евра. Според него, тешко е да се гарантира дека истата цена ќе се задржи и во наредните години поради тоа што во изминатите години не требало да се плаќа по 300 евра за престојување на Арафат, како и 500 евра за лицата кои претходно еднаш или двапати биле на аџилак, а ќе сакаат да патуваат повторно.

Од друга страна, надлежните од Саудиска Арабија соопштија дека досега во Медина веќе пристигнале 300.000 аџии од различни земји во светот, и дека оваа бројка секој ден се зголемува.

Според соопштеното, еден дел од аџиите отпатувале во Мека откако ја завршиле посетата на Медина.




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


five − = 0

%d bloggers like this: