thumbs_b_c_1f740cb995590d63db01465828b5c5a3

Заев-Главчев: Местото на Македонија е во НАТО и во ЕУ

СКОПЈЕ (АА) – Премиерот на Македонија, Зоран Заев, денеска оствари средба со претседателот на 44. Народно собрание на Република Бугарија, Димитар Главчев, на којашто е констатирано дека продолжува развивањето на соработката меѓу двете земји во позитивна насока, откако е потпишан Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, јавува Anadolu Agency (AA).

Во соопштението од кабинетот на премиерот на Македонија се наведува дека во очекување на ратификацијата на Договорот за добрососедство, во парламентите веќе се воспоставени контакти меѓу бизнисмени од двете земји, што ќе придонесат за економскиот развој на двете соседски земји и ќе отворат можности за соработка во повеќе области, како што се земјоделството и културата.

„Договорот отвора перспективи и за Република Македонија и за Република Бугарија, и бенефит ќе имаат граѓаните на двете држави. Унапредувањето на двете соседски држави, Македонија и Бугарија, испраќа силна порака во регионот и пошироко, дека земјите сами можат да ги надминат сите отворени прашања, ако за тоа постои искрена политичка волја“, истакна премиерот Заев.

Исто така, во соопштението се вели дека премиерот Заев изразил благодарност за поддршката од Бугарија во однос на евро-атлантските перспективи на Македонија.

„Местото на Република Македонија е во НАТО и во ЕУ, и Република Бугарија ја поддржува Република Македонија на тој пат“, истакна претседателот на бугарскиот Парламент, Главчев.

Главчев, нагласи дека потпишаниот Договорот отворил нова страница во односите помеѓу двете земји, и дека е сега ред и на парламентите да придонесат кон продлабочувањето на таа соработка.

Според соопштението, на средбата заеднички е заклучено дека регионалната соработка е значајна за евро-атлантската иднина којашто му е потребна на целиот Балкан, како и дека односите помеѓу Македонија и Бугарија се добар пример за тоа.

Главчев престојува во работна посета на Македонија, по повод вдлабочувањето на соработката по потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Македонија и Бугарија. Тој претходно се состана со претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери.

Besar Ademi/AABesar Ademi/AA

 

Од кабинетот на претседателот на Собранието на Македонија соопштија дека Џафери на средбата нагласил дека е дојден моментот за отпочнување на нова страница во односите меѓу двете земји, при што се заблагодарил на поддршката која Бугарија ѝ ја дава на Македонија.

Тој, исто така, ја поздрави одличната соработка меѓу претседателите и пратениците на двата парламента во сите последователни мандати.

„Ова ќе се интензивира во иднина, особено во светло на потпишаниот Договор за пријателство, добрососедство и соработка од страна на премиерите на Република Македонија и на Република Бугарија“ вели Џафери.

Од друга страна, Главчев на средбата, оценувајќи дека со потпишувањето на договорот започнува нова историја во односите на двете држави, искажа уверување дека Народното собрание на Република Бугарија повторно ќе ја даде поддршката со ратификација на договорот, исто како и поддршката за демократските процеси во Република Македонија и за потпишувањето на договорот.

„Со договорот се отвораат нови хоризонти за соработка на сите полиња, вклучително и меѓу двата парламента на ниво на комисии и групи за соработка, на теми од заемен интерес , а особено од интерес на Република Македонија и исполнувањето на критериумите за нејзина евроатлантска интеграција“, истакна Главчев.

Според соопштението, претседателот Главчев го поканил претседателот Џафери да присуствува на ратификацијата на договорот во Народното собрание на Република Бугарија.




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


2 + eight =

%d bloggers like this: