австријакампања

Австрија во валкана изборна кампања

Политичката сцена во Австрија врие во кампањата за парламентарните избори, закажани за 15 октомври. Вриежот наликува на балкански. Социјал-демократската партија (СПО) е соочена со скандал поради тајна операција која треба да фрли лоша слика за противникот на изборите – демо-христијанската партија (ОВП).

Според австриските медиуми, членови на кампањата на СПО се осомничени дека воделе црна кампања полна со клевети против Себастијан Курц, младиот шеф на австриската дипломатија во големата коалиција што во моментов е на чело на земјата и истовремено претседател на конзервативната партија ОВП.

Во текот на кампањата се појавија два Фејсбук профили на коишто можат да се прочитаат клевети и монтирани видеа против Курц, 31 годишниот политичар кој ги има сите шанси да стане следниот австриски премиер.

Профилот наречен «Сé за Себастијан Курц» изобилува со вести кои младиот политичар го претставуваат како човек кој ќе им ги отвори портите на Австрија милиони мигранти. Целта, според медиумите, е да се натераат гласачите на екстремната десница во Австрија да не гласаат за Курц.

Вториот профил има за цел да го оттргне умерените гласачи од симпатиите што ги покажуваат кон Курц.

Веќе неколку дена медиумите пишуваат дека зад оваа пропаганда стојат лица од кампањата на СПО.

Два дена по избивањето на овој скандал, вториот човек на СПО и директор на кампањата Георг Нидермулбихлер даде оставка а австрискиот канцелар, социјал-демократот Кристијан Керн остро отфрли било каква вмешаност на СПО во оваа црна пропаганда против Курц и ја оцени за «неморална» и «неверојатно глупава».

Според анкетите социјал-демократите немаат големи шанси за победа на овие избори и сега се борат за второто место, по демо-христијаните а пред екстремната десница.

Медиумите тврдат дека зад црната кампања против Курц стои израелски стратег Тал Силберштајн кој наводно бил автор на двете Фејсбук страни и го критикуваат Керн поради тоа што влегол во овој потфат со Израелецот.

За Силберштајн велат дека во Романија се води истрага против него поради измама.

Освен тоа, медиумите откриваат дека демо-христијаните му дале пари на еден член на екипата на Силберштајн за да каже што се случува.

Социјал-демократите го прекинаа договорот со Силберштајн во август кога дознаа дека тој бил уапсен во Израел во рамките на меѓународна истрага за перење пари.

Извор:НоваТВ




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


− 5 = one

%d bloggers like this: